Со пензијата на Маневски, Бучковски го крие својот криминал?!
Загубени во архивите
Исплашени дека Апелациониот суд ќе ја потврди првичната пресуда, адвокатскиот тим на обвинетите во случајот “Резервни делови”, за кој е осуден и Бучковски, се обидел една од жалбите наместо во конкретниот предмет да ја заведе во предметот “Змиско око”. “Така, кога судот би одлучил, новата пресуда против Бучковски би испадна фалична и лесно би можела да биде укината од Врховниот суд. Во таквиот случај, целиот предмет повторно се враќа на судење”, откриваат извори од Апелација
Пишува: Редакција Форум
Како фурија пролета пратеничкото прашање на Владо Бучковски до премиерот Никола Груевски за тоа како челникот на Владата не знаел дека на неговиот министер за правда Михајло Маневски му била исплатувана и плата и пензија. Бучковски својата приказна лесно ја поткрепи со документи од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Затемнуваше имиња, а откриваше “мрсни” детали за кривични дела во кои учествувал министерот. Бучковски не ни криеше дека тоа што таргетот е стриктно поставен на Маневски, било негов дел од задачата.
“Моите сознанија за Маневски и започнувањето на случајот 'Маневски' беше мој дел од активностите кои јас ги покривав, сè друго не можам да коментирам”, вака пратеникот на СДСМ им објасни на новинарите зошто иницијативата ја покренува само против министерот, а не и за неговите колеги пратеници кои исто така добивале пари од два државни извора.
Но, зошто токму на Бучковски му е потребно да го нападне Маневски?
Извори на Форум во Апелациониот суд откриваат дека мотивите се наоѓаат во предметот “Резервни делови за тенкови”, за кој пратеникот е веќе осуден од Основниот суд на 3 и пол години затвор, а деновиве се очекува пресуда од повисокиот суд.
“ЗМИСКО ОКО” ПАРАВАН ЗА “РЕЗЕРВНИ ДЕЛОВИ”
Во приказната за тоа каква е поврзаноста на министерот за правда и предметот се испреплетуваат имиња на адвокати, судии, државни службеници, пратеници. Според она што го открива изворот, сè почнало кога на пресудата од Основниот суд на почетокот од годинава во случајот “Резервни делови за тенковите Т-55” биле поднесени жалби до Апелациониот суд.
Основниот суд Скопје 1 лани во декември го прогласи за виновен експремиерот и поранешен министер за одбрана Бучковски за злоупотреба на својата положба и функција и му одреди казна затвор од 3 и пол години. Бучковски се товари дека со злоупотреба на својата положба и функција набавил енормни количини резервни делови за тенковите Т-55 во текот на 2001 г. и со тоа го оштетил Буџетот за околу 2,5 милиони евра. Покрај сегашниот пратеник на СДСМ, казна затвор од 3,5 години доби и поранешниот началник на ГШ на АРМ, генералот Методиј Стамболиски, а по три години затвор и советникот во МО Ацо Ѓурчевски, раководителот на Секторот за логистика Нелко Менкиновски и директорот на МЗТ-ФОП, Митре Петковски.
Незадоволни од тоа каква пресуда е донесена, адвокатите на сите обвинети најавија жалби. Жалби се поднесени, но до кого и каде биле ставени?
Исплашени дека Апелациониот суд ќе ја потврди првичната пресуда, адвокатскиот тим на обвинетите преку спрегата што ја имаат со судии и судски службеници решава “да ја затури” една од жалбите. Така, кога судот би одлучил, новата пресуда би испадна фалична и лесно би можела да биде укината од Врховниот суд. Во таквиот случај, целиот предмет повторно се враќа на судење.
“Адвокатот на Менкиновски и неговите луѓе во Кривичниот суд, но и една судијка во Апелација, успеале жалбата наместо во предметот 'Резервни делови' да ја вметнат во предметот 'Змиско око'. Тој предмет содржи стотици страници документи и докази кои зафаќаат цела просторија. Наоѓањето на жалбата во таков случај би било невозможно”, открива изворот. Адвокат на Менкиновски е Јово Трпеновски кој беше недостапен на својот мобилен телефон. Случајот во Апелација го води судијката Виолета Дума, која моментно е на боледување.
Сепак, потврда дека имало 'проблем' со една со една од жалбите потврдува претседателот на Апелациониот суд, Јордан Митриновски.
“Колку што бев информиран, една од жалбите на обвинетите не беше доставена или фалеше нешто. Не знам за која жалба, од кој обвинет и на кого не била пратена. Тоа е работа на судијата-известител за случајот”, вели Митриновски.
Но, приказната не завршува. Еден од обвинетите во случајот “Змиско око” пролетва покренува постапка против државата Македонија пред Меѓународниот суд за човекови права. Јавното правобранителство и Министерството за правда почнуваат да се подготвуваат за одбрана пред Стразбур. Службеничка од Министерството била задолжена да го “исчешла” целиот предмет.
“Во купиштата документи и докази службеничката ја пронашла намерно заталканата жалба од 'Резервни делови за Т-55'. Од кога тоа го јавила на своите надлежни, било ургирано до претседателката на Кривичниот суд Добрила Кацарска жалбата да биде соодветно пратена во предметот. Откако тоа не се случило, преку судските службеници целиот предмет 'Резервни делови' бил отпишан од судската евиденција и наново запишан заедно со жалбата која била скриена”, открива изворот од Апелациониот суд.
