ЈАТАЦИТЕ НА УБИЈЦИТЕ ОД ЖЕЛЕЗАРСКОТО ЕЗЕРО МОЖЕ ДА ГИ ОТКРИЕ И ШЕСТАРОТ
Неофицијално дознаваме дека возилото кое е несомнено користено во акцијата на убијците од кај Железарското езеро извозело речиси идентична километража од местото на злосторството до местото каде е најдено, како и од местото каде стартувало до местото на злосторот
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
За време на последниот викенд премиерот Никола Груевски, при посетата на идната туристичка населба крај Св. Пантелејмон, одговарајќи на новинарско прашање за истрагата во врска со убиствата кај Смилковското езеро, рече дека таа добро напредува. Во меѓувреме, целосно секна комуникацијата со новинарите и нивното брифирање, само што првиот човек на ЈБ - Љупчо Тодоровски Радникот од Будва, каде беше во официјална посета, пред околу една недела, рече дека извршителите не припаѓаат на домашната мафија. Со ова тој како да подпризнава дека таква мафија кај нас сепак постои или дека можеби тој дури и ја познава!? Но, и дека случајот нема врска со класичниот криминал, дури и организираниот, со што ја префрли топката во дворот на својот компањон Саша Мијалков од ДБ, на што и ние асоциравме во последниот текст на оваа тема.
Дневниот весник "Фокус" инаку шпекулира дека Мијалков веќе одбрал еден потесен круг околу себе, со кои комуницира во однос на истрагата кај Смилковци. Таа група секако ќе работи и можеби ќе даде одговор на сите можни прашања, освен на еден, за што ќе треба и поширок круг на консултанти, кога ќе треба да се впери прстот кон страната која е заинтересирана за дестабилизација во земјава! Дали за тоа ќе постојат "три чисти" во тој миг, без оглед на тоа која ќе биде земјата "извозник на злото"?
ИНФОРМАЦИИ Но, да се вратиме на нашите интроспекции на настанот кај Железарското езеро, со помош на информации кои ги добиваме од она што се вели - кругови блиски до истрагата.
Најнапред што крие користеното црвеното возило од типот "Опел",.со јачина на моторот од 3.000 кубни сантиментри? Иако е старо, тоа било во добра возна состојба. Истрагата - како што дознава Глобус - покажала дека тоа возило има речиси истоветно минат пат кон езерото, колку и од езерото кон границата со Косово, кон преминот Блаце, односно до точката каде е најдено паркирано и оставено. Претходно, пред тргнувањето, наводно му бил сменет акумулаторот, што покажува дека извршителите на злосторството, кои несомнено го користеле ова возило (со можност да имало, многу веројанто, повеќе возила во промет за извршување на овој чин) не сакале да имаат непредвидливи проблеми, донсоно дека имале со себе или крај себе стручњак за автомеханика или барем за автоелектрика (белким возилото е целопсно проверено и се бараала слаба точка). Полицајците велат дека е неопходно од езерото, со шестар да се направи круг од 11,4 километри за да се види од која точка тоа возило тргнало во смртоносниот поход. Такви точки секако има повеќе во градот и селата наокулу, но полицијата со елиминација веројатно веќе ги утврдила можните стартни линии. Истрагата инаку има технички можности да го врати виртуелно возењето наназад и да види колку тоа се движело, кога застанало и кога пак тргнало и колкав пат минало до втората и последна точка на застанување тој ден.
БАЗА Е, сега, што кажува овој дел на истрагата, ако се е така како што ние успеавме да наслушнеме? Најпрвин дека убијците (за кои се уште официјално немаме именување дека се терористи, со исклучок на изјавата пред камерите на "Алфа" на ексминистерот Павле Трајанов!) имале своја база, најмалку една во земјава. МВР неспорно може да ги најде јатаците или тие се веќе во некаков полициски кафез и секако се наблудуваат за да пред да бидат уапсени, евентуално, се дознае со кого се имале контакти и дали припаѓаат на некоја позната група (банда, терористичка групација)!?
Одново неофицијално дознаваме дека во возилото има човечки траги (за тоа впрочем говореше и министерката Јанкуловска), но дека тие не биле дел од картотеката на МВР, што асоцира дека се работи за странци (да потсетиме дека во минатиот број посочивме кон ексминистерот Трајанов, кој во "Вин, вин" рече дека сторителите се знаат и дека се четворица, од кои двајца се од Косово а двајца се од селото Синѓелиќ). Наводно, имало отисоци од најмалку пет лица а за едно постои сомнеж дека припаѓа на женско лице, што значи дека во кругот на извршителите на злосторот веројатно имало една дама, како камуфлажа во акцијата (помалку им паѓа во очи на полицајците), која била доволно да го донесе возилото до езерото или да го донесе барем во исправна состојба на точката на стартот на акцијата?!
Според трагите од куршумите се гледа дека се користени три орудиа, од кои еден калашников и два пиштоли. Пиштолите биле со т.н. спороводечки куршуми, кои се користат токму за егзекуција, бидејќи, не се доволно прецизни за борби на поголема далечина, но имаат разорувачки ефект кога се стрела во тело во близина. И ова само докажува дека убијците биле спремни на егзекуција. Еден од куршумите од калашниковот е испукан од малку полема оддалеченост - од местото каде веројатно е егзекутирана петтата жртва,(постариот сведок), веројатно заради некакви знаци на простреланиот дека е се уште жив. Тој истрел ја погодил жртвата во нога.
Овие злосторници не го користеле бензинот и кибритот за да уништуваат зад себе докази или да прават некакви обиди за мистификација на својот идентитет, веројатно заради сигурност дека нема да бидат откриени, бидејќи, нашле други модели со кои ќе се делегитимираат. Ова е дел од нивниот професионален профил, секако, кој укажува дека тие имаат обука со многу варијанти за специјални задачи. Тука спаѓа секако и убиството на невооружени и невини тинејџери, за што треба посебен вид на бесчувствителност, која се сретнува во еден на стотина илјада случаи, дури и кај претходна селекција на криминолошки типови, токму според криминолошката литература. И најголеми злосторници паѓале пред задачата - убиство на невини деца!
НАМЕРНИ ТРАГИ Но, од друга страна, тие биле намерно посочувачки кон онаа што ќе остават зад себе - така, тие не ги ни собрале мобилните телефони од убиените, освен наводно еден, кој бил фрлен, па најден во езерските води (тоа бил апарат на момчето чија лична карта е најдена на брегот и кој веројатно телефонирал во мигот кога е убиен). Полициски аналитичари од јавната безбедност ни велат дека врз основа само на трагите од било кој мобилен, што бил на местото на злосторот, може да се идентификуваат броеви од кои во тој миг, малку пред и малку потоа, од кои е телефонирано. Наводно имало 11 јавувања од местото на злосторот во приближно исто време. Министерката Јанкуловска рече дека убијците користеле при пејд телефонски броеви. Инаку, тие на тоа место можеби можеле и да користат роаминг картички (кои користат српски или косовски базни станици). Ова говори дека имале и уште еден мотив тоа место да го изберат за точка на која ќе ја извршат својата крвава задача?!
Како што напишавме и пред 15 дена - непосредно после настанот - извршителите го кријат својот идентитет, но се јасни, дури и театрални во она што сакаат да го презентираат: да предизвикаат меѓуетнички и меѓуконфесионален судир во земјата. Можеби во таа насока одат и "опашките" на убиството во форма на сквернавење на христијанските гробишта во струшко Лабуништа, потоа обидот за силување на студентка и професорка на ПМФ, првиот ден кога од таму се тргна полицијата, во насока на тоа дека мир во земјава нема да има…