Бог да го прости !!!
http://makfax.com.mk/kultura/почина-рок-легендата-чак-бери/
Почина рок легендата Чак Бери
19.03.2017, 07:21
Легендарниот американски музичар Чак Бери почина во саботата на 90-годишна возраст, соопшти Управата на полицијата на округот Сент Чарлс, во сојузната држава Мисури, каде што живееше овој легендарен пејач, гитарист и автор на многу хитови.
Музичарот паднал во бесознание во својот дом, но точната причина за смртта засега е непозната.
„Полицијата на округот Сент Чарлс одговори на повик за помош на адреса на улицата Бакнер роуд во 12,40 часот (18,40 часот по македонско време). Првиот службеник кој дошол на местото затекнал маж кој не давал знаци на живот. За жал, обидите за реанимација биле безуспешни, смртта настапила во 13.26 часот“, прецизираше полицијата.
„Полицијата на областа Сент Чарлс со тага ја потврдува смртта на Чарлс Едвард Андерсон Бери постариот, попознат како легендарниот музичар Чак Бери“, се наведува уште во полициското соопштение и притоа се бара да се почитува правото на приватност на семејството и блиските на музичката легенда.
Чарлс Едвард Андерсон Бери е роден во Сент Луис (Мисури) на 18-ти октомври, 1926 година. Тој почнал да покажува интерес за музиката уште од рана возраст во основното училиште учејќи да свири џез гитара. Во 1940-те години Бери не успеал да се здобие со повисоко образование, бидејќи бил осуден на затворска казна под обвинение за вооружен грабеж. По неговото ослободување, тој се оженил и се вработил во една фабрика за автомобили, свирејќи во вечерните часови во мали клубови.
Пресвртниот момент во неговиот живот и кариера се одиграл во 1955 година, кога заминал во Чикаго, каде што се запознал со значајната личност во светот на блузот Мади Вотерс, кој му предложил да го запознае со Леонард Чес, основачот на сега веќе непостоечката дискографска компанија „Chess Records“. Како резултат на таа соработка снимен е синглот „Maybellene“ продаден во над милион примероци, заземајќи го првото место на топ-листата на магазинот Billboard, во категоријата ритам-и-блуз. Кон крајот на 1950-те години, гитаристот, вокалист и композитор веќе го достигнал статусот на ѕвезда. Автор е на голем број рок класици од тој период, како „Sweet Little Sixteen“, „School Days“ и „Мy Ding a Ling”.
Музичарот кој поради подвижноста и брзото движење на нозете го добива прекарот „Луди нозе“, во овој период ги снима „Thirty Days“, „No money down“ и „Roll Over Beethoven“ (1956.), а потоа ги ниже хитовите „School Days“ и „Rock and Roll Music“ (1957), „Sweet Little Sixteen“, „Carol“ и „Johnny B. Goode“ 1958), „Little Queenie“, „Memphis Tennessee“ и „Back in the USA“ (1959). На крајот 1950-те постигнува планетарен успех, а благодарејќи на едноставните и општочовечките теми на своите песни: забавата, љубовта, автомобилите, училиштето, станува херој на белата младина опиена од рокот.
На почетокот од следната деценија, неговата карира тргнала по надолна патека. Во 1961 година Чак Бери добил уште една затворска казна, две години минува во затвор поради врски со проституција, неговите плочи се продавале сé послабо, во 1970-те години веќе го сметале за веќе истрошен музичар. Но истовремено, музичките гиганти од другата страна на океанот како The Beatles, The Rolling Stones, Status Quo и Uriah Heep, кога тој минува тежок период, ги преземаат неговите музички стандарди, и редовно ги снимаат и исполнуваат на концертите своите верзии на делата на мајсторот. А манирите на славниот Американец за движење на сцената ги прифати лидерот на австралискиот бенд AC/DC, Ангус Јанг.
Чак Бери е еден од првите музичари чиешто име е овековеченово со Куќата на славните на рокенролот, отворена во Кливледн, во Охајо, во 1986 година. Покрај тоа, нему му припаѓа и признанието од колегите во „освојувањето на космичкото пространство. Имено во 1977 година САД во Вселената испратија две меѓупланетарни сонди „Voyager“ на кои се позлатени дисови со дијаметар од 30 см, фонографска капсула со игла за репродукција. Тие носачи содржат фото и аудио информации, коишто според замислите, траба да го запознаат потенцијалните вонземни цивилизации со нашата. Покрај различните звуци, како шепот на мајка и плач на бебе, гласови од птици и животни, кратки поздрави на неколку десетици јазици, снимени се и народни музики и најпознатите дела ба светската музичка култура. Меѓу нив е и хитот на Чак Бери од 1950-те „Johnny B. Goode“.
Боб Дилан го нарекуваше Чак Бери „Шекспир на рокенролот“, а Џон Ленон еднаш изјавил дека „доколку сакате на рокенролот да му дадете друго име, можете да го викате Чак Бери“. По веста за неговата смрт, Брис Спрингстин, кој добро го познавал, напиша на Twitter: „Чак Бери беше најголемиот рокер, гитарист и најголемиот текстописец на најдобриот рокенрол кој некогаш живеел“.
Според магазинот Rolling Stone, нумерата „Johnny B. Goode е најдобрата гитарска композиција на сите времиња. Чак Бери е лауреат на наградата Греми за особен придонес во развојот на музиката и музичката индрустрија.
На својот 90-ти роденден ја изненади јавноста најавувајќи го излегувањето на новиот албум, првиот по речиси 40 години. Албумот со едноставен наслов „Чак“ е снимен во студијата во близина на Сент Луис и треба да се појави оваа година.
/крај/мф/сн
http://24vesti.mk/pochina-muzichkata-legenda-chak-beri
Почина музичката легенда Чак Бери
19.03.2017 | 03:20
Почина Чак Бери, еден од основачите на рокенрол музиката. Полицијата во Мисури добила повик од неговиот дом и го пронашла без знаци на живот. 90 годишниот музичар директно влијаеше на музиката на „Битлс“, „Ролинг стоунс“ и „Бич бојс“ и беше еден од првите музичари примени во Рокенрол куќата на славните.
Во 1984 година доби Греми за животно дело. Негови најпознати хитови се „Џони Би Гуд“, „Рокенрол музика“, „Назад во САД“, „Мемфис, Тенеси“ и „Мејбилин“. Особено хитот „Џони Би Гуд“ е песна која најмногу е користена во филмовите, а во 1977 година токму овој хит е вметнат во вселенската сонда „Војаџер“ како порака од Земјаните за можните вонземјани. Овој хит од 1958 година, повторно доживеа неколку преработки, благодарение на филмот на Стивен Спилберг „Враќање во иднината“ од 1985, во кој Мајкл Џ. Фокс го изведува овој хит во 1955 година на матурската прослава на неговите родители, три години пред хитот да биде создаден.
Роден е како Чарлс Едвард Андерсон Бери во 1926 година, а професионалната кариера ја започнал на 26 години. Се смета за еден од татковците на рокенролот и еден од најдобрите гитаристи, беше препознатлив по посебниот сценски настап и стилот на свирење гитара секогаш проследен со импровизации во стилот и начинот на изведувањето. Беше музичар кој не сакаше строго да се држи до сценските перформанси, едноставно за секој настап измислуваше сопствен стил.
Во 1962 година, Бери одлежа тригодишна затворска казна, поради тоа што тајно помогнал на 14 годишна девојка да ја премине границата од Мексико во САД. Во тој период, сними и неколку хитови, но успехот на „Џони Би Гуд“ како да му ја запечати кариерата, па не успеа со ниту една песна од шеесетите да го повтори успехот.
Долго време од здравствени причини не настапуваше, а сакаше јубилејно да го прослави роденденот со новиот албум „Чак“, кој годинава постхумно ќе биде објавен.
http://lokalno.mk/pochina-muzichkata-legenda-chak-beri/
Почина музичката легенда Чак Бери
19/03/2017 07:31
На 90-годишна возраст почина американскиот музичар Чак Бери. Музичарот изгубил свест во својот дом во Мисури.
Полицијата на округот Сент-Чарлс пристигнала домот во 12:40 по локално време (18:40 по македонско). И покрај преземените обиди за реанимација, легендата не беше вратена во живот. Смртта настапила во 13:26 (19:26 по македонско време).
Родениот во 1926 година пејач и гитарист Чак Бери се смета за еден од највлијателните изведувачи во историјата на рокот. Во 1986 година тој стана еден од првите изведувачи вклучени во Куќата на славните на рокенролот.
Бери влегува во листата на 100-те најголеми изведувачи на сите времиња според списанието “Ролинг Стоун” каде што му беше одредено петтото место. Тој е исто така добитник на наградата “Греми” за особен придонес во музиката и развојот на музичката индустрија.
Чак Бери, чие полно име е Чарлс Едвард Бери, е еден од пионерите на рокенролот. Тој ја воведува гитарата како белег во рок композицијата. Стилот на Бери е комбинација од влијанијата од ритам и блуз, кантри и блуз жанрот, поддржани од духовити текстови, кои понекогаш достигнуваат до отворена сексуална тематика.
Тој има големо влијание врз изведувачите од идната генерација како Битлси, Ролинг Стоунс, Бич Бојс, Боб Дилан. Првите рок групи од Англија го сметаат стилот на Чак Бери за примерок и неговите гитарски композиции покажуваат огромно влијание врз формирањето на музика во Велика Британија. Според голем број критичари и познавачи од сите рани рокенрол изведувачи тој е најважниот за развојот на оваа музика.
“Тој е нејзиниот најголем текстописец, главниот оформувач на нејзиниот инструмент, еден од нејзините најголеми гитаристи и еден од нејзините најдобри изведувачи”, гласи една од оценките за него.
Чарлс Едвард Андерсон "Чак" Бери
18 октомври 1926 - 18 март 2017
Лесна му земја
нека почива во мир
R.I.P.