Така, главниот адут за оспорливост на пресудата против Бучковски подготвен од адвокатите, паднал во вода.
Ова не е прв случај на мешање на предметите во судот. Форум пред една година објави дека целиот случај за атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров бил ставен во метална кутија во архивата на завршени предмети иако не е таков, со цел истиот да се забошоти.
КОЈ ГО ИСПРАТИЛ МАНЕВСКИ ВО ПЕНЗИЈА?!
За да делумно го сврти вниманието на јавноста од својот предмет, но и лут затоа што пресудата на Апелациониот суд сепак ќе биде полноважна и нефалична, како што првично се надеваше адвокатскиот тим на обвинетите во случајот “Резервни делови”, Бучковски наводно тргнал во смена на Маневски.
Владини извори потврдуваат дека Маневски одредено време земал и пензија и плата, но и самиот не знаел за тоа. Откако Бучковски јавно го изнесе случајот, министерот наредил во Службата за кадровски работи во Владата да се прочешла целата документација и да се види што точно е сторено во однос на пензионерскиот статус на Маневски.
Она што го откриле е всушност документот што Бучковски најпрво му го даде на Груевски, а потоа без зацрнети делови како крунски доказ му го понуди на јавниот обвинител Љупчо Шврговски. Според пратеникот на СДСМ, затемнетите делови всушност криеле информации за тоа кој ги изработил документите од кои се гледа дека Маневски во периодот по 1 јануари бесправно земал и плата и пензија, како и тоа за кого биле наменети документите т.е. кој ги нарачал.
“Е, тука се појавува името на Миланчо Успрцов, владин службеник во Службата за кадровски прашања, инаку поранешен член на кабинетот на Бучковски во времето додека тој беше министер за одбрана. Успрцов, наводно, во текот на март го одјавил Маневски од Фондот на ПИОМ како вработен во Владата, со што на министерот повторно му се активирал пензионерскиот статус, за потоа пак да го пријави како вработен”, вели изворот.
По ова, во Владата била направена целосна истрага, компјутерот на Успрцов бил запечатен, а биле проверувани и службите во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Официјална потврда за тоа дали Успрцов има врска со целиот случај и дали воопшто соработувал во координација со Бучковски, не даваат. Она што јавно го објавува Владата е дека во случајот Маневски станува збор за административна грешка за која одговорноста е кај одредени поединци кои ќе бидат казнети.
“Раководните органи на засегнатите институции каде што настанале пропустите од административна природа, по спроведена интерна постапка согласно со законите и подзаконските акти, во пропишана процедура, утврдија постоење на одговорност кај одговорни службеници, кои ќе бидат санкционирани согласно со позитивните законски прописи”, се вели во соопштението на Владата.
Оттаму, иако директно не посочуваат кон Бучковски, сепак и нему му испраќаат порака.
“Владата на Република Македонија повикува, во иднина ваквите грешки на административните службеници да не се злоупотребуваат од страна на поединци и групи, и да не се манипулира со селективно прикажување на податоци, како обид за остварување дневнополитички интереси на индивидуи или групации”, велат во Владата.
Бучковски признава дека му е настрвен на Маневски
Пратеникот Бучковски во два наврата призна дека во министерот Маневски гледа виновник за судскиот процес што се води против него за злоупотреба на 2,5 милиони евра државни пари. Првиот пат беше лани во декември, кога Кривичниот суд ја донесе пресудата со која предвидува 3 и полгодишна казна за пратеникот. Тогаш Бучковски тврдеше дека пресудата била напишана надвор од судот под политички притисок. Тогаш на прашањето: “Кој посакува Бучковски кривично да одговара?”, тој рече: “Ова не е тешко да се одговори, затоа што се знае извршителот. Тоа е министерот Маневски кој добива наредби лично од премиерот. Тој и така стана министер поради специјални заслуги. Ова не е пресметка на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа, мојот случај го осудуваат и членови на оваа партија кои не ја поддржуваат селективната борба против криминалот”.
Вториот пат е минатата недела, кога му ги доставуваше доказите против министерот на јавниот обвинител Шврговски. На прашањето дали гледа поврзаност помеѓу неговиот случај и тоа што ја открива аферата за Маневски, Бучковски одговара:
“Не кријам дека имам дополнителен мотив да докажам дека самопрогласениот џелат во сите политички монтирани процеси не може да биде синоним за правда, туку ќе остане запаметен во меморијата на граѓаните како синоним за неправда”.
Пресудата донесена, ама неформално
Апелациониот суд Скопје еднаш веќе го разгледал предметот и наводно бил на мислење да ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје 2, со која Бучковски е осуден на три и пол години затвор. Оваа информација беше и објавена на веб-порталот на Форум – форум.цом.мк.
“Пласирањето на информацијата е груба лага и невистина. Со злоупотребата на новинарот, се открива синџирот на рекетарство кој функционира во политички монтираните судски процеси со што се врши притисок врз Апелациониот суд пред одржување јавна седница наесен. Со ваквата гнасна конструкција се манипулира и декуражира јавноста, која е мојот најсилен сојузник во битката за победа пред Апелациониот суд во Скопје, оваа есен”, изјави Бучкоски.
http://forum.com.mk/#_tools/article/5415/view
Tekstov treba da se prochita. Ako i 1% ima vistina rabotata e zastrashuvachka.
Ni metodot na Concrete nema da pomogne-strelachki VOD e premalku......