Хронична главоболка-видови на хронична главоболка
Главоболката која со едни исти карактеристики постојано се повторува во еден подолг временски период се означува како хроничнна главоболка. За разлика од акутната главоболка каде релативно лесно може да се открие причината, кај хроничната главоболка често пати дури и вашиот лекар има потешкотии при констатирање на вистинскиот виновник за вашите болки во главата. Сепак во најголем број случаи може да стане збор за една од следниве состојби:
- Тензиски тип на главоболка
- Кластер главоболка
- Мигрена
Тензиски тип главоболка
Тензиски тип главоболка е термин со кој обично се опишува хронична болка во вид на стегање од обете страни на главата. Кога го имате овој тип главоболка се чувствате како главата да ви е ставена на менгеме или како мускулите од задната страна на вратот да ви се силно затегнати. Болката се засилува бавно, одвреме се засилува па ослабува и може со променлив интензитет да ве мачи по повеќе денови во континуитет.
Се смета дека причината за нејзиното настанување е пренагласената контракција (затегање) на мускулите на вратот и черепот. Силното и долготрајно затегање на мускулите води до нивен замор и пропратна болка. Состојби кои обично го нагласуваат затагањето на мускулите на вратот и главата се стресот, депресијата, хроничната анксиозност (раздразнетост). Секое подолго држење на главата во неподвижна положба како на пример при работа со компјутер, гледање низ микроскоп или подолга прецизна работа со рацете може да предизвика тензиска главоболка. Спиење во студена просторија или неправилна положба на главата при спиење може исто така да биде поттикнувач на тензиски тип на главоболка.
Опуштње, релаксација е секогаш добредојдена кај овој тип главоболка. Секоја индивидуа си има свој начин на релаксација кој има најдобар ефект на пример одмор во кревет, масажа, топол туш или пак умерена физичка активност во вид на лесни вежби за раздвижување. Во поедини случаи има потерба од земање полесни аналгетици како аспирин, аналгин, ибупрофен. Кога болката е хронично присутна подолг временски период потребно е да се консултирате со вашиот лекар кој доклоку има потреба може да ви препише соодветни лекови кои имаат својство да спречат повторување на нападите на главоболка (лекови од групата на антидепресиви)
Кластер главоболка
Овој тип на главоболка го добил своето име по карактеристичниот модел на нејзиното појавување и повторување во многу правилни временски интервали. Називот кластер е од англиското говорно подрачје што во превод би значело групирачка главоболка со што се потенцира нејзиното појавување во епизоди кои обично се по три краткотрајни напади дневно во тек на 4-8 недели по што следува период без главоболка во просек околу 1 година.
Болката е типично локализирана околу едното око, а само понекогаш се шири во слепоочниот предел. Истата настапува ненадејно без никакво предупредување и го достигнва својот максимум за околу 5 минути. Болката е исклучиво еднострана и обично на истата страна се повторува во тек на наредните неколу месеци. Еден напад на главоболка обично трае 30 минути до 2 часа. Покрај главоболката од истата страна можни се придружни симптоми како зголемено солзење, вцрвенување на окото, спуштање на ошниот капак и гадење. Во периодот кога се јавуваат нападите алкохолот се јавува како провокатор на истите, но во мирниот период кога постои период на отсуство на нападите алкохолот не може да ги провоцира истите.
Периодичното појавување на нападите е особено прецизно така што еден напад може да се појавува постојано во ист дел од денот и да има постојано исто траење. Понекогаш нападите се појавуваат ноќе и во тие случаи чест знаат да го разбудат човекот од сон.
Причината за појавата на кластер главоболката не е позната иако повеќето истражувања укажуваат на голема улога на мозокот поточно еден негов дел наречен хипоталамус кој кај луѓето со овој тип на главоболка покажува периодично засилена активност под влијание на еден посредник на мозочната електрична активност наречен серотонин.
Лекувањето се состои во земање одредени лекови кои имаат за цел да ги спречат нападите во тек на една епизода. Меѓу овие лекови спаѓаат преднизон, литиум,ерготамин, натриум валпроат и верапамил. Сите овие лекови мора да ги земате само под строга контрола на вашиот лекар затоа што покрај корисните ефекти доколку не се употребуваат правилно можат многу да му наштетат на вашиот организам.