Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска ги образложи измените на Законот за јавна чистота. Според него со овој закон ќе се подобри јавната чистота, но и ќе се казнуваат сите оние кои ја загадуваат животната средина.
“Со законот за јавна чистота предвидено е овластување со кое униформираните полициски службеници да можат да изрекуваат прекршочни санкции во мандатна постапка за одделни прекршоци. Казната за физички лица ќе изнесува 50 евра, за плаќање во рок од 3 недели. Ако оваа казна не се плати во одредениот рок, таа најмалку ќе изнесува 150 евра во денарска противвредност“.
Заради обезбедување на јавна чистота на јавните површини, забрането е фрлање и оставање на хартија, отпушоци, мастики, амбалажи како и оставање на стари предмети од домаќинствата.
“Според законот ќе се плаќа казна од 50 евра за колење на кокошки и други животни на јавни места, лепење на плакати на било кое јавно место и вршење на физиолошки потреби ќе“, додаде министерот.
На отворените простори на јавните објекти освен на местата определени за фрлање и оставање на смет се забранува фрлање и оставање на предмети од домаќинството, лисја, гранки, палење, закопување и уништување на смет, како и сечење и складирање на дрва, јаглен и слично. За прекршување на овие одредби предвидено е глоба во износ од илјада до две илјади евра, за одговорните лица во правните лице и глоба во износ од 50 евра за физички лица.
Министерот рече дека “со законот исто така се препишува организаторите на јавни манифестации, митинзи, прослави и други собири се должни по завршувањето на манифестацијата да го исчистат сметот и да го остават на определено место за таа намена. Доколку бидат прекршени овие одредби предвидена е глоба во износ од две илјади до три илјади евра во денарска противвредност за правни лица и трговци-поединци“.
Надзорот над спроведувањето на овој закон е предвидено да го вршат општинските комунални инспектори и инспекторите на државниот комунален инспекторат.
Физичкото лице кое нема да ги плати казните од 50 евра може да му се предложи надминување на последиците од прекршокот да се стори со вршење или сторување на општо корисна работа во траење од 24 работни часа, односно три работни дена за вршење општо-корисна работа.
Нетпрес.