Замисли си град. Нека е голем или мал, сеедно. Можеби е сличен како твојот. Можеби и не. Во него живеат обични луѓе. Сосема сигурно, како оние во твојот.
Во тој град ближи мугра. Се е мирно. Во тој момент, во тој град многу лесно може да си замислиш пијани средношколци, штотуку излезени од некој клуб...крадат жардинерија од некоја куќа која е на половина пат од клубот до дома. Момче и девојка се расправаат на голем паркинг; девојката плаче и се дере, а момчето се тетерави. Така неколку моменти, па одеднаш молк - се чини дека се бакнаа. Бездомник покриен со неколку весници натопени од ситниот дожд, спие на плочникот пред трговскиот центар - се прашувам, дали сонува? Ред пред една пекара. Гладна нација... Пријатна тишина.
Новиот ден полека го мие лицето. Кај и да е, ќе си свари кафенце и ќе ја почне својата приказна. Има само една шанса за тоа. Се надевам ќе ја искористи на прав начин. Можеби и нема да пуши цигаре со утринското кафе...
Светлата се бројат на прсти. Електростопанство пак штеди, а будни се само најосамените. Саботното утро ја има магијата на отстранување на привремената самотија, за оние поснаодливите. Од другите, повеќето веќе одамна се откажале од неподносливата леснотија на лесното живеење. Спијат. Веројатно и хрчат. Само најхрабрите остануваат да го чекаат моментот на соочување лице во лице со гласникот на новото утро. После првиот зрак, ќе се погледнат во огледало... ќе стојат неми 10-на секунди. И ќе заспијат. Некој со недопишана порака на мобилниот телефон силно стиснат во рака, некој со шише водка и пуштено радио... свири некој бљак српски поп рок од 80-те.
Сега, замисли си една соба. Мала, студентска и студена. Судена на траги од восок од свеќите кои секоја вечер како оваа ги пали нашиот херој, додека седи стуткан во аголот и немо гледа према прозорецот на јужната страна. Има меланхоличен поглед. Ужива во ноќта и во свеќите. Му придаваат драматика на моментите како овие, кога се обидува да дознае зошто е така она што е така, а зошто не е така она што сака да биде поинаку. Не, не е грешка... Токму така. Истата збунетост што ја имаш ти, ја има и тој на своето лице.
Можеби и ти си патувал, како него. Не ”можеби”...Знам дека си патувал, на непознати места кои знаат да понудат задоволство до моментотот на лудило. Екстаза. Фрлена коска на гладен пес пред месарница. Можеби и ти си се заљубил во идеал, како него, и можеби и ти си бил тажен – баш како него. Тој не го мисли тоа. За него, целиот свет е мизерно мал во споредба со она што мисли дека го чувствува. Ако ги имаш неговите очи, сега, баш во овој момент ќе можеш да видиш само бледи контури од едно убаво лице. Премрежје? Дестинација. Го знаеш ли чувството?
Можеби и нема да се сеќаваш во целост на лицето на девојката, ама ќе знаеш дека си се заљубил во него. Апсурд? Не... ако ти си тој во овој момент, ќе знаеш дека апсурноста постои единствено како оправдание на немоќните да сакаат. Нема да се запрашаш во што си се вљубил.Оние што знаат да љубат, во еден миг - мал како и ти во тој момент, можат да погледнат многу подлабоко. Можат да нурнат до океанот на човековата душа. Ако си ти нашиот херој, ќе бидеш бестрашен. И нема да знаеш да пливаш во океанот. Ќе почнеш да губиш здив. После тоа ќе ти остане само тапата болка.
Погледот и ноќва ќе ти е вперен према југ...Таму некаде далеку живее таа. Таму се наоѓа Елдорадо на твоите заслуги. Картагена на твоите емоции. Изгубената Атлантида на твојата душа.
Се било толку кратко... Некој би рекол дека траело пократко од едно трепнување со очите. Ама во тој момент, времето за тебе престанало да има смисла. Бројки, бројки и само бројки. Старееш, а не го гледаш тоа. Малку по малку, стануваш престар за неа. Не ти е важно... Трепнување со очите... Ти се чини дека тој момент уште треба да трае. Не си подготвен капаците да ги затвориш толку брзо како што паѓа завесата на крајот на некоја евтина едночинка. Не си подготвен за завршните зборови... побогу човече, па не си ни дошол до кулминацијата, а камо ли да мислиш на расплетот.... И на поентата на целата приказна.
Единствената поента е дека ја сакаш. Со целото битие, распарчено и исцедено. Нудиш се од себе. Се обидуваш да кажеш нешто, да заиграш своја игра, ама таа те опива. Пред да знаеш, ти си тој кој танцува на музика од нејзината харфа. А таа и понатака со лесен,ангелски чекор подскокнува на Лебедовото езеро; Безгрижна како снегулка која за прв и последен пат патува кон вечниот мир...Ужива. Ти си марионета. Беспомошен. Страста те води низ големиот момент кој неизбежно пристигнал. Зборовите веќе губат смисол. Ти упорно ја бараш добитната комбинација. Кажа многу, рече малку. Никогаш доволно. Никогаш правилно. Се обидуваш.... бесцелно. И оваа ноќ. Свеќите ќе догорат, утрото-тој вечен предавник на храбрите сонувачи- ќе дојде. Ќе останеш на истото место, врзан со невидливи окови. Ќе спиеш и ќе шепотиш. До наредната ноќ. Потоа, истата приказна. Прозорецот кој гледа према југ и понатаму ќе остане затворен. Од него како ехо на неделните звона од блиската црква и понатаму ќе се одбиваат неколкуте зборови кои како молитва и клетва те будат секое зајдисонце и те испраќаат на крајот на ноќта.
Мал трепет на усните. Се слуша шепот....”Со овие зборови те прашувам: Дали денеска е денот кога ќе ми го направиш поубав овој град...?”
Нема никој да те слушне. Сонувај.... Новиот ден го свари утринското кафе. Се слуша палење на запалка. Ќе има чад... Сонувај.
Замисли си град. Нека е голем или мал, сеедно. Можеби е сличен како твојот. Можеби и не. Во него живеат обични луѓе. Сосема сигурно, како оние во твојот. Некои се борат со омразата, некои уживаат во сопствената среќа. Некои се задоволни со она што го имаат, а некои не знаат што сакаат. Во овој град, кучињата лаат исто како и во твојот. Петлите веќе не пеат. Камбаните и понатака бијат. Времето минува. Водата е тешка. Времето не. И ти си тежок. Гравитацијата си го прави своето. Свеќите догоруваат. Сеќавањата се забораваат. Чувствата бледнеат. Само зборовите остануваат...да ѕвонат во ноќта.
Отвори го прозорот кој гледа према југ. Отвори било кој прозорец. Не мирисаш ли?
Некој прдна...