- Член од
- 29 ноември 2008
- Мислења
- 5.970
- Поени од реакции
- 3.574
Реал Мадрид е шпанско спортско друштво, најголемо во таа држава, заедно со Барселона, а исто така и едно од најголемите и најпознатите во светот. Фудбалскиот клуб Реал Мадрид според ФИФА, е прогласен за најдобар клуб на 20 век. Во состав на тоа друштво се наоѓа и кошаркарскиот тим, со целосно име Реал Мадрид-Тека. Адресата на Реал Мадрид е Avenida de Concha Espina 1, 28036 Madrid.
Реал игра на еден од најубавите стадиони во Европа, Сантијаго Бернабе, кој името го добил по својот најголем претседател во историјата на тимот. Во својата историја, Реал Мадрид е рекордер по бројот на освоени титули во Лигата на шампионите, или поранешниот Куп на Европски шампиони. Тоа натпреварување од страна на Реал е освоено 9 пати, а домашното првенство 31 пат, што е најмногу од сите шпански тимови.
Во склоп на Реал Мадрид постои уште и резервниот тим Реал Мадрид Кастиља, за кој играат младите играчи од школата на Реал Мадрид.
Во текот на историјата мадридскиот клуб имаше многу прекари. Нашироко е познат како кралскиот тим, што за разлика од некои други прекари, ќе остане засекогаш, поради зборот Реал во името, кој го носат уште неколку шпански тимови, а и поради тоа што овој клуб имал сјајни односи со некогашниот крал Алфонсо XIII. Но, пред да станат кралеви, тие имаа неколку прекари. Најпрво ги нарекуваа Los Merengues, поради колачот mereinque, а подоцна и Los Blancos. И двата прекари се однесуваа на традиционалните бели дресови на клубот, кој и денеска се препознатливи за Реал Мадрид. Во 70тите години од 20 век е дозволено купување на играчи кои не потекнуваат од таа земја во која се натпреварува тимот. Реал во тој период највеќе купуваше играчи од Северна Европа, па затоа и почнаа да ги нарекуваат Los Vikingos. Откако претседател на тимот стана Флорентино Перез, во кралскиот тим почнаа да се донесуваат светските фудбалски ѕвезди. Во тој период тимот беше познат и како Los Galactios.
Историја
1895 година студентите и професорите од институтот de Enseranza го основаа клубот Football Sky. Играчите играа секое неделно утро во Moncloi. 5 години подоцна клубот се подели на New-Foot-Ball de Madrid и Espanol de Madrid
1902 година повторно се распадна тимот, а на 6 март 1902 година е основан фудбалскиот клуб Madrid FC. За претседател на тимот беше прогласен Juan Padrós Rubió. Него го наследи неговиот брат Carlos. Интересно е што и едниот и другиот потекнуваа од Каталонија. Прв тренер на тимот беше англичанецот Arthur Johnson. Истата таа година, управата на мадридскиот тим предложи да се основа натпреварување во често на кралот Алфонсо XIII. Тоа натпреварување и ден денес постои, а е познато по името Копа Дел Реј.
1904 година клубот се соедини со други мадридски клубови, Moderno Amicale и Moncloa. Првите поголеми резултати дојдоа во периодот од 1905 до 1908 година, кога го освојуваа новоформираниот Куп на кралевите.
1920 година е голема година во историјата на клубот, година кога клубот се преименуваше од Madrid FC, додавајќи го и кралското име, и од тогаш клубот почнува да делува како Реал Мадрид. Дури 26 години по основањето на купот, Шпанија доби и своја лига. При основањето таа се нарекуваше Ла Лига, сега се нарекува Примера, што во превод значи прва или основна лига. Реал е еден од основачите на таа лига. Од тогаш Реал никогаш не се натпреварувал во пониските дивизии. Но, името Реал повторно се трга од целосното име на тимот, и останува Madrid FC. Првите трофеи под тоа име доаѓаат во 1932 и 1933 година, кога за прв пат е освоено домашното првенство. Името Реал повторно се враќа, и од тогаш континуирано е дел од целосното име на тимот.
