Маркетите најпосакувани, ординациите најдолговечни
Според ДЗС, во 2012 година се отворени 8.329 нови претпријатија, од кои најмногу, 2.198, односно 26,4% се во секторот трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли
Кога сакаат да почнат бизнис, македонските граѓани најлесно се решаваат за трговија или отворање автомеханичарски работилници. Дека овој тренд продолжува, покажува најновиот извештај на Државниот завод за статистика за демографијата на претпријатијата. Според него, во 2012 година во државата се отворени вкупно 8.329 нови претпријатија, од кои 2.198, односно 26,4% се во секторот трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли.
Експертите укажуваат дека изборот се врши главно заради тоа што за старт во тие дејности не е потребен голем капитал, ниту пак човечки ресурси и образование. Но, овие бизниси истовремено носат и најголем ризик, зашто според ДЗС токму во тој сектор е најголемиот број претпријатија кои не опстанале ниту една година. Од вкупниот број на новосоздадени претпријатија во 2011 година од секторот трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли до 2012 година не преживеале над 30%. Инаку, од вкупниот број новонастанати претпријатија од сите сектори во 2011 година првата годишнина не ја дочекале 9.794, односно преживеале нешто над половината, или 64,3%. Меѓу нив најжилави се покажале фирмите основани во секторите здравствена и социјална заштита, кај кои преживувањето е 92% и финансиски дејности и дејности на осигурување, кај кои стапката на преживување е 83,3%.
Експертите посочуваат дека профитот го прави човекот, а не опремата, па тука е и објаснувањето за долговечноста на лекарските ординации, на пример, за чие стартување е потребен поголем капитал, но и образован и стручен кадар, наспроти трговските дуќани за кои има потреба од поскромни човечки ресурси.
Според демографијата на претпријатијата на ДЗС, мал век на траење во Македонија имаат и фирмите од областа на административните и услужните дејности, од кои згаснале 17,2% една година по основањето и фирмите од другите услужни дејност од кои се затвориле над 15%. Од друга страна, се уште работат трите основани претпријатија во дејноста снабдување со електрична енергија, гас и климатизација, додека од вкупно 12 основани во рударството и вадењето камен затворени се само 0,1%.
Во Македонија најмногу се отвораат друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва, но тие се најбројни и меѓу згаснатите. За една година се затворени близу 60% од новооснованите.
(С.Ву.)