THE_CHOSEN_ONE
1903-2012
- Член од
- 13 август 2007
- Мислења
- 3.735
- Поени од реакции
- 1.340

Наместо 100 до 200 милиони евра како што првично најави министерот за здравство Бујар Османи, новиот клинички центар во Бардовци ќе чини најмалку двојно повеќе - од 400 до 450 милиони евра. Од центарот на Скопје ќе биде оддалечен 5 километри, ќе се простира на површина од 93 хектари, а со сите центри во земјата ќе биде поврзан и со железнички и со автобуски терминал.
- Вкупната површина на новиот клинички центар ќе изнесува најмалку 195.000 квадратни метри. Само изградбата на кампусот ќе чини меѓу 350 и 300 милиони евра, без опрема и без мебел, за што ќе бидат потребни уште 100 милиони евра, а комуналиите ќе чинат околу 50 милиони евра - појасни министерот Османи, кој вчера ја презентира физибилити-студијата за дислокација на Универзитетскиот клинички центар - Скопје.
На прашањето зошто се трошат пари за изградба на нова клиника за гинекологија, за реновирање на интерните клиники и други инвестиции ако веќе се планира градење нов клинички центар, Османи со одговор:
- Изградбата на центарот е долгорочен проект кој ќе трае најмалку 10 години, а не смееме да дозволиме пациентите да бидат заложници. Повеќе од 50 години не е инвестирано во постојниот Клинички центар. Не знам чија е идејата за клиничкиот центар, ова е проект на Министерството за здравство, кој Владата го одобри и битно е кој што реализира.
Тој појасни дека дел од парите за новиот проект ќе биде обезбеден преку компензација од продажбата на земјиштето, а дел од други извори.
Како главни причини за дислокацијата на клиниките Османи ги наведе достапноста на Клиничкиот центар, кој иако изгледа дека е во централна локација на градот, има тешкотии во приодот, оддалеченоста на зградите, без постоење топли ходници, па пациентите се принудени низ отворени патеки да се движат од една до друга клиника.
- Нерационално се користат ресурсите. Постојат преголем број болнички кревети, се удвојуваат капацитетите и опремата, исти хируршки сали и апарати има во неколку објекти, се' со што се отежнува управувањето. Во новиот клинички центар сите служби ќе бидат во една зграда, ќе има подобри чекалници, наставата и истражувањето ќе бидат интегрирани, а 50 отсто од собите ќе бидат еднокреветни - рече Османи.
Директорот на Агенцијата за планирање на просторот, Огнен Апостолски, посочи дека локацијата на која ќе се гради новиот клинички центар постоела како место за болница уште од 2002 година во Детаљниот урбанистички план.
Од СДСМ вчера реагираа дека актуелната власт „очигледно ги краде нивните проекти“.
- Наместо повторно да трошат огромни суми народни пари за непотребна физибилити-студија, СДСМ е подготвен својот проект за нов клинички центар во Карпош да и' го даде на Владата во интерес на граѓаните. Со нашиот проект за нов клинички центар, кој чини 80 милиони евра, се предвидени државна кардиохирургија и центар за трансплантација. Владата троши најмалку 200 милиони евра за забеганиот проект „Скопје 2014“, а одамна требаше да се вразуми и тие пари да ги вложи во јавното здравство. Министерот за здравство треба да и' објасни на јавноста како успеа за само 4 години со бомбастично најавена владина „реформа“ тотално да го уништи постојниот Универзитетски клинички центар, во кој со децении вложуваа сите граѓани - се вели во реакцијата на СДСМ.
Љубица Балабан