До 50тите години се чекаше да се освои некој голем трофеј. Примера после 1933 година беше недостижна, купот се освојуваше 2 пати во 10 години. Но чекањето на навивачите се исплати во средината на минатиот век. Реал Мадрид стана легендарен клуб, и гордост на целата област Кастиља, која беше во голема омраза со Каталонија. Беше тоа ера на владеењето на фудбалските легенди како Ференц Пушкаш, Алфредо ди Стефано, Рејмонд Коуп, и Хектор Риал. Во тие години, од страна на УЕФА е основан и Купот на шампионите, со идеја тоа да биде натпреварување на најдобрите тимови во Европа. Тогашниот Реал докажа дека не припаѓа на овој свет, затоа што ги освои првите 5 финалиња по ред, што на никој друг тим потоа тоа не му успеало. Запамтено ќе биде она финале во 1960 година кога Реал ја освои 5 титула по ред. Во финалето беше одигран еден од најубавите натпревари во историјата на фудбалот. Реал го победи германскиот Ајнтрахт Франкфурт со 7:3. Резултатите не изостанаа ни во Примера. После 19 годишниот пост, ја освоија првата титула во Шпанија под името Реал Мадрид. Таа титула беше само почеток. Реал растураше низ Шпанија, и во периодот од 1954 до 1969 освоија неверојатни 12 титули. Само, 1956/59 и 66 не успеаа да бидат први. Единствена, каква-таква закана за Реал беа сограѓаните Атлетико. Кралскиот куп, изненадувачки, во 50тите години не го освојуваа. Само 4 пати од 1937 до 1960 година.
Нешто послаби беа 70тите години. Титулите во Шпанија станаа рутина, и Реал од 1960 до 1971 година освоија 6 титули. Но, после ѕвездениот залет во Европа, во периодот од 1960 до 1998 година, само 1966 беше среќна година. Тогаш во финалето на Купот на Европските шампиони падна Партизан со 2:1.
Осумдесетите години кралскиот тим беше далеку од освојуваше на Европската титула, и единствена утеха беше купот на УЕФА кој беше освоено 2 пати. Шпанското првенство не беше освојувано од 1980 до 1986 година, а тогаш следеше серија од 5 последователни титули во лигата. Како главни играчи во тој период ќе се паметат Емилио Бутрагењо, Хуго Санчез, Маноло Санчис, Мартин Васкез, Мигел Пардеза, итн.
Почетокот на 90тите години не беше по посакуваното. До 1995 година се чекаше за освојување на Примера, а купот беше освоен само еднаш во цела деценија, суперкупот два пати во првите 5 години, а европскиот наслов, секако не беше освоен. Во 1998 година Реал стана шампион на Шпанија, го освои суперкупот, а во Лигата на шампионите конечно стигнаа до толкупосакуваното финале. Тимот беше составен од легендата Раул Гонзалес, Кристијан Панучи, Давор Шукер, Предраг Мијатович и Фернандо Иеро. Во финалето Реал играше со Јувентос, кој во својот состав го имаше брилијантниот Зинедин Зидан. Реал го доби тој меч со 1:0, со сомнителниот погодок на Мијатович, и со тоа ја прекинаа црната серија од 32 години без освоена титула во Лигата на шампионите. Тој трофеј повторно беше освоен и во 2000 година, со победата над Валенсија, со 3:0. Во меѓувреме беше освоен и првиот интерконтинентален куп.
Во месец Јули, 2000 година, започна новата ера на Реал Мадрид. За претседател беше избран Флорентино Перез, кој им ветуваше дека ќе направи клуб полн со играчи како Зидан и Павон, или во превод, клуб во кој ќе играат најдобрите странски играчи, и сјајните млади играчи од младинската школа. Следеа трансферите на светски познатите ѕвезди. Дојде ветуваниот Зидан, од најлутиот ривал Барселона беше одземен Луис Фиго, а од миланскиот Интер пристигна бразилецот Роналдо. Кралскиот клуб веднаш го доби прекарот Los Galacticos.
На прв поглед, овој тим на Реал правеше чуда. Во 2001 година клубот стана првак на Шпанија, а 2002 година првак на Европа, во меѓувреме беа освоени и Шпанскиот супер-куп, Европскиот супер-куп и Интерконтиненталниот куп. Клубот заработуваше астромонски цифри, главно преку маркетингот, посебно во Источна Азија, каде Реал претставуваше религија, и каде луѓето помеѓу себе водеа војни за да дојдат до дрес или некаков друг реквизит од Реал Мадрид. Можеби најзвучниот трансфер се случи кога ѕвездата на Манчестер Јунајтед, Дејвид Бекам, потпиша за кралевите, трансфер кој многу аналитичари го прогласија за најголем во целата историја на фудбалот.
