Еве, да не остане без одговор - го копирам ова од друг форум каде што го јас го напишав... при друга прилика ќе пишам повеќе...
Основната цел е усовршување на човекот. Не материјално, туку духовно. Човек кој е стабилен духовно, кој има цврсти морални вредности, кој има стабилна верба и критериуми - е столб на општеството, на семејството, на заедницата.
Како се прави тоа? Преку самата церемонија, која на симболичен начин зборува токму за тие човечки вредности, преку изучување на природата и науката, преку градење на братска врска со другите луѓе и меѓусебното помагање и поттикнување. Членовите се однесуваат едни кон други како вистински браќа. Врзани се меѓусебно преку ритуалната врска која ја остваруваат, но пред се - преку идеалите кои ги имаат и тие вредности за кои зборував.
Многу луѓе се заблудени и мислат дека со влегување во ложата се станува моќник и дека одеднаш ќе се збогатиш... не е точно и таквите луѓе или воопшто не успеваат да влезат или ако успеат, многу брзо отпаѓаат, затоа што не се прифатени од средината.
Има и познати такви случаи, на пример - основачот на Skull&Bones. Незадоволен од тоа што во ложите не смее да се зборува за политика и да се организираат политички активности, ја напушта и формира здружение кое е тајно, нема толку филозофско-езотерички карактер, и се занимава отворено со политика и изразување на влијание.
Друг случај е Дичо Џели и П2. Целата ложа П2 е исклучена од Италијанското Масонско Братство, затоа што почнува да прима само богати и влијателни луѓе и затоа што почнува да се занимава со политика. Џели дури испраќа потоа смртни закани до Големиот Мајстор на Италија и прави неколку обиди за атентат. Неколку години подоцна, потегот на Големата Ложа на Италија се покажува како исправен и навремен, затоа што П2 и Дичо Џели се во центарот на скандалот со Ватиканската Банка.
Масонството не е религиозна организација, иако се инсистира членовите да се верници. Во Франција една од Големите Ложи прима и атеисти, но затоа пак не се признати од останатите ложи по светот. Причината заради која се инсистира човек да биде верник, е тоа што се смета дека атеистот има морална одговорност единствено пред самиот себе си и единствено на себе си одговара за постапките. Додека верникот, се води од повисока инстанца во поглед на моралната одговорност и вредности и знае дека што и да направи во животот, и никој да не дознае, секогаш Бог знае и суди.
Да, се помагаме едни со други и имаме безрезервна доверба едни кон други. Оттаму доаѓаат сите теории на заговор и слични приказни, затоа што човек што не е член, не може да разбере како тоа може со некој кој ни го знам, ни го познавам, да се однесувам како да ми е роден брат - на пример да дојде сега некој од Јапонија и да побара помош, јас веднаш ќе му ја пружам. Но и тој ќе го стори истото за мене. И знам дека никогаш нема да злоупотреби со мојата доверба, и нема да ми наштети. Никогаш! Затоа и многу често соработуваме едни со други и на бизнис план - затоа што едно стискање на рака е посилно од секаков законски договор и потпис. Едноставно знам дека нема да бидам изигран, дека ќе биде се како што треба и дека ќе добијам максимално квалитетна услуга, за најдобра можна цена и под најдобри услови. Тоа многу луѓе не го разбираат и мислат дека е некаков заговор. Разликата е што кога си во редовна комуникација со луѓето во јавниот живот, секогаш тргнуваш со едно ниско ниво на доверба кон нив, додека тие не ја стекнат твојата доверба за да можеш да работиш со нив, да соработуваш, па дури и да се дружиш. Додека меѓу двајца масони - таа доверба е на највисоко ниво од самиот почеток. Се разбира - едниот или другиот може да не ја оправдаат таа доверба, но тоа ќе значи сериозно оцрнување на името и угледот на истиот.