Снегот има пет главни одлики.
Бел е.
Ја замрзнува и заштитува природата.
Постојано се менува.
Лизгава површина е.
Се претвора во вода.
Додека ова му го говореше на неговиот татко, овој во тоа ги гледаше само негативните аспекти, небаре толку чудната страст на неговиот син за снегот му ја направи зимата уште позастрашувачка.
- Бел е. Значи дека е невидлив и оти не заслужува да постои.
Ја замрзнува и ја заштитува природата. Горделивко низаеден, што ли се замислува, скаменувајќи го светот?
Постојано се менува. Значи дека е непостојан.
Лизгава површина е. Значи, кој би можел да ужива во лизгањето на снег?
Се претвора во вода. Тоа е за да нè поплавува уште повеќе во периодот на неговото топење.
Јуко, пак, во тоа гледаше други пет особини, што беа сосем доволни за неговата уметничка надареност.
- Бел е. Значи, тој е поезија. Поезија со голема чистина.
Ја замрзнува и ја заштитува природата. Тоа е сликарство. Најпрефинето сликарство на зимата.
Постојано се менува. Тоа е калиграфија. Постојат две илјади начини да се напише зборот снег.
Лизгава површина е. Тоа е танц. На снегот секој човек може да се замислува дека е танчар на јаже.
Се претвора во вода. Тоа е музика. Напролет, снегот ги претвора реките и планинските потоци во симфонии од бели ноти.