16. Никогаш не оставај ме - Казуо Ишигуро - 8/10
Лесна книга за читање, која добива на тежина како одминуваат страниците. Станува збор за дечиња кои раснат заедно во интернат со една животна цел, која не им е цело време позната, а тоа е да ги донираат своите органи кога ќе пораснат. Целата атмосфера е секојдневна, а всушност не може да биде понесекојдневна. Од една страна имаме предмети на училиште, дом со дечиња, емоции, закачки и заљубувања, се што му е на човека познато и низ кое секој поминал, од друга страна имаме мистичност, тајни премолчени, изгубеност и милион прашања без одговор околу тоа што се крие во иднината и ги чека тие дечиња. Јас дури откако ја прочитав сфатив дека станува збор за клонови, а не едноставно за деца на проститутки, зависници или социјални ранливи категории кои ги оставиле своите деца уште како мали во дом, па во дистопичното општество се пренамениле тие деца да станат донатори на органи. Чудно како толку едноставна книга за читање, која може да се раскаже во 2 реченици, може да остави толку силен впечаток, кој воопшто не може да се раскаже, може само да се доживее читајќи. Чувството на меланхолија, недавање среќен крај и свесноста за минливоста и безначајноста на животот, која се добива читајќи ја книгата, може да се забележи и во делата на Харуки Мураками, а верувам и кај други јапонски автори, кои допрва ќе треба да ги читам. Ја препорачувам.
Сега гледај го и филмот и спреми си марамчиња.
Експресно го послушав советот на Злате, го гледав филмот
Never let me go и да пишам анализа дур се сеќавањата свежи од филмот и од книгата.
Не е лош филмот, има 2 тешко емотивни сцени. Првата со учителката Луси кога им соопштува во училиштето која е целта на дечињата и што ги чека кога ќе пораснат (ова можеби е меѓу малкуте работи што се реализирани подобро од книгата), можеби хајлајт сцена на филмот. Втората е крајот (последната сцена), кој исто убаво е прикажан, рамо до рамо со книгата ми се. Е сега, што е испуштено, а има значење и со самото испуштање се намалува впечатокот и можноста за доживување на работите како во книгата. Ќе се заддржам само на тоа што е испуштено и измешано, а директно влијае на сфаќањето на работите/интензитетот на емоцијата. Прво и основно, апсолутно во никој случај не смееше сцената каде што Кети пее “Never let me go“ со перниче во раце како бебе (ултра емотивна сцена во книгата), да биде измешана и да се прикаже Рут како доаѓа во собата, а не Мадам која се расплакува. Тоа е носечка сцена, со тоа што е испуштена таа сцена, испуштено е и објаснувањето на крајот кога ја наоѓаат Мадам и дијалогот зошто навистина се расплакала, носечки идеи во целата книга. Втора работа што е испуштена и измешана е изгубената касета, целата поента е околу второто наоѓање во продавницата од Томи, најемотивниот момент во книгата е унаказен. Во филмот е прикажано како Томи и ја подарува првиот пат во Хејлшем, што е неточно, но моментот на останувње сами и шетање во Норфолк и симбликата зошто таму ја наоѓа касетата и она наивното “Сакам да ти подарам нешто, но да ми кажеш што, бидејќи го заборавив“, убелдиво најемотивните сцени се целосно скратени. Па книгата го носи насловот по таа касета, има огромно значење, не може туку така се да е испуштено и прикажано погрешно. Исто трет момент што ми засмета е дека Кети не стигна да и каже на Рут дека ја послушала и дека ќе ја бара мадам, во книгата кога пристигнува она умира и само се поместува, во филмот е потпрена, стабилна и будно кога и се соопштува веста, уште една симболика која не треба да се измеша. Не сакам да барам влакно во јајцето, ама измешани/испуштени се сцени што ја носат цела тежина на книгата.
Е сега да не сум целосно офтопик и да си рече некој читајќи “овој Филип се ни кажа, не ни кажа за што е филмот“. Филмот е адаптација на романот “Никогаш не оставај ме“ од Казуо Ишигуро, добитник на Нобелова награда за литература. Станува збор за дистопичен филм и роман (иако кај дистопични филмови со реални глумци е многу тешко да се долови дистопичниот момент во целост). Главни ликови се Кети, Томи и Рут, деца во интернат, кои имаат предодредена судбина да станат донори на органи кога ќе пораснат. Гледачите ја имаат можноста преку ликовите да ја разберат целта на домот, целта на животите на децата, внатрешните дилеми со кои се соочуваат, емоцијата која ја носат. Филм за минливоста на животот, безначајноста на нештата, суровоста на светот на возрасните, но и чистата емоција и љубов. Да не ве попишманам, гледајте го филмот, мислам ќе ви остави далеку посилен впечаток ако ја немате читано книгата.