ЧОВЕКОТ КОЈ ГО СПАСИ КАМЕРОН
Говорот кој ја спаси Британија!
19 септември 2014 - 18:49
Човекот кој има најголема заслуга за резултатите од вчерашниот референдум и кој му ја зачува работата на Дејвид Камерон е неговиот претходник Гордон Браун кого Камерон го победи на изборите во 2010 година. Иронично, нели?
Дури и оние кои го исмејуваа и навредуваа велејќи дека е неуспешен вечен ривал на поранешниот премиер Тони Блер денес му се поклонија и го пофалија поранешниот лидер на Лабуристичката партија.
"Daily mirror" кој не беше пријател на Браун додека тој седеше на премиерската фотелја го опиша како уличен борец чија кампања била чудесна.
-Се случи момент...се појави човек, стои во статијата на Daily mirror.
Говорот кој овој Шкот го одржа на последниот ден на предизборната кампања, за многу краток временски период стана популарен и се коментираше на социјалните мрежи. Според странските медиуми а и според коментарите од социјалните мрежи овој говор веројатно е најстраствениот говор во историјата на политиката. Полн со емоции, чуства, гестикулации и воен патриотизам, Браун оддржа лекција за ораторство при тоа истакнувајќи на неколку пати дека сите граѓани од Велика Британија за двете светски војни се бореле заедно.
-Нема гробишта во Европа на кои не се наоѓаат Шкоти и Англичани. Додека се бореа заедно никогаш не се прашаа еден со друг од каде доаѓаат, изјавил тој.
Откако со месеци водеше кампања против отцепувањето на Шкотска од Британија, Гордон една недела пред референдумот вети поголеми овластувања на Шкотска во областа на финансиите, даноците и социјалната политика.
"The Guardian" непосредно пред одржувањето на референдумот во Шкотска предвиде дека доколку не се случи отцепување, тогаш победникот во цела оваа приказна ќе биде Гордон Браун.
Како Браун ја преуреди Британија?
Браун доби значајна улога во цела оваа приказна бидејќи смисли детален план за ново постреферендумско уставно решение во Велика Британија, вклучувајќи ја и новата улога на Горниот дом на британскиот парламент, како арбитер во споровите меѓу четирите земји.
Неговиот план за иднината на Велика Британија вклучува обврска за обезбедување на сигурност и можност за сите кои сакаат шкотскиот парламент да биде признаен како траен.
Британскиот премиер Дејвид Камерон призна дека бил во постојан контакт со Браун и дека се повикал на неговите совети за тоа како најдобро да се спречи одливот на лабуристичките гласови во корист на позитивен исход од референдумот.
Браун (63) дипломирал на Универзитетот во Единбург и за прв пат беше избран да седне во парламентот во 1983 година, заедно со Тони Блер со кого и ја зајакна лабуристичката партија. Сето тоа резултираше со победа на изборите во 1997 година.
Во владата на Блер, беше министер за финансии но во 2010 година и сменет по избивањето на глобалната економска криза. Браун остана во парламентот каде ја преставуваше Шкотска, но според светските медиуми тој во изминатиов период се посветил на мирниот живот на последните парламентарни клупи како и на хуманитарни проекти - се до референдумот.
Алекс Салмонд поднесе оставка!
Првиот министер на Шкотска, Алекс Салмонд и лидер на сепаратистичката шкотска национална партија (СНП), кој беше предводник на отцепувањето, го призна поразот и ги повика Шкотланѓаните на единство. Тој побара од сите да ги почитуваат резултатите од вчерашното гласање, иако призна дека тој самиот е длабоко разочаран од исходот.
Неговото разочарување, но и убеденоста во својот потег да ја предводи Шкотска на патот кон независноста тој доцна попладнево го манифестираше со оставка од функциите.
Од партијата на Салмонд велат дека пред референдумот се разговарало за можноста Салмонд да поднесе оставка доколку гласањето покаже дека Шкотите се против отцепување од Обединетото Кралство, па оттука никој не е изненаден од потегот на лидерот на партијата и прв министер на Шкотска.
Сè уште не е објавено кој ќе го наследи Салмонд на функцијата, јави Си-Ен-Ен.
http://vecer.mk/svet/govorot-koj-ja-spasi-britanija