ВЛАТКО ИЛИЕВСКИ ТВРДИ: "Не откажувам од татковината"
Еден од најдобрите македонски кошаркари, Влатко Илиевски, деновиве, заедно со својата сопруга Ања, ќерка на познатиот словенечки кошаркар Петер Вилфан, и со малиот четиримесечен син Лука, престојува во родната Струмица.
На единственото прашање зошто не се наоѓа на подготовките на нашата репрезентација за претстојните квалификации за Европското првенство, Илиевски како од пушка одговори:
-"Многу сум револтиран на раководството на КФМ, затоа што досега со мене нема направено никаков контакт, за разлика од другите репрезентативци Стефанов, Гечевски, Боцевски, Стак, Чековски и други, кои ги посетија дури во клубовите каде што играат.
Исто така, не сум задоволен ниту од односот на селекторот Јорданчо Давитков, кој досега, ама ниту еднаш, нема контактирано со мене. И покрај сите недостатоци и пропусти, јас сум подготвен секогаш, додека играм кошарка, да ги бранам боите на мојата татковина.
Наскоро се подготвувам да купам стан во Скопје, се со цел да бидам што поблиску до своите и да бидам секогаш на располагање за потребите на репрезентацијата на Македонија.
Не се точни ниту гласините дека ќе играм за репрезентацијата на Словенија. Јас навистина имам словенечки пасош, но не ми е на крај на умот да ги бранам боите на Словенија, иако имам понуда за тоа".
Илиевски се пофали дека деновиве ќе се всели во нов стан во Љубљана, од 160 квадратни метри, вреден 350.000 евра, а ќе го збогати и возниот парк со 80.000 евра вредното ново "БМВ".