Сепак, Перез не знаеше како да го гради тимот. Го продаде Самуел Ето, кој подоцна во Барселона стана еден од најдобрите светски напаѓачи. Продаден беше и Клод Макелеле кој беше срцето на тимот, но не доволно голема ѕвезда за да игра во ѕвездениот тим на Флорентино Перез. А после отказот на успешниот тренер Дел Боске, клубот го пратат лоши резултати, расправии помеѓу играчите, распад на целиот систем. Дејвид Бекам во дресот на Реал Мадрид можеби и не ги повтори одличните партии во Манчестер, Луис Фиго се раскара со сите околу себе, и го напушти тимот, само Роналдо и Зидан оставија белег од тие 4 екстра засилувања.
Во 2004 година во тимот пристигнаа Робињо, кој беше нарекуван новиот Пеле, Жулио Баптиста, Сисињо, и Серхио Рамос, кој требаше да бидат новите ѕвезди и главни предводници на тимот во наредните неколку години, но ниту еден од тие посебно не се докажа. Од 2003 година, клубот не освои ниту еден трофеј, а 27 февруари 2006 година Флорентино Перез поднесе оставка, и беше заменет со Фернандо Мартин Алварез, но само на 2 месеци, затоа што таков беше договорот.
На 1 јули 2006 година беше избран новиот претседател, 55 годишниот Рамон Калдерон, и набрзо по доаѓањето на таа функција, за тренер го донесе Фабио Капело. За сезоната 2006/07 Реал потрошија приближно околу 100 милиони евра. Први во тимот пристигнаа Фабио Канаваро и Емерсон од Јувентус, а подоцна и Руд Ван Нистелрој од Манчестер. Во текот на сезоната клубот се зајакна и со младите јужноамерикански таленти Гонзало Игуаин, Фернандо Гаго, и Марсело. Исто така, Капело тогаш го објави и списокот на 16 играчи кој се најдоа на трансфер-листата. Меѓу нив се најдоа и Дејвид Бекам, Роналдо и Раул. Најпрво Бекам отиде во Америка, подоцна и Роналдо во Милан. Меѓутоа, ни таа сезона не беше нешто посебно за кралскиот тим, и набрзо започнаа караниците во и надвор од тимот. Капело во текот на еден натпревар им покажа среден прст на навивачите, а претседателот Калдерон играчите ги нарече разгалени ѕвезди. По заминувањето во Италија, Роналдо изјави дека времето во Реал му беше ноќна мора, а Капело го нарече ѓавол. Сепак, со сјајната низа од победи на крајот на сезоната, Реал во возбудлива завршница ги претекна Барселона и Севиља, и се закити со титулата првак на Шпанија. И покрај освоената титула, славниот Капело доби отказ, а го замени тренерот на Гетафе, и бившиот играч на Реал, Бернд Шустер.
Сезоната 2007/08 под водство на Шустер беше сезона на Реал во Шпанија. Таму завршија на првата позиција, со убедливи 8 бодови предност пред Виљареал. Позвучни имиња кои беа донесени тогаш беа Робен и Снајдер, кој беа главните креатори на игра, и столбот во одбраната, Пепе. Но сепак, лошото искуство во Лигата на шампионите повторно продолжи, и Реал 4 сезона по ред не успеа да се пласира во четвртфиналето од тоа натпреварување, откако во осмина-финалето беа поразени од италијанската Рома. Мора да се напомене дека во групната фаза, Реал тогаш играше и со Лацио, во чии редови настапуваше и нашиот Горан Пандев, кој на 2 натпревари успеа да го надмудри Касиљас дури 3 пати.
2008/09 не беше баш сјајна сезона на Реал. Единствено звучно засилување во летниот преоден рок беше Рафаел Ван Дер Варт, а во зимскиот период беа донесени Ласана Диара и Хунтелар. Во Јануари 2009 година, шпанскиот весник Марка спроведуваше една кампања против тогашниот претседател Рамон Калдерон, во која се зборуваше за сите нерегуларности кои тој ги правел. Се ширеа муабети дека таа кампања е дело на бившиот претседател на Реал Мадрид, Флорентино Перез. Калдерон поднесе оставка, а за претседател беше поставен Висенте Балуда, кој имаше за работа да го води тимот до крајот на сезоната. Реал таа сезона заврши втор во Шпанија со 9 бодови заостанување зад Барселона, претрпувајќи го можеби најгоркиот пораз во последните 20 години, кога на домашен терен беа поразени од најлутиот ривал со 2 - 6. Во Лигата на шампиони, 5 година по ред испаѓаа во осминафиналето, овој пат од англискиот Ливерпул.