- Член од
- 20 мај 2007
- Мислења
- 1.139
- Поени од реакции
- 153
Dear Esther ќе ви послужи како пауза од сите оние насилни, крвави, па и логички игри. Од вас се бара само да имате 2-3 часа слободно време, и да и’ дозволите на оваа „игра“ (да, во наводници) да ве внесе во својот мистериозен свет, кој ќе поттикне многу прашања, а навидум малку одговори. Притоа, подгответе се за едно поинакво искуство, пред кое тешко дека ќе останете рамнодушни.
Се наоѓате на напуштен остров, на сите страни опколени со бескрајното море, и треба да откриете како сте се нашле во таа непријатна ситуација. Со таа мисла на ум, вашето истражување започнува...но веќе по една минута, ќе ги имате испробано сите (или подобро кажано, единствениот) „гејмерски“ елементи во играта. Токму така; се’ што треба да правите е да се движите низ островот, проучувајќи ги природните пејсажи, мистериозните пештери и тајните скриени нa него. Во таа потрага ќе ви помогне единствено одличниот раскажувач (наратор), кој верно ќе ве прати од почетокот до крајот, раскажувајќи за детали од минатото, луѓето кои ги населувале вашите моментални местоположби, па се’ до ситуацијата во која се наоѓате. Но за да не откријам детали од приказната, ќе напоменам само едно: не е се’ онака како што изгледа...
Она што ќе ве внесе во овој свет е дефинитивно атмосферата. Дали раскажувачот со својата одлична комбинација од поезија и проза, дали музиката која ретко кога се појавува, но го прави тоа во вистинските моменти или прекрасните пејсажи... Едноставно оваа игра го има потребното да направи да се чувствувате како токму вие да сте на тој остров. Постојано ќе ве прати чувството дека сте дел од нешто надреално, имагинарно, а сепак вистинито. Ќе сакате да откриете што точно се случувало и како вие сте се нашле на островот, па нека не ве чуди фактот доколу во едно седнување ја почнете и завршите приказната. Но верувајте, за целосно да го „впиете“ сето она што се случува(ло), ќе треба да ја почнете втор, па и третпат... Има тука многу ситни визуелни, аудио и нараторски бисери, кои само чекаат на вашето откривање. Островот, како што ќе напреднувате во приказната, постепено ќе се менува, а со него и посветеноста и емоциите на раскажувачот. А во меѓувреме, во далечината често ќе ја забележувате комуникациската зграда, која бавно и полека трепка, трепка и трепка...
Но Dear Esther потфрлува на истите полиња кои ја прават толку уникатна како едно визуелно искуство. Доколку барате поголема интерактивност и лично присуство во една игра, овде тоа нема да го најдете. Заборавете на какво било пукање, мозгање, размислување, и вклучување на вашите рефлекси. Се’ што ќе најдете е еден интересен, несекојдневен и надреалистичен роман, долг 2-3 часа, и вреден да се одигра барем еднаш. Но, како и со секоја добра книга, ќе сакате да му се вратите повторно, за да ги пронајдете сите оние пропуштени детали кои го прават богат, и онаков каков што вие го посакувате.
ОЦЕНА: 7.5
ПОЗИТИВНО: Фантастична атмосфера, прекрасна приказна, поттикнува повеќекратно играње и смирувачки, иако на моменти и надреалистичен, тон.
НЕГАТИВНО: Завршува за 2-3 часа, речиси непостоечка инволивраност од страна на играчот.