Ретко...во последно време навистина ретко излегувам од дома после полноќ. Незнам зошто тоа го сторив баш тогаш. Можеби заради жедта да испијам по некое пиво со некои туѓинци кои ќе ми зборуваат за нивните проблеми,а јас ќе ги давам нив со моите глупости. Никој никого нема да слуша, а се ќе си кажеме. Супер. Преку глава ми е од фразите како криза на карактер, емотивна криза, финансиска криза... Фак. Сакам ладно пиво.
Локацијата ја одбрав случајно. Кафиќот каде понекогаш пијам кафе и читам хороскоп од тинејџерски магазин, таа ноќ личеше на биртија со фин ентериер. Убава промена...ионака кафето не им е којзнае што.
Тотално непознати ликови качени по маси глобално мастурбираат на хитовите од раното творештво на Жељко. Човеколики хиени играат околу марионетките- овие пак едвај чекаат да дојде моментот кога некој храбро ќе им пристапи, ќе ги почести пијачка, ќе им понуди туш и мека постела и ќе вети провод на нивниот живот. Емоциите се насеќаат во воздухот.Човек да помисли дека неможе ни да кивне. Упс....отиде лустерот. Толку од финоќата...Емоциите веќе добиваат призвук на скршено стакло. А и не беше којзнае каков лустер. Впрочем, по ѓаволите со него....
Се сместив на еден барски стол, помалку на страна од гужвата. Се чувствував предаторски. Радарот- подобар од оној на ”Наутилус”- веќе беше активно вклучен во потрага по нешто што би и дало смисол на бесмисленоста на ладното пиво без друштво. Ако не најдам некоја промискуитетна дама, секогаш е присутна надежта дека една добра тепачка сепак ќе ми го направи денот. Замислен и помалку нервозен во исчекување на полупијаното лице на келнерката расмислував дали да и оставам бакшиш. Кучката не го заслужи, ама несакав да си ги расипам шансите кај неа. Може да биде одлична прилика, ако не успеам да конкурирам на тендерот за девојки кои бараат топла вода во туѓиот бојлер. И ако не инсистира да запалам светло дури не замине.
Очите ми светнаа...доаѓа девојката на вечерта - пријателката кригла. Ја земам во рака и започнувам да водам љубов со неа. Првата голтка е хаос... секогаш. По неа ја земам и втората...форсирам.... Одамна ожеднав до тоа ниво кое не ми дозволуваше да уживам во бавното пиење. После неколку голтки, бавно и среќно ја спуштам криглата....Еве кога повторно ќе помислам, дури и сега неможам да објаснам како во сета таа зачадена и пијана гужва под изгаснати рефлектори, ја забележав неа... Во прв момент помислив дека овојпат ловецот ќе биде ловен. Не ми сметаше, искрено. Сепак, кога го задржа вперениот поглед во мене подолго време сватив дека не се обидува да види какви кондури носам, дали од џебот на панталоните ѕиркаат клучеви од новиот модел на Ауди и дали за мојата фризура се грижи некој блесаво доброчуден стилист. Не, не зборувам за љубов на прв поглед. Зборувам за поглед кој делува некако познато. Топло и мило, а сепак таинствено.
Не, не е можно да е таа. Каква среќа имам јас? Низ глава ми помина коментарот на Хемфри Богарт, од Казабланка: ”Од сите кафани, во сите градови, во целиот свет....таа влегува во мојата”. Собери се човеку....помислив. Не е време за ретро патетики. Тргнав накај неа, како маѓепсан и со помалку плашлив чекор, откако ме покани со едно нималку одважно движење на главата. Наближив и полека застанав наспроти нејзината маса. Несакав да сметам на пејачот на групата кој баш во тој момент беше клекнат пред неа и како прасе кое ја пее лебедовата песна и пееше некоја "ја те волим-ти не осечаш" химна на новата генерација... пак проклетиот Жељко. Ама добро, оваа веројатно е од новиот албум. Фак... ова тотално личеше на неа. Се потпрев на ѕидот, запалив цигара, голтнав уште неколку пати од пивото и се насмевнав... Одсекогаш луѓето за неа зборуваа најразлични работи. Сумирано, секој ќе потврдеше дека станува збор за прекумерно ”слободна” девојка. Јас одсекогаш ја гледав како славејче затворено во кафез. Не може да излезе и да ги рашири крилата, или друг да му ја отвори вратичката зошто самото тоа го има клучот, некаде во себе. Ама не сака, или незнае како да го побара.
Младиот Кафанароти со многу гел на косата и малку талент за пеење ја заврши неуспешно сеансата на шармирање на девојката наспроти него. Таа полека стана и помалку неспретно и неграциозно се довлечка до мене. Насмеана и среќна што ме гледа? Можеби да, можеби не... како би знаел?! Помина толку многу време откако последен пат се видовме. Многу долго време од последниот пат кога ме пушти во нејзиниот кафез и во нејзиното гнездо...креветот на проститутката – така го нарекуваа сите лековерни глупаци кои никогаш не го виделе, а се преправаа дека чуле за него - Креветот кој за мене секогаш бил местото каде што се остваруваат соништата.
Се прегрнавме, на почетокот резервирано и плашливо, а потоа се поцврсто и поцврсто. Прво, како да се плашеше да не налета на некој нож кој штрчи од моите гради...Откако во целата гужва по се изгледа успеа да го чуе биењето на моето срце, се опушти. Ја држев во моите раце за момент пред да се сепнам и да побрзам кон пивото и цигарата... Така се осеќав покомотно. Нив можам да ги скротам во секој момент. Неа не успеав никогаш.
Разменивме неколку збора- Како си? Што бараш тука? Од кога не сме се виделе... како оди школото?... Помалку нервозен муабет. А каков и би бил... Ме фати на моментот-изненадување. Се почувствував разоружан. Заборавив со каква цел пристигнав на тоа место, таа вечер. Храбриот предатор во себе го пратив на спиење, а радарот го заборавив некаде по пат. Сега постоеше само таа. Навидум ненаметливо, ме скроти како дресер во француски циркуз. Сеуште го имаше истиот поглед кој oсвежува како некои планински водопади; насмевката која потсеќа на изгрејсонце...и таа не се изгубила низ времето... Научив дека веќе три години е во среќна врска, го мрази факултетот и сеуште напамет го знае мојот број. Изгледа требаше самиот да сватам дека таа вечер е излезена само со една другарка. Без него.
Лицето кое го гледав пред мене повторно ја фрлаше истата отровна магија. Само,веројатно не знаеше дека овојпат јас ја носам нејзината маска која и ја симнав таа ноќ...и ми остана како единствен траг на патувањето до ѕвездите. Веројатно, не ни претпоставуваше дека на себе како амајлија ја носам од денот кога последен пат не ми кажа "Чао". Туку, едноставно исчезна... Тогаш, долго време лежев во нејзиниот кревет. Последното упориште на чистата надеж. Ја чекав долго, долго време дури и откако сватив дека нема да се врати. На крај, заминав засекогаш и ветив дека ќе ја носам маската до денот кога повторно ќе ја видам. И сега што? Стои пред мене. Истата, убава и пожелна... Се двоумев за момент. Само за момент.
Не ја запрашав зошто никогаш не се јавила. Нити пак посакав да се потсетам зошто јас не сум го сторил тоа.
Културно ја одбив и поканата да ги придружувам неа и нејзината partner in crime на забавата на која ќе одат откако ќе заврши фиестата на местото каде што бевме. После неколку минути, и кажав дека мора да одам дома бидејќи утредента, од сабајлечки ме чека важна работа.
Набрзина го допив пивото, промрморев нешто што личеше на поздрав и излетав низ вратата. Не се ни обидев да ги дослушнам зборовите кои ми ги кажа додека заминував а личеа на: "Ќе те побарам дено..."
Заборавив дека утредента беше недела. Изгледа, не бев подготвен повторно да сонувам. Не тогаш... не така....
Почна да врне. Итав према дома. Тогаш, после долго време поинаку ги почувствував капките дожд кои како храбри борци со мисија паднаа врз моето лице... Осеќав пријатно свежо чувство. Можеби, дојде времето повторно да го почувствувам дождот на мојата кожа... Чист и измиен, исполнет со убава енергија.
Ретко...во последно време навистина ретко излегував од дома после полноќ. Незнам зошто тоа го сторив баш тогаш. Знам единствено дека ништо не е случајно. Подготвен ли сум за спиење? А можеби и за повторно сонување? Фак. Сакам ладно пиво!