Првиот чекор во решавање на еден проблем е признавањето дека имаш проблем. Реално гледано, алкохолизмот е една од најголемите свесно нанесени штети на себеси кои на жалост многу ретко се согледуваат како такви. Најтрагичното е што многу алкохоличари се толку соживеани со новата улога, што дозите на алкохол кои ги примаат во текот на денот им се гледаат сосем нормални. Ова најмногу, зошто во многу случаи не се ни свесни за начинот на кој се менува нивното однесување под дејство на чашката, па не гледаат објективна причина за да го намалат или искоренат. Причините не се секогаш во корелација со статусот во општеството, со материјалната состојба, со невработеноста, иако колку полоша е состојбата на овие полиња, поголема е веројатноста за давење на проблемите во алкохолот. Како и да е, денешните стресови сите ги доживуваме и преживуваме својствено за себе, некои едноставно не се доволно силни да се фатат во костец со проблемите па бираат алтернативни утешители. И баш го избрале средството.
Екстремот е секогаш агресивно однесување, физичко насилство врз домашните што не ретко завршува дури и трагично. Дури и однесувањето да не е насилно, не многу помала е и тежината психичкиот терор. Семејството секогаш страда, што поради стравот од осуда од општеството, што поради општонародниот сеир и шпекулантските приказни за причините кои личноста ја довеле до посегање по алкохолот, а најмногу поради неможноста да се гледа сакана личност како се уништува себеси, а не можеш да направиш ништо зошто тој едноставно не сака да си ја согледа реалната состојба.
Во случај на физички терор врз семејството некогаш нема друг избор освен пријавување на алкохоличарот, без страв или страм што ќе речат комшиите или роднините. Не станува веќе збор за срамна ситуација туку за состојба каде постои реална опасност за безбедноста на останатите членови на семејството. Оттука надлежните институции да ја превземат одговорноста за принудна рехабилитација и повторна социјализација на алкохоличарот во својата средина.
Во вториот случај кога алкохоличарот работи исклучиво против себе - разговор, разговор, разговор...колку и да е бесполезен некогаш. Зборови кои ќе убедат дека за да решение на проблемите, истите бараат соочување, а не бегање. Помош од психијатар, од постар и повлијателен член на семејството или пријател. Сепак се паѓа во вода без силната воља на алкохоличарот да се избави и признавање дека е среде ситуација која не е нормална ниту за него, ниту за околината во која живее.