ПАПСАНИЈА
Разликите меѓу Македонците и Грците во делото на Павсанија
* Македонците - спомнати на споменик во Атина!
* Александар го срамнил со земја грчкиот град Теба!
Во истата (Прва) книга (1,6,3) Павсанија пишува за превземањето на мртвото тело на Александар Велики Македонски од страна на Птолемеј, кое било пренесено во Египет каде било (цитат): "погребано во Мемфис според македонските ритуали".
Павсанија го опишува и крајот, т.е. самоубиството на Демостен, за кого веќе пишувавме. Поради својата анти-македонска политика, власта во Атина (која била марионтеска и им служела на Македонците) го прогонила Демостен, но пред да биде уапсен и предаден на Македонците (конкретно на Антипатер) за да му судат, тој побегнал во Калаврија каде извршил самоубиство. Овде читаме:
Демостен уште еднаш заминал за Калаврија, каде извршил самоубиство со отров. Тој бил единствениот Грк кој успеал да побегне од Архија, кој сакал да го предаде на Антипатер и на Македонците. Архија бил Туриец, кој превзел мерки да му ги предаде на Антипатер заради казнување оние кои се спротивставувале на Македонците, уште пред Грците да бидат поразени во Тесалија... Таква награда добил Демостен за својата посветеност на Атина. (Павсанија, 1,8,3).
Нема потреба од коментар ниту овој извадок од писанијата на Павсанија. Тој овде ја осудува и поданичката политика на Атина, која го прогонила својот најголем говорник само за да не ги иритира Македонците против себе.
Во Првата книга Павсанија ја пренесува и содржината на еден натпис во светилиштето посветено на божицата Атина итониска, кое се наоѓало недалеку од градот Атина.
Пред да ја разгледаме содржината на овој натпис, да кажеме накратко нешто околу причините за неговото настанување. Од 278 до 275 година пред Христа со Македонија владеел епирскиот (молосијанскиот) хегемон Пир. Во текот на борбите околу власта во Македонија, несигурната состојба ја искористил Пир, кој бил крал на Епир. Две години владеел со поголем дел од Македонија. Потоа неговата војска била избркана од македонската војска на Лизимах (кој пред тоа исто така владеел со дел од Македонија). Инаку кралот Пир е познат по изразот "Пирова победа" што настанал откако во една битка ги поразил Римјаните, но претрпел огромни загуби. Во битката против Македонците Пир успеал да заплени дел од нивното вооружување, како и дел од штитовите на Галите, кои се бореле како платеници во Македонската војска. Дел од запленетите галски штитови биле подарени на светилиштето посветено на божицата Атина итониска, додека запленетите македонските штитови Пир ги подарил на светилиштето посветено на Зевс. Во итониското светилиште имало и натпис во кој, меѓу другото, пишувало:
Пир Молосијанецот ги остави овие штитови, запленети од силните Гали, како подарок на итониска Атина, отако претходно ја уништи војската на Антигон (Македонската војска, з.м.) (...).
Оттогаш овие штитови се овде, но штитовите на самите Македонци, тој ги посвети на додониски Зевс. И таму исто така има натпис кој гласи: "
"Овие штитови порано ја покорија златната Азија и ги поробија Грците. А сега, без своите сопственици, лежат крај столбовите на храмот на Зевс како доказ за уништените самофалби на Македонија". (Павсанија 1,13,2).
Јасно е дека Грците во Пир (како Епирец и припадник на народот Молосјани) виделе свј сојузник поради тоа што успешно се борел против Македонците, под чие ропство тие тогаш се наоѓале. Очигледно дека и тој Грците ги сметал за свои сојузници штом ги подарил на нивните светилишта запленетите штитови од македонските војници и нивните сојузници. Во натписите од овие светилишта јасно е кажано дека тоа вооружување порано ги поробило Грците и ја уништило Азија, а сега, лежело беспомошно како доказ за поразот на Македонија.
Павсанија се навраќа и на состојбите во Атина и останатите грчки региони во времето пред и по владеењето на Филип и Александар Велики Македонски (4 век пред Христа). Познато е дека Грците биле окупирани од Филип по битката кај Херонеја, а по смрта на Александар кренале востание за да се ослободат од македонското ропство, кое било задушено. Во врска со овие настани Павсанија пишува:
Катастрофата кај Херонеја била почеток за несреќите на сите Грци, а посебно за оние кои биле поробени затоа што биле слепи за опасноста што доаѓала од Македонија. Најголемиот дел од нивните градови Филип ги освоил... Извесно време Атињаните останале пасивни, посебно за време на владеењето на Филип и на неговиот наследник Александар. Но, кога по смртта на Александар, Македонците го избрале Аридеј за свој крал, а низ целата империја се јавила недоверба кон Антипатер, Атињаните помислиле дека не смее да се дозволи Грција засекогаш да остане под власта на Македонците, поради што почнале војна повикувајќи ги и другите да им се придружат. (Павсанија, 1,25,3).
Во продолжение читаме за описот и текот на ова грчко востание против Македонците.
Во Втората книга Павсанија пишувал за настаните околу Ахајската лига (за која подетаљно пишувавме кај записите од Плутарх). Пишувајќи за односите во оваа лига и влијанието на Македонците во нејзините внатрешни работи, Павсанија вели:
Освен тоа, бидејќи сите Грци се плашеа од Македонците и од Антигон, кој беше старател на Филип, синот на Димитрија, тој ги наговори Сикијците, кои беа Дорци, да се придружат на Ахајската лига (Павсанија... 2,8,4).
Значи Антигон си поставувал свои луѓе во грчката Ахајска лига, порад тоа што бил свесен дека Грците се плашат од него и од Македонците. Потенцираме дека овде Павсанија пишува за "Грците" (како народ), а не одделно за Атињаните, Спартанците, Тебанците и другите нивни сонародници. Впрочем, такви се сите досегашни сведоштва што овде ги наведуваме.
Во Четвртата книга Павсанија, пишувајќи за областа Месенија и за Грците што во неа живееле (Месенијците) оставил уште едно децидно сведоштво за разликите помеѓу Македонците и Грците. Имено, Месенијците имале недоразбрања со останатите Грци (што впрочем било честа појава меѓу грчките градови-држави) и тие во еден период се сојузиле со Филип Втори Македонски. Но, кога тој требало да војува против останатите Грци во битката кај Херонеја, Месенијците одбиле да учествуваат на страна на македонската војска, со образложение дека не сакаат да војуваат против своите сонародници. Ова навистина претставува огромен доказ за тоа дека Грците во тоа време биле сосема свесни дека Македонците се сосема поинаков народ од нив.
Претходно Месенијците Грци биле нападнати од Спарта, а Атина одбила да им помогне. Во врска со ова Павсанија пишува:
Конечно Месенијците склопија сојуз со Филип синот на Аминта и Македонците. Поради тоа, како што велат тие, не учествувале во битката што Грците ја воделе кај Херонеја. Меѓутоа, тие одбиле и да се борат против Грците. (Павсанија, 4,28,2).
Но, подоцна Месенијците спеак се бореле против Македонците на страна на останатите Грци. Во продолжение Павсанија пишува:
По смртта на Александар, кога Грците почнале втора војна против Македонците, Месенијците, као што веќе спомнав, учествувале во судирите на Атика. (Павсанија, 4,28,2).
И на овој цитат коментар не е потребен. Павсанија дава детаљи за нападот на Месенијците Грци на македонскиот гарнизон во нивната област што се случил за време на ова грчко востание против македонската власт.
Во Шестата книга Павсанија нуди доказ за тоа на колку високо ниво била македонската етничка свест среде античките Македонци. Да го проследиме и овој цитат:
Во близина на Дамиск има статуа од некого, чие име не ми го кажаа, но тоа е Птолемеј синот на Лаг, кој ја приложил оваа статуа. Во натписот на неа Птолемеј себеси се нарекува Македонец, иако тогаш бил крал на Египет. (Павсанија, 6,3,1).
Постојат и други сведоштва за македонската свест на припадниците на македонските династии кои владееле со делови од Азија и Африка од кои, некои наведовме во претходните книги.
Павсанија во своите патеписи опишува и споменици на загинати Грци во борбите против Македнците. Во Шестата книга го спомнува и името на македонскиот скулптор Лиз (Павсанија, 6,17,1).
И во Седмата книга Павсанија ја спомнува битката кај Херонеја помеѓу Македонците и Грците. Пишувајќи за Ахајците, тој вели:
Од оние војни што се воделе подоцна од страна на Грците организирани во конфедерација, Ахајците учествувале во битката кај Херонеја против Македонците предводени од Филип. (Павсанија, 7,6,5).
И следниот цитат доволно зборува за односот на Македонците кон Грците во нивните меѓусебни војни. Станува збор за востанието на Грците од Теба против Александар Велики Македонски, кое веќе го спомнавме. Еве како ова го опишува Павсанија:
Теба била толку уништена од Александар што кога, по неколку години, Касандар ги вратил во неа нејзините граѓани, тие биле толку слаби што не можеле сами да опстанат. Атињаните, пак,... никогаш не се опоравиле од војната со Македонците. (Павсанија, 7,6,9).