Свежиот мирис на пукнатата пролетна вечер се разлеваше по целата утроба на земјата, небото со некаква посебна боја се покри со надеж за крај на нешто што долго време тлеело во извртената слика на момент овековечен на мека постелнина. Собата изгледаше речиси исто како и секогаш, се чувствуваше некаква напрегната густа топлина, некаква особена спарност која почна да бара свое место низ навидум незабележливите пукнатини на ѕидовите.
Таа стоеше потпрена на работ од ѕидот до малечката масичка, едната рака и` беше положена на студениот ѕид, а со другата го бришеше лицето. Што бришеше? Што сакаше да оттргне од себе, да откине од својот образ? Со левата рака ги прекри очите, небаре слепилото ќе дојде со тоа движење, а во десната светна малечко ноже. Како сите бури да се собраа во едно тело, како немирот на целиот свет да изникна од нејзината кревка душа, па со несигурна и треперлива рака обележа нешто на ѕидот. Цртичка. Уште една издлабена црта, уште еден гром во срце распарчено од болка, уште еден доказ дека стигнала поблиску до амбисот на црниот тек на животот. Ете каде се собирала сета спарност, ете каде си го наоѓала своето лежиште, па кога би урнал некој се` што и` дава смисла на собата, би нашол само гнилеж и згуснати воздишки.
Ножето го испушти од раката и тоа создаде мачен звук за глувата земја, го прекри лицето со двете дланки и од задушениот плач почна да и` се тресе целото тело. Прстите и` беа влажни, лицето искривено во грч, се трудеше да не писне на глас, го притаи она што и` ја параше душата. Како да сакаше да си ја откорне кожата, да ја разоткрие својата повредена и крвава внатешност, да го искорне срцето и да си го изеде. Ги стисна и крцна со забите, ги стави влажните прсти во косата и ја крена главата накај таванот, но се сепна и веднаш ја спушти надолу, усните и` се искривија, очите и` беа суви и пресушени до болка. Почна да се кае.
- Со што заслужив да ја кренам? - со глас полн со јад изусти. - Тука не може никој да ме види, сама сум во собава, кралица сум во ова дувло, никој нема да ме осуди, никој не може да ме исмее што сум кренала поглед нагоре, но не можам. Сила. Да, сила. Немам. Немам ни гордост, - со сведнати очи ги гледаше врвовите на прстите на нозете. - Што имам? Чекај, зарем можам да си поставам такво прашање, зарем смеам да си дозволам да се запрашам? Во ред, можам да се обидам, но одговорот каде да го најдам?
Вртејќи ги очите низ собата сакаше да си помогне, да се утеши, да си даде шанса. Погледот и` застана на ѕидот, па секавично се сврте накај креветот. Белината од сите страни сами и` го затемнаа погледот, посака во моментот барем заматено да го гледа она што ја опкружува, да не ја види јасно сликата на она што секогаш стоело тука, она што сведочи за неа, тоа што нема што и на кого да остави наследство.
- Ова засекогаш ќе остане мое и само мое! - со скржав тон на гласот си рече. - Тоа сум јас, не можам да бидам друга, тоа е мојот живот, за тоа сум родена. Всушност, ништо друго не знам добро да правам. Не знам зошто си мислев дека можам да избегам од сето ова, дека можам да станам друга личност, дека толку лесно ќе ја заклучам вратава однадвор и со куферите ќе заминам далеку, дека ќе барам нов свет за себе. Тука, меѓу овие ѕидови, на овој кревет, во скутот на некој одвратен парајлија е мојот свет. Не, нема да бегам од тоа. Навистина, секогаш повраќам после гадните допири кои оставиле невидливи траги на моето тело, после ненаситното урлање кое го трпело моето уво, после туѓите смрдени капки пот кои капеле на моето лице, но се` е навика.
Злобна насмевка и` ги прекри усните, убавите црти светнаа, очите и` заискрија молскавично, кожата и` доби посебен сјај, блесна алчен поглед. Иронична гласна насмевка ја исполни собата додека одеше накај масичката каде и` беше малото огледало. Седна, ја исчешла косата, го напудри лицето, задоволно се погледна и тргна накај креветот каде што го имаше уредно положено црниот сатенски фустан.
- Одиме да заработиме некое евро, - блескаше од задоволство додека се гледаше во големото огледало.
Ја отвори вратата, фрли еден поглед накај собата и кога виде дека се` е во најдобар ред го згасна светлото и излезе. Се слушаше одекнување во ходникот, се слушаше тропање на штикли по скалите, мирисот на жената се ширеше, а собата остана празна.
Остана свилената постелнина на креветот на проститутката молчешкум да чека за да биде истуткана и изгнасена, останаа ѕидовите да чекаат нова цртка која ќе биде сведок на нови солзи и иста болка.
И така секој ден.