Хаџи-Ристески: Велија ме уценува
Пред една недела добив ултиматум со кој ми се заканија ако не се повлечам дека ќе почнат да пукаат против мене, вели претседателот на ФФМ
Фудбалската федерација на Македонија е постојано на тапет и чести се бранувањата за промени. Како што се ближи денот за изборното собрание на ФФМ, бидејќи мандатот на оваа фудбалска влада истекува на 1 октомври, кај многумина се јавуваат аспирации за челната позиција во овој најпопуларен и најбогат спорт кај нас.
Пропустите и грешките во работата на Федерација, резултатите на натпреварите, како и некои други зделки повторно испливаа на површината и станаа медиумска вест. На удар е нормално претседателот на ФФМ, Харалампие Хаџи-Ристески.
- Нападите се желба на газдата на А1 телевизија, Велија Рамковски, кој сака да стане лидер на спортот како што е лидер на млекарите, кромидарите и лозарите. Посакува да постави свој човек на чело на ФФМ, беше првата реакција на Хаџи-Ристески во телефонскиот разговор на обвинувањата за наводно координираната истрага на полициските институции за неговото работење.
- Не го испочитував ултиматумот, заканите и уцените што ги добив пред една недела. Тогаш побараа во овој рок да се изјаснам дали ќе се повлечам од претседателската функција, во спротивно ќе почнат да пукаат по мене и ФФМ. Рамислувам да поднесам и кривична пријава, бидејќи имам сведоци за целата работа, додава Хаџи-Ристески.
За обвинувањето околу ненумерираните билети за пријателскиот натпревар со Шпанија, наводното перење на пари, финансиски измами, прикривање странски донации, неуплатени пари од продажба на билети, што се изнесени против него и фудбалската федерација, тој вели:
- Нема ни тронка вистина во сите тие обвинувања. Проблемот со билетите за Шпанија е само што ги препечативме. Се друго е бајато, испитано и проверено од МВР и инспекциите. Користењето на стари обвинувања е веќе видена работа.
Од МВР вчера потврдија дека во моментов нема истрага во Фудбалската федерација на Македонија. Сепак, по казнувањето на Победа за местење на натпревари и документација од УЕФА што беше доставена до МВР околу сомневањата вмешаност со местење резултати и на Работнички, Вардар и Милано, министерката Гордана Јанкуловска најави целосна истрага. Дури најавено е и формирање на обвинение, според кое не е исклучена можноста со пријавата да биде опфатено и перењето пари и злоупотреба на службената функција.
http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=BF3171FEF4204C46BD60300A10670F78