Полицистични бубрези
Што се подразбира под полицистична бубрежна болест?
Полицистична бубрежна болест, означува наследна состојба, која се карактеризира со појава на цисти (мали меури полни со течност) во бубрезите. Најчеста е т.н. адултна форма, но кај деца може да се јави и инфантилната форма.
Овие форми меѓусебно се разликуваат по начинот на наследување и по времето кога најчесто се пројавуваат.
Зафатени се и двата бубрези, но цистите може да се развијат прво во едниот, а подоцна во другиот бубрег.
Цистите растат, компримирајќи го здравото бубрежно ткиво и доведувајќи до пореметување во бубрежната функција. Полицистичната бубрежна болест е една од водечките причини за бубрежна инсуфициенција во светот, зафакајќи луѓе од различно етничко потекло.
Не постои излекување, но болеста може успешно да се менаџерира.
Кои се симптомите?
Во раните стадиуми може да нема никакви симптоми (асимптоматски). Понекогаш, болеста се дијагностицира случајно во тек на медицинско испитување заради други поплаки (на пр. уринарни инфекции). Порано, болеста се откривала дури откако ќе се развие бубрежна инсуфициенција.
Денес, со раширената употреба на ултразвучното испитување може да се открие многу порано, дури во некои случаи уште пренатално (во матката).
Кај понапредната болест може да се јават
следните симптоми:
- Болки во слабините
- Зголемен и болен абдомен.
- Крв во урината.
- Висок крвен притисок.
- Уринарни инфекции.
- Бубрежни камчиња.
Како се наследува?
Полицистичната бубрежна болест е предизвикана од генска абнормалност. Кај адултната форма, родител со полицистична бубрежна болест има 50 % шанса да добие дете со истата болест. Останатите 50% (децата кои не го наследиле генот кој се поврзува со ова заболување), веќе не пренесуваат болест на нивното потомство (болеста никогаш не прескокнува генерација).
Понекогаш болеста може да се јави и во фамилии, во кои претходно немало случаи на такво заболување. Се смета, дека ова може да е резултат на различно наследување, или се работи за свежа генска мутација. Браќата и сестрите на овие болни немаат болест, но таа е присутна кај 50% од нивното потомство.
Присуството на абнормални хромозоми може да се открие со специјални испитувања на крвта. За паровите, кои имаат вакво заболување важно е генетско советување.
Чести компликации
Некои од честите компликации на полицистичната бубрежна болест вклучуваат:
- Висок крвен притисок .
- Крварење во бубрезите.
- Инфекција на една или повеќе цисти .
- Цисти во црниот дроб (секогаш незначајни)
- Анеуризма на мозочни крвни садови.
- Развој на бубрежна инсуфициенција во средните години на животот
Како се поставува дијагнозата?
Цистите обично започнуваат да растат во тек на тинејџерските години. Дијагнозата на полицистична бубрежна болест вклучува бројни тестови:
- Физикален преглед, како што напредува болеста бубрезите се зголемуваат и може да се пипаат.
- Ултразвучен преглед.
- Рентгенски испитувања
- Компјутеризирана томографија.
Опции за третман
Лице со полицистична бубрежна болест може да живее нормално се додека не пропадне околу 90% од фунционирачките бубрези.
Не постои излекување, и не е можно обновување на бубрежната функција. Сепак, редовните контроли може да превенираат и намалат некои од компликациите и да го продолжат бубрежното преживување. Во третманот може да се применат следните опции:
- Редуцирање на протеините во исхраната.
- Третман на покачениот крвен притисок.
- Дијализа, со која се обезбедува филтрирање на крвта преку специјална мембрана за да се отстранат насобраните токсини.
- Хируршко отстранување на еден или двата бубрези (многу ретко, само ако се многу големи или ако предизвикуваат болка која не може да се менаџерира).
- Трансплантација на бубрезите
Каде да се обратите за помош?
- Нефролог
- Клиника за нефрологија, нефролошка амбуланта