За странските медиуми допрва почнува приказната за Танески
Екипите од странство оценуваат дека станува збор за необичен и бизарен случај
Даниела Трпчевска
Британскиот новинар и професор Роберт Нордон неделава престојуваше во Македонија. За неколку дена требаше да заврши многу обемна и тешка задача – да ја разоткрие мистеријата околу случајот со новинарот Владо Танески. Сторијата од 2.200 збора ја заврши вчера изутрина и ја испрати до Редакцијата на најпознатото австралиско женско списание „Мери Клер“, кое излегува еднаш месечно. Британскиот новинар не успеа да ја расветли мистеријата, бидејќи, според него, приказната секој ден добива поинаков тек. Работите вели дека особено се заплеткале по последните сознанија кои укажуваат на различни податоци за крвната група на новинарот Танески. Додека странските и македонските медиуми известуваа дека во фокусот на истрагата биле машки лица со крвна група Б, воената книшка на Танески, издадена во 1972 година кога отслужувал воен рок во ЈНА, покажува дека имал нулта крвна група. „Станува збор за необичен, дури и бизарен случај, за кој во земјава слушнав најмалку шест контрадикторни верзии“, вели Нордон.
Австралиското списание „Мери Клер“, кое наскоро ќе ја објави обемната сторија за кичевскиот новинар Владо Танески, има и британска верзија, но Нордон смета дека Австралијците покажале поголемо интересирање за објавување на една ваква сторија, поради големиот број Македонци кои живеат во Австралија.
„Овој магазин неодамна објави сторија за последниот писател Крстијан Бала (34) кој во новелата ’Амок‘ опширно го опиша убиството на љубовникот на својата сопруга. Во 2007 година судот го прогласи за виновен за убиството на Дариус Јанизевски. Приказната е многу слична со оваа во Македонија каде што, исто така, новинар беше осомничен дека известувал за убиствата кои самиот ги извршил. Сличности меѓу двете приказни има и во поглед на тоа што и семејството на полскиот писател тврдеше дека тој е невин“, вели Нордон, објаснувајќи ги причините за посетата на земјава.
Приказната за Танески секој ден добива нов тек, особено по последните сознанија за крвната група на новинарот. Воената книшка на Танески од 1972 година покажува дека тој имал нулта крвна група, а не Б како што се претпоставуваше претходно
Според него, станува збор за особено бизарен и необичен случај кој ги разбранува светските медиуми. „Ова е фасцинантна, но и егзотична сторија, бидејќи Македонија е мала и не толку позната земја за светот. Кога во една таква мала средина ќе сe случи ваков неверојатен настан, во кој главната улога ја има новинар кој известувал за своите убиства, тогаш сосема јасно е дека сите познати новинари ќе сакаат да пишуваат и да ја откријат вистината за својот колега. Особено кога станува збор за криминални стории“, вели британскиот новинар.
Особено фасцинантни за него се сознанијата дека кичевскиот новинар Танески бил мирен и семеен човек, но истовремено зад него остана една голема мистерија дали ги извршил навистина неколкуте убиства и кој бил мотивот за тоа.
„Пред да дојдам во Македонија, раскажува британскиот новинар, ги следев сите медиуми и имав чувство дека приказната е завршена. Но, само еден ден пред да тргнам на пат пристигна веста од тетовскиот суд дека отвораат истрага за можно убиство на новинарот, за кој претходно се тврдеше дека си го одзел животот во кофа со вода!“
„Интересирањето за овој случај, додава Нордон, нема да стивне, затоа што странските новинари ќе прават посериозни и подлабоки анализи за случајот ’Танески‘. ’Гардијан‘, ’Телеграф‘ и другите британски медиуми со големо интересирање известуваа за случајот, но сега полека стивна се'. Најновите сознанија кои беа обелоденети деновиве би можеле приказната повторно да ја вратат на ударните страници“, прогнозира тој.
Нордон и неговите колеги кои ја посетија Македонија се само дел од многубројните новинарски екипи кои во изминатиов период трагаа по ексклузивни информации во Кичево и во Скопје. Дел од нив заминаа задоволни по средбите со семејството и пријателите на Танески, другите пак разочарани затоа што не успеаја докрај да ги состават коцките за смртта на кичевскиот новинар.
Пред две недели во земјава престојуваше екипа на најпознатата приватна хрватска телевизија „Нова“, која снимаше прилог за случајот „Танески“, кој ќе се емитува во емисијата „Проверено“ во септември. На најголемата француска приватна телевизија ТФ1 пред неколку недели беше објавена репортажа за случајот, која беше емитувана во ударниот термин и ја гледале околу осум милиони гледачи. Кичево го посетија и бројни новинарски екипи од САД, Бугарија, Русија, Хрватска, Србија, Израел и други земји.
Баш сега слушам на вести на А1 дека е наредена истрага против „непознат сторител„ за убиство на новинарот Танески. Значи кофата не заврши работа, т.е. не ја убеди ниту јавноста ниту надлежните дека Танески се самоубил во кофа со вода.