BTW...
„Струмица 2014“ како „Скопје 2014“
Изградба на споменици на цар Самуил (998-1014 година), на поранешниот претседател Борис Трајковски, на Тибериј, основачот на Тивериопол (старото име на Струмица), но и на генералот Боро Поцков, целосна реконструкција на стариот театар, кој моментно е руина, дислокација на гробот на Струма од селото Баница во Градскиот парк, изградба на регионален музеј, како и изградба на нов завод-музеј во центарот на градот.
Сите овие зафати се предвидени во новата програма „Струмица 2014“, промовирана завчера од струмичкиот разгранок на ВМРО-ДПМНЕ под ѕвездено небо, на надморска височина од 450 метри, на платото од Царевите кули над Струмица. Програмата треба да се реализира за период од четири години.
Остварувањето на оваа програма го презема комисијата за култура при локалниот разгранок на ВМРО-ДПМНЕ, чиј претседател е режисерот Јани Бојаџи. Според Бојаџи, програмата е реално остварлива, но во неа не се наведени прецизни рокови и финансиска конструкција.
- Ова е само почеток. Ќе предлагаме конкретни проекти, кои ќе бидат понудени на градоначалникот на општината Струмица и од советниците на ВМРО-ДПМНЕ. Ако не бидат прифатени, ќе бидат вметнати во нашата програма за наредните локални избори - вели Славе Гошев, претседател на струмичкиот разгранок на ВМРО-ДПМНЕ.
Според мене е ОК.
AND (но малку задоцнето, srry):
Големи актерски имиња на „Ристо Шишков“
Според селекторот Благоја Стефановски, и покрај стеснетата годинашна официјална програма на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, квалитетот нема да изостане. Во официјалната селекција се поместени 10 претстави во кои настапуваат големи актерски имињa.
- По желба на публиката годинава имаме големи актери и добро е што е така, зашто и Ристо Шишков беше актер од голем ков. И интернационалниот карактер на фестивалот е многу важен, бидејќи Шишков не беше само наш, туку беше актер на едно големо европско семејство“, рече селекторот Стефановски на отворањето на осумнаесеттото издание на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ завчера во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица. На отворањето се одигра театарската претстава „Отело“ на Кралскиот камерен театар од Цетиње (Црна Гора), а во режија на младиот Вељко Мичуновиќ, која од публиката доби долго ракоплескање и овации на воодушевување.
Свеченото отворање на фестивалот на Денот на независноста се случи во присуство на театарски и филмски режисери, критичари, глумци, а за отворен го прогласи градоначалникот Зоран Заев, кој истакна дека македонската самобитност е неотсонуваниот сон на Шишков.
На вториот ден се одиграа претставите: „Дрвениот сандак на Томас Вулф“ на Народниот театар од Сараево и „Црвената магија“ на домаќинот народниот театар „Антон Панов“. Во рамки на селекцијата на фестивалот се поместени и претставите: „Жени“ на театарот „Џинот“ од Велес, „Лили“ кабаре-продукција од Скопје, „Спиноза“ на Мал драмски театар од Битола, „Комеморација во кафе-театар“ на „Додона театар“ од Приштина, „Ветер низ тополите“ на Драмскиот театар од Скопје, „Госпоѓица Јулија“ на Турскиот театар од Скопје, „Со вкус на овошен сладолед“ на Драмскиот куклен театар од Пазарџик (Бугарија). Сите претстави се играат на реновираната „Сцена 112“, во Домот на културата. На крајот, во чест на наградениот актер, ќе биде прикажана монодрамата „Кабаре-кабаре“ на Зијах Соколовиќ, во копродукција на Австрија и на БиХ.
Сите актери учесници на фестивалот ќе се натпреваруваат за наградата „Ристо Шишков“, која се состои од златно синџирче и медаљон со ликот на Ристо Шишков и парична награда од 1.500 евра. За најдоброто актерско остварување ќе одлучува петчлено меѓународно жири во состав: Ирена Ристиќ (ланскиот добитник на наградата), Дубравка Зринчиќ Куленовиќ, Зоран Гаши, Атанас Поп Димитров и Бранко Бенинов.
Покрај театарските претстави, на фестивалот ќе се одржат и разговори за секоја претстава, а и проекции на документарните филмови „Духот на татко ми“ на Горан Тренчовски и „Крикор Азарјан“ на Лили Абаџиева.