Колку само животот го менува човека...
Пред само две години јас бев тој кој цврсто беше решен да не се ожени никогаш и никогаш да нема деца. Живеејќи со мотото дека само страчките и гавраните летаат во јато, а не и орелот, мислев дека поголемо зло од бракот и децата во него не може да има. Ти ги троши сите пари за јадење, играчки, па кога ќе потпорасне за книги, излегувања... Ти носи само нервози, а ти - место да уживаш во сопствениот живот, да патуваш, да запознаваш нови луѓе, места, да откриваш нови светови (...) ти си врзан за домот и единствено што правиш - се грижиш. Чуму ти се такви ѓаволски вражулиња, Златко - мислев.
Кој кретен сум бил, драга! Кој кретен!
Сега знам дека не е богат оној кој има пари, ни оној кој ја облекува најскапата облека и ги вози најубавите автомобили. Не е богат ни оној кој го прошетал светот и видел се, ни оној на кој некои други исто толку сиромашни, по заслуга или не, му дале благороднички или виртуелни титули. Богат сум јас, драга, зошто срцето ми е полно секогаш кога тие две малечки рачиња ќе се подадат кон мене а една преубава малечка насмевка ќе се озари на најубавото лице кое моиве очи го виделе. Иако уште не знае да ми каже ни „тато“, а не пак дека ме сака, јас гледам во неговите очи дека ни јас не можам да љубам толку колку што тој мене ме сака. Ни него, драга, колку и да е болно тоа сознание. Но, среќен сум, драга - сега барем знам што навистина ми е доволно!