Стол. Маса. Грамофон. Светлината е пригушена.
Ликот: Лузер сум бе, добро. Губитник. Кукавица. Гомно. Зар не сме сите исти гомна?. Не сум ништо подобро гомно од другите. Некои мирисаат подобро од мене, некои полошо. Ама порано или подоцна сите завршуваме на исто место- во канализација.
Ти се сметаше себеси за подобро гомно од другите. Мислеше дека си излегол од подобар газ. Денот кога брат ти ми се јави да ме покани на погребот... Почувствував кнедла во грлото, зошто помислив дека се загубило добро гомно. Мислев дека светот беше подобро место за живеење кога те имаше тебе. Не заплакав тогаш, зошто бев презафатена трудејќи се да ја истуркам кнедлата од грлото. Кога мајка ми влезе во собата и ми го виде изразот на лицето, посака да повика доктор. Дојдов при себе, и се расплакав. Ебати светот и ебати животот. Гомно си, ама гомно што ми беше потребно покрај мене.
(мала пауза)
Денот кога те нашле во превртената кола, беше најубавиот и најтопол ден од Февруари. Место снег, некое срамежливо сонце ѕиркаше меѓу облаците, и се беше необично радосно и раздвижено тој ден. Мразовите по улиците почнаа да се топат, луѓето се растрчаа наоколу.
А ти мртов. Каква иронија.
Да знаев дека вечерта кога пиевме виски во станот на Игор ќе биде последниот пат што ќе те видам, ќе искористев да ти кажам некои работи. Ќе ти кажев колкаво гомно си, ќе ти кажев дека не го заслужуваш воздухот што го дишеш. Ќе ти кажев дека не можеш да ја платиш мојата наклонетост. Ќе ти кажев колку те сакав додека те идеализирав и додека мислев дека си посебен, и искрен, и вистински пријател, и колку се разочарав кога работите излегоа поинаку. Ти ми беше идол, човече. Сакав да станам како тебе, силна, издржлива, непокорлива. Да го правам она што сакам, и секогаш да испаѓа исправно. Да можам да и погледнам на опасноста во очи без воопшто да затреперам од страв. Ти отсекогаш ми викаше дека не знам да живеам. Дека премногу размислувам пред да постапам, и додека смислам, шансата веќе ми поминала. Ми викаше дека ризикот секогаш вреди да се превземе, без разлика на последиците. Ме нарекуваше плашливка и ми викаше дека се плашам да се покажам. Дека се кријам. Се чувствував немоќна покрај тебе. Како бубачка што секој миг можеш да ја прегазиш, ама сеуште е жива поради твојата милост. Верував дека ме учиш да бидам поразлична, посебна, силна. Како тебе. Сакав да бидам како тебе. Храбра. Непокослива.
Денот кога се заљубив, ме нарече слабак. Отсекогаш тврдеше дека љубовта и чувствата се карактеристика на слабите и немоќните. Дека вљубените ги затвораат очите пред опасноста, и на крај, секогаш завршуваат во бездната. Велеше дека човек не може да биде повреден, ако нема слабости. А вљубените имаат слабости. Вљубените би продале бубрег за оној кој го љубат, би убиле човек за него. Никој не вреди толку за да се жртвуваш за него, ми зборуваше ти. А јас бев среќна, блескав, луѓето не можеа да ме препознаат. Сите мисли и насмевки и секој подвиг што го правев и секое помрднување на моето тело и секој збор и секое трепнување на окото и секој здив што го вдишував- му ги посветував него. Се трудев да ја скријам пред тебе толку очигледната заљубеност, зошто знаев дека не сакаш да бидам како другите слабаци. Ама беше посилно од мене, а и ти добро ме познаваш. Брзо ме сфати.
Ме нарече слабак, ми рече дека си се разочарал. Дека си мислел дека целам кон повисоки нешта во животот, отколку да го губам времето со некој мочко. Беше изнервиран, ми викаше гласно, не можев да сфатам што ти се случува. Ми рече дека кога ќе бидам повредена и разочарана од оваа моја глупава идеологија, ќе дојдам кај тебе да плачам, ама ти нема да ме примиш. Зошто веќе си ме предупредил дека ништо добро не произлегува од чувствата. Само разумот не носи до успехот.
Колку ми изгледаше решителен тогаш.
Можеше барем да глумиш љубезност спрема него, во мое име. Ти си дозволуваше да го нарекуваш со секакви имиња, да му зборуваш глупави работи и да покажуваш во секоја можна прилика колку не го поднесуваш.
Затоа и бев изненадена кога ми се појави пред врата еден ден и ме викна да се повозиме. Беше пијан, иако ретко пиеш. Беше многу пијан. Почна да возиш забрзано, да зборуваш глупости, да составуваш неповрзани реченици. Ми спомнуваше некакви дати, кога сме се запознале, кога прв пат сме излегле во исто друштво, кога славевме роденден заедно, кога ми ја подари книгата, кога сум се вљубила и целосно сум се променила спрема тебе... Ми зборуваше и за пријателството и за тоа колку не веруваш во тоа зошто е само “глупава, слепа работа за слабаци„. Се беше глупаво за тебе. И сите беа слабаци. Ама чекај, нели сме најдобри пријатели? Излези од колата, ми рече.
Излегов.
Стоев на топлиот дожд неколку минути, кога ја видов твојата кола како се движи во моја насока. Влези.
Влегов.
Уште десетина минути неповрзан муабет на кој не се сеќавам, знам само дека имаше бес и револт во твојот глас... Те сакам. Ги слушнав зборовите и мислев дека доаѓаат од радиото. Ме слушаш ли, те сакам. Да, јас силниот, закоравен радикалец, што не верува во љубов и слични патетични срања. Ајде, каменувај ме.
Те гледав упорно цела минута, ја изгасив цигарата и ти реков да ме однесеш дома.
Ама ме слушаш ли?! Ти кажувам дека те сакам, дека цело време бев заљубен во тебе, дека го мразам тој скот што те украде од мене, да, јас кој тврдев дека ништо добро не произлегува од чувствата. Те сакам, у курац, проклета да си. Те сакам зошто си посебна, а јас сум слабак како тебе. Извини што ти го кажувам ова...
Однеси ме дома. Излегов од колата.
Следните неколку месеца правеше се што е во твоја можност да ми го загорчиш животот. И тоа само зошто ти сметаше дека ќе можеш да ме направиш посреќна одколку што бев со него.
Вистината беше дека ти мразеше порази. Мразеше да губиш, затоа и беше толку упорен. Стана толку налудничав што почна да ме плашиш. Љубовта е карактеристика на слабаците, така беше? Кој е слабак сега?!
Колку силно си стоеше на своите зборови додека ме учеше како да опстанам на светов. Како да бидам силна. Кога беше моја потпора и мој учител. И се што сакав да станам, а не можев. Зошто сепак сум човек.
Сега испадна најдобриот актер меѓу сите нас. Гледаш, на крајот сепак испадна најдобар во нешто. Тоа и го сакаше, нели? Најдобар актер во театарот наречен живот, ете ти.
Кога отидов да ти положам цвеќе, сакав да поразговарам со тебе. Да ти кажам некои работи. Ама немав што да кажам. Дури и да имав, не знаев како да го кажам. Сега те нема, и нема кој да прави да се чувствувам ниско и побезвредно од колку што навистина сум. И немаше кој да ме задржи кога ќе се сопнев и да ми подаде рака кога ќе паднев. Или да ме гушне и утеши кога ми е тешко, кажувајќи ми колку е мизерен мојот мал живот. Да ми каже колку сум посебна додека ми ги брише солзите, иако по стоти пат ми повторува колку сум слабак.
Ретко доаѓам да те посетам, ретко мислам на тебе.
Почивај во мир, ебате.
(завеса)
(не е моја автобиографија
)