
На црковно-народниот собор на МПЦ во Калишта завчера имаше своевидно автошоу на македонските владици, кои дојдоа со скапи џипови и со бесни автомобили.
Најмодерни автомобили возат постарите архиепископи, додека само двајца од новоименуваните млади владици се возат во поскромни возила.
Сите возила на највисоките свештени лица од МПЦ се стари најмногу четири-пет години и речиси сите чинат над 22.000 евра. Некои дури чинат и над 40.000 евра. Автомобилите и џиповите во кои се возат владиците вкупно чинат над половина милион евра.
Во црковната ергела има џипови "чироки", "ленд крузер", "ленд ровер", "фолксваген туарег", како и луксузни автомобили од моделите на "ауди", "крајслер", "мерцедес", "тојота", БМВ и"фолксваген". Има и поевтини коли како "ситроен берлинго" во кои се возат монахињите и "шкода октавија", а и "лада нива" во каква што се вози епископот хераклејски, владиката Климент.
Поглаварот на МПЦ Стефан се вози во "мерцедес" од висока класа, а Скопската епархија, за која е надлежен г.г. Стефан, има и џип "гранд чироки". Најевтиниот модел во салоните сега чини околу 40.000 евра. Најскапи и најубави џипови возат митрополитот повардарски Агатангел, митрополитот полошко-кумановски Кирил и поглаварот на Брегалничката епархија Иларион. Агатангел и Кирил се возат и во "тојота ленд крузер", чија цена е над 45.000 евра, а Иларион во "фолксваген туарег автоматик". Владиката Петар завчера дојде во Калишта со "ауди А4", кое чини околу 25.000 евра, а џипот го оставил во Битола. Брегалничкиот архијереј Наум дојде со "фолксваген пасат", а и тој го имаше оставено џипот во Струмица.
Владиката Пимен, кој раководи со Европската епархија, дојде во Калишта со американскиот автомобил "крајслер крузер", кој чини околу 21.000 евра. Владиката Методиј, архијереј на Американско-канадската епархија, во Калишта си го донесе евтиниот и стар американски џип.
Инаку, сите владици пред да се замонашат и кога се избираат за владици се заветуваат на скромност.
"Што би возеле владиците да не беа со даден завет на скромност?", се прашуваат верниците.
Црковни извори велат дека сите владици живеат во богато опремени резиденции, додека поголемиот дел манастири и цркви мака мачат да обезбедат пари за основните потреби.
Најскромни владици досега биле поранешните поглавари на МПЦ г.г. Гаврил и г.г. Михаил.
Вест