Јас каснам, пет теми уназад сум, ама снемав нет кога ја пишував, а за другиве теми немам инспирација тренутно...

Па се надевам не е проблем што пишувам на античка тема.
Денот кога ме избркаа од рајот
Се сеќавам многу добро. Денот кога ме избркаа од рајот небото беше тешко и сиво. Знам, зошто го гледав одозгора додека ми ја изрекуваа пресудата.
„
Ти не си повеќе за овде.“
Немо го кренав погледот кон долгокосиот старец; тој тоа го протолкува како да сакам нешто да прашам.
„
Имаш прашања?“
„
Само оние вечните, што отсекогаш ги имав.“-му одговорив.
„
Мислев во врска со прогонов...“
Знам што мислеше. Ама таму горе, каде секој со секого е фин и добар и љубезен, беше забавно одвреме навреме да пробаш да ги шокираш луѓето, кои потоа со часови ќе зборуваат за тебе трудејќи се да те разберат. Ама ништо нема да разберат, зошто ни самиот не знаеш што си сакал да докажеш.
Дури и во рајот совршенството си има свои маани. Луѓето глумат, се преправаат. Прават се за да им докажат на надлежните дека го заслужиле своето место таму. Никој никогаш не ми кажа кој ги одредува критериумите за прием во рајот и кој одлучува на нивна основа. Секако не беше долгокосиот старец, зошто тој беше премногу сенилен за да биде задолжен за така одговорна задача. Никој никогаш не ми одговори; можеби затоа што никогаш не ни прашав... гласно. Во рајот сите се преправаа дека можат да ти ги читаат мислите, но ретко кој го запозна добро мојот ум.
Да бидам искрена, во мојата глава вечно неодгатната остана една мистерија: како, зошто и по кој пат баш ЈАС стигнав на тоа место. Реално, не бев нешто безгрешна додека живеев долу меѓу луѓето. Не бев некоја светица, вистината е таа. Често лажев, понекогаш крадев пари од тајните залихи на моите родители како дете. Мајка ми ги чуваше парите во орманот, во џепот на едно од сакоата на татко ми; и после толку време сеуште беше убедена дека никој не знае каде ги крие. Понекогаш брцав во џебот од сакото, да здиплам некој денар за такси или за цигари. Бев склона на пороци и роб на навики. Моето мото беше: „Само она што најбрзо може да те уништи, е способно да те задоволи.“ Како хедонист, не ми беше важно какви средства треба да искористам за да стигнам до она што ќе ме направи среќна. Бев исто така себична; ретко помислував на другите, а кога тоа ќе го направев обично пак на крајот завршуваше во моја корист. Бев завидлива; сакав да имам се што има и другиот до мене. Тоа ме одведе кон алчност- никогаш не се задоволував со малку. Бев мрзелива, понекогаш ми беше тешко и да вдишам. Блудничев со разни мажи, а кога не го правев тоа, мечтаев како блудничам. Сакав да пијам многу, бев хроник-пушач. Удрив човек еднаш, затоа што ме нарече неодговорна кучка. Никогаш не им го отстапував местото во автобус на постарите баби и дедовци. Во неколку наврати се фатив себеси како уживам да си поигрувам со чувствата на луѓето. Понекогаш дури и несвесно ги користев сите способности и атрибути за да изманипулирам нечиј ум. Скршив неколку срца; и моето беше скршено не еднаш. Во речиси триесет години колку што живеев на Земјата, само неколкупати влегов во црква; главно поради дизајнот и архитектурата повеќе отколку поради Бога и светците. Напразно го споменував името Господово. Вршев прељуби, мразев. Човечките битија се склони кон омраза. За малку ќе убиев човек на велосипед, додека возев во пијана состојба.
Боже мој... Списоков е подолг отколку што замислував.
Како побогу јас, грешник, стигнав до ова свето место?!
Кога бев малечка, додека сеуште верував во бајки... Го замислував рајот поинаков откаков што подоцна увидов дека е. Го замислував како светло, чисто место, со дрвја и цвеќиња, со девици облечени во бело кои танцуваат грациозно околу голобради мажи кои си играат со насмеани, русокоси деца... Таму секогаш има убава храна, таму вечно мириса на темјан и листови од портокал, таму сите се насмеани, несебични, срдечни, таму никој никогаш не плаче.
Кога стигнав овде, една студена јануарска ноќ, сфатив дека сум имала погрешна претстава... Луѓето овде плачеа почесто дури од оние на Земјата. Мириса на пепел и влажна земја, нема девици, ниту бели фустани, ниту грациозни танцови...
Се прашував честопати- ако волку земско изгледа Рајот; тогаш какво ли е во Пеколот?!
„
Каде ме праќате?“-прашав најпосле. „
Зар од Рај во Пекол ќе одам...“
„
Пекол?!“-зачудено праша една крупна жена со потечени очи.
„
Да, местото каде одат грешниците, каде страдаат за своите гревови горејќи во вечен оган... Ја читал ли некој од вас Библијата?!“-се вознемирив.
Жената сеуште беше збунета; но долгокосиот старец тивко се насмевна поткашлувајќи, и ми се обрати:
„
Знам за кое место зборуваш. Сите сме биле таму некогаш...“
Ми беше необјасниво како сите биле во Пеколот пред да дојдат во Рајот.
„
...Само тоа место што ти го нарекуваш Пекол... Нам ни е познато како- Земја.“
Долго стоев немо пред старецот додека да ги сфатам неговите зборови.
„
Нема Пекол...?“-изговорив, или помислив.
„
Ништо не си научила додека си била на Земјата.“- ме прекори тој.
Интересно е колку се возвишував себеси додека верував дека цело тоа време јас се наоѓам на место каде само малкумина привилегирани ја имаат честа да бидат... И колку верував дека сум среќна што не завршив на местото од кое секој грешник се плаши додека го живее својот грешен живот... И беше малку разочарувачки да дознаам дека всушност сум била на тоа место, еднаш одамна, и таму поминав триесетина години... Старецот беше во право. Илузиите и заблудите се карактеристика за земските луѓе; а јас ги донесов и овде во Рајот.
Затоа сега мора да заминам...
Ги собрав куферите, се збогував со луѓето кои ме нарекуваа пријателка... И следната секунда се разбудив на влажен тротоар, близу до една бандера, во некое место што мирисаше на чад и смог. Десетици луѓе ме одминаа, некои од нив се осмелија да ме погледнат, некои само ме прескокнаа во брзање... Се слушаше силно бучење и гласови; најпосле ми подаде рака еден уличен продавач на весници и станав... Се обзирнав околу себе; се ми изгледаше толку познато.
„
Фак-си помислив-
пак сум назад во Пеколот.“