Поддршка за Јања. Во случај сеуште да не ви е јасно за што станува збор, го пренесувам интервјуто со неа од Рингераја:
При посвојување, детето не расте во стомакот, туку во срцето...
Фасцинирани од човечноста на нашата членка агнес77, од нејзината истрајност во долготрајното исчекување за посвојување, од хуманоста да посвои две Ромски близначиња од Македонија, Редакцијата на Рингераја го направи едно од најемотивните интервјуа воопшто. Интервјуто го објавуваме со цел да и дадеме поголема медиска поддршка на нејзината приказна и да ја поддржиме што побрзо да стигне до посакуваната цел – прегратка и топла родителска љубов која му е најнеопходна на секое дете, а посебно на децата од Домот за деца без родители.
Сите те познаваме како позитивна личност која чека да посвои дечиња од Македонија, личност која е заслужна за богатството од содржини за посвојување на Рингераја, модератор и уредник на делот за посвојување и како личност која успеа за кратко време да го научи македонскиот јазик. Која е всушност Аgnes77?
Фала за убавите зборови со кои ме претставивте. Агнес е всушност Јања од Словенија. По образование сум ликовен педагог и доктор на науки, работам на Педагошкиот факултет како асистент за дидактика на ликовното образование. Во слободно време цртам, сликам, пишувам кратки раскази, песни итн. И нормално, многу сурфам на интернет. Така еден ден, кога барав информации за посвојување деца од Македонија, ја открив македонската Рингераја, која пред тоа ја знаев во словенечка верзија. И затоа што многу сакам да истражувам, ми беше многу интересно да научам кирилица и да се обидам да го разбирам македонскиот јазик. Сеуште не говорам македонски, но секој ден разбирам сé повеќе зборови.
Зошто одлучивте да посвоите дете од Македонија?
Има повеќе причини. Прва е таа што во Словенија нема многу деца за посвојување, треба да се чека околу десет години и не е сигурно дека на крајот ќе се добиe дете. Голем број од тие што чекаат да посвојат деца во Словенија, на крајот завршуваат без дете.
Одлуката за посвојување не беше тешка, затоа што Македонија е единствена земја која со Словенија има меѓународен договор за посвојување кој бил потпишан во 2007 година. И уште едена многу важна причина, Македонија е потписничка на Хашката конвенција за заштита на децата и соработка во меѓународно посвојување. Хашката конвенција за посвојување претставува меѓународен договор за заштита на меѓународни посвојувања. Конвенција на Хаг ги има следните цели: приоритетна задача е да спречи киднапирање, продажба или трговија со бело робје на деца и работи на идејата дека меѓународното посвојување е во најдобар интерес за децата. Го признава меѓународното посвојување и ја истакнува како многу битна предноста на постојан дом на детето , поправо кога не е пронајдено соодветно семејство во земјата од каде детето потекнува.
Дали сметате дека сте во предност заради земјата од која потекнувате (високиот стандард, подобрите услови за живот, членство во ЕУ)?
Не мислам така, затоа што тоа би било во спротивност со Хашката конвенција. За детето секогаш е најдобро да биде посвоено во земјата во која се родило. Ако тоа не е можно, тогаш се бара родител во друга земја. Во Македонија, странците можат да посвојат дете, за кое во земјата во која е родено нема посвоител, а тоа најмногу се однесува на ромските и хендикепираните деца. Во Законот за семејство во Македонија јасно пишува кои се критериумите за избор на посвоител , а тоа е добра здравствена состојба, психосоцијален статус, материјални услови, станбени услови, време на чекање, степен на образование, брачен статус и државјанство.
Од моментот кога дознавме за можноста да добиеш близначиња, сите членови на Рингераја навиваме што побрзо да заврши постапката. Можеш ли да ни кажеш до каде е целата постапка?
Бевме пресреќни кога во Април добивме информација дека Центарот за социјална работа не избрале нас за најпримерни посвоители на две ромски девојчиња (близначки) и дека припремиле предлог за посвојување кој го испратиле до Министерството за труд и социјална политика. Сега чекаме одлука од Министерството.
Што најмногу тебе и на твојот сопруг Ви смета во целата постапка на посвојување од Македонија?
Тешко е да се каже, затоа што ние сме многу благодарни што постои можност и ние да станеме родители. Но она што ни смета (и што не зависи од земјата, бидејќи може да се случи во друга земја ) е бирократијата. Понекогаш се прашувам, дали луѓето кои се занимаваат со тие процедури понекогаш помислуваат дека тоа не е само хартија, дека секое име на хартијата е човек за кој секој ден е многу значаен. А кога е во прашање дете, тогаш времето е уште поважно. Ние можеме многу да чекаме да заврши процедурата, иако ни е многу тешко, можеме да чекаме многу години, затоа што сме возрасни луѓе. Но што значи година, две, три или четири во животот на едно дете? Гледајте, времето баш не е на страната на децата кои се во Дом за деца без родители . Со секој ден тие по нешто губат. Истражувањата покажуваат дека за секој месец во Домовите за незгрижени деца, на детето му треба месец или два да го надополни она што го изгубило во развојот. И тоа најмногу ми пречи во посвојувањето, сеедно за која земја се работи. Државните службеници треба да знаат, дека зад секое име стои една судбина. Малото дете може да ги достигне максимално своите потенцијали, ако што поскоро добие дом и семејство. На Рингераја направив еден