Нема да биде досадно ни во 2014
Цар Самоил ќе отвори филмска војна меѓу Македонија и Бугарија!?
Дали е на повидок нова филмска војна меѓу Македонија и Бугарија!? Слична на онаа со "Трето полувреме"? Овојпат причина би можел да биде новиот филм на Антонио Митриќески, Цар Самоил". Откако ВЕЧЕР објави
текст со изјави на Митриќески, бугарскиот медиум Днес.бг објави текст со наслов: "Скопје со филм за цар Самоил крена бунт против бугарската власт".
Во текстот се вели:
"Скопје упорно се обидува да ја насади 'вистината' за 'македонскиот' цар Самоил. Режисерот Антонио Митриќески се подготвува да направи филм за ослепените војници на цар Самоил откако деновиве замина во Берлин да бара спонзори. Македонскиот весник ВЕЧЕР ги цитира зборовите на Митриќески, кој тврди дека тие се изречени од самиот цар Самоил", пишува на интернет-страницата Днес.бг. Тие пренесуваат голем дел од текстот во ВЕЧЕР, започнувајќи со:
"Јас, Самоил Мокри, од племето Берзити, цар на светото македонско царство, крунисан од папата од Ватикан, татко сум на целиот славјански род од Унгарија до Константинопол".
Днес.бг ја пренесува и изјавата на продукцијата, во која се вели: "Царот Самоил, кој ја создава првата македонско-словенска држава во 11 век", и го додаваат делот каде што се вели дека колосалниот македонски цар го започнал својот подем со востанието против бугарската власт".
Днес.бг ги пренесува и филмските детали кои Митриќески ги објаснува за ВЕЧЕР:
"Самоил на својот слуга Раден, кој му е како татко, му вели: Постоеја три големи царства до нашата појава. Ромејското, германското и бугарското. Бугарското го урнавме. Останаа две. Сега ни на едните ни на другите не им е во интерес повторно да се јави трето, овојпат македонско. Но, јас ти ветувам дека ќе го има, Радене!".
Текстот на ВЕЧЕР го пренесуваат и уште неколку други бугарски медиуми, а се појавува и коментар од професоро
т Божидар Димитров, кој вели дека нема сомнеж во бугарската народност на царот Самоил. (Де.Т.)
Дали ќе се повтори случајот со "Трето полувреме"?По ваквите написи во Бугарија, се отвора прашањето дали ќе се повтори случајот со "Трето полувреме"? Да потсетиме, европратениците Евгениј Кирилов, Андреј Ковачев и Станимир Илчев во 2011 година му пишаа на Штефан Филе дека македонскиот филм "Трето полувреме" шири историски манипулации кон Бугарија.
"Очигледно, повторно стануваме сведоци на еден од многуте случаи на градење на македонскиот идентитет врз историски фалсификати", напишаа Бугарите, по што следуваа одговори од портпаролот на Европската комисија, но и од Дорис Пак, германската европратеничка и претседателка на Комисијата за култура и образование на Европскиот парламент, која рече:
"Не треба да се дава големо значење на реакциите на бугарските европратеници за филмот 'Трето полувреме'. Тоа се луѓе кои не разбраа ништо за Европа. Тие треба да прекинат со тоа, бидејќи што би правеле ние во Германија ако секогаш мора да кажеме 'не' или да протестираме за сите филмови кои се снимаат за Третиот рајх. Не е на место да се реагира на ваков начин, тоа не е културен начин на делување и би сакала да не им се дава големо значење на нивните реакции".
http://vecer.com.mk/default.asp?ItemID=6173340DD2A1BF41B1B72143D52D312E
http://vecer.com.mk/?ItemID=2DC2775F3C80644E857EEA3108B7F765