Малку поинакво размислување за викиликс преземно до
Викиликс или Викимикс?
Редно е и „Котле“ да каже нешто за глобалната хистерија наречена Викиликс. Од
толкавата врева неопитното уво не може да чуе ништо. Пласирана главно преку
меинстрим медиуми под мрежна планетарна контрола, фамата за Џулиен Асанџ
добива историски рамери. И навистина, толкаво масовно протекување на тајни
документи не е познато во досегашната историја. Вистина е и тоа дека Викиликс е еден
од симптомите на глобалното општество.
Но, да се прашаме, што е толку непознато во тие тајни документи? Дали ние не
знаевме дека во Ирак се случуваат убиства на недолжни цивили? Дали не знаевме
дека САД прислушуваат секаде каде што можат, па се чудиме дека Хилари Клинтон
издала наредба да се прислушува Бан Ки Мун? Дали можеби не знаеме како тајните
структури ги ословуваат и омаловажуваат светските лидери? Купишта „тајни“
документи, главно безначајни.
Да ви кажам, Викиликс не нуди ниту една суштинско истекување на суштинска тајна.
Од она што досега се гледа, а и според мислења на врвни светски експерти, се работи
за глобална, таканаречена Cointelpro (Counter Intelligence Propaganda) акција, со
елементи на масовна Psy-op (Psychological Operation).
Во заднината, според мене, лежат плановите за преземање на контролата врз
Пакистан (затоа се објавени документи за пакистанска поддршка на Талибанците),
а Пакистан е трн во око на претендентите за светска контрола – исламска држава
со нуклеарно оружје. Уште поголема заднина е намерата да се нападне Иран.
Психолошката подготовка оди во насока на конечно „расчистување“ на проблемите со
Исламот...за тие што ги имаат.
Кој е финансиерот?
Многу странични информации, настрана од контролираните медиуми, изнесуваат
прилично интересни податоци за учество на загадочни разузнавачки служби зад
Џулијан Асанџ, оние (од регионот) кои се најмногу засегнати од силен Иран.
Уште позагадочни се, на пример, информациите за наводната финансиска поддршка
на Викиликс од страна на Џорџ Сорос. Интересно, нели? Е, интересно, џанам! Во тој
контекст е и фактот дека адвокат на обвинетиот американски војник од Авганистан
Бредли Манинг кој му давал тајни документи на Асанџ е Марк Стевенс, долгогодишен
соработник на Соросовиот институт Отворено општество. (На американскиот, не на
Милчиновиот – „нашиов“ во моментов е преокупиран со пишување транспаренти за
митинзите на СДСМ).
Натаму, оние што љубат да осознаваат вистински, ќе се потрудат да ја
најдат „философската“ и политичката идеологија на Асанџ во неговиот есеј „Државата
и терористичките заговори“ од 2006 година, па ќе се соочат со: извитоперен анархизам
кој стреми кон уништување и корумпирање на државите. Тоа е исто како оние
контролирани квази-анархистички движења кои дивеат по улиците, а кои немаат
ништо заедничко со во суштина благородната основа на изворните анархистички
учења (на Прудон и Бакуњин, на пример): подигање на свеста на целокупното
население на ниво на кое нема да има потреба од државна контрола каква што ја
знаеме денес.
Се разбира, постојат повеќе слоеви во приказната за Викиликс. Некои од нив
се навистина полезни, како што е несомнениот увид во тешкото лицемерие во
меѓународните односи. Но, како што секоја дезинформациска пропагандна акција
има финеси, така мислам дека глобалната операција наречена Викиликс на дело ја
спроведува Хегелијанската дијалектика: „Употреба на вистината за да се каже лага.“
Многу добронамерни луѓе се закачија за енормното значење на аферата и тоа е
разбирливо. Настаните што следат на глобалната сцена, ќе покажат дека зад завесата
на театарот наречен Викиликс се кријат многу поголеми тајни од оние што наводно ги
обелоденува Асанџ.
Сега, сето тоа се претвора во алатка за уценување и дискредитирање на политичари и
влади. Ќе дојде редот и на Македонија, иако таа е далеку од приоритетите на авторите
на Викиликс. Сето тоа, монструозниот механизам на глобалната контрола, го увидел
и Мендух Тачи, па на гостувањето на А1 вели дека сами треба да се средиме овде,
меѓу себе – Албанците не војуваа против Македонците, Македонците не војуваа
против Албанците, вели. Да се помириме, додава Тачи. Аха! Иншалах, бе Мендух, да се
помириме. Само, дали ќе ни го дозволат тоа...