Јас малце каснам со темиве, се надевам нема да ми замерите :helou:
Преку мостот...
Повторно јас и ти, повторно мостот пред нас, а никој нема сила, ниту пак желба да го мине. Никогаш не сакав да знам што има таму, што се крие, среќа или уште една грешка. Секој проклет пат кога ќе го направев првиот чекор подалеку од тебе и поблиску до него, секој проклет пат кога ти насила ќе ме бутнеше за да конечно ставиме точка на нашето, јас како уплашено детенце се стрчував кон тебе, гушкајќи те доволно силно, како да не сакам никогаш да ме оставиш. Стара љубов со нова се лекува, мислам дека кога најмалку сакав да заминам, кога и ти не сакаше да ме пуштиш се појави некој нов. Некој посебен. Се појави љубов. Знаеш, сега, по толку време, можам да ти кажам таму е рајот. Ти текнува, таму, каде што водата ја однесе нашата излитена приказна, каде што изградивме пат од зборови, каде ме привлече, како магнет, тоа златно срце. Таму е рајот, таму... преку мостот.
Кафе.
Никогаш не сум сакала кафе, ниту пак сум имала потреба од него. Смешно е тоа што сум го споредувала отсекогаш со животот, така ми беше поинтересно да го нарачувам. Не ретко велев „Турско горко, горок ми е животот!„ , не дека стварно ми беше, ама се осеќав скапано. Поминаа илјада седенки во ветеното место и сосема незабележително нарачав благо. И точно е, ми беше слатко, се чувствував слатко, ми беше лесно. Немаше да биде ништо посебно во тоа да се занесувам дека кафето го пијам во зависност од расположението, додека не реков „Сеедно, какво било...„. Мислам, кафето глупаво не е ни важно, важно е дали се чувствувам некако... Дали е навистина сеедно? Не би рекла...
Виски со мраз.
Каква елеганција, какво совршенство. Ладно и остро, место срце - мраз, место чувства и слатки зборови - само лута течност, течност која опива. Најубав мирис, кој го зашеметува умот. Зарем има нешто подобро, зарем има нешто поценето? Секако дека има - љубов. Откако те запознав, се опив, откако ме изгоре внатре и уништи надвор... јас не пијам виски со мраз, само љубам и, секако, живеам.
Снеговите во август.
Снежна бура ми го скамени срцево. Ветришта кои ми ја потресоа душата и ги истераа сите позитивни мисли. Толку долго време е вака. Секоја солза, смрзнат дијамант. Секое отчукување на моето срце, смрзнат шилец во мојата утроба. Цела планина се создала, во неа да се скријам. Снегови ме затрупале, во снежна бајка, а од ангелите само по некој залутан пердув. Толку долго време е студено, немам срце, само камен што бие. Од врелата крв, кристали останало. После дождот солзи, сега твојата суровост со снег доаѓа... а надвор август со сонцето ме убива.
Ментална хирургија.
Многу сакам да возам точак. Надвор врне. Тој пие сок. Некаде е зима. Ми го направија интернетот. Има некоја грешка. Таа се забавува. Светот е досаден. Јади шпагети. Дали е некој гладен? Ми се спие. Бебето плаче. Човекот се лигави. Ми се исполни сонот. Нема место за паника. Нема место за сонување. Трудот го создал човекот. Сите се мрзливи. Ќе одам во рајот. Ќе одите во пеколот. Ја каменовале до смрт. Го запалиле на клада. Немам чадор. Избегнувам да носам чадор. Немам чадор. Немаш ни ти.
- Зошто?
- Затоа...
- А зошто не постои ментална хирургија?
- На некои луѓе едноставно им нема спас!
- А мене?
- Кој си ти?
- Не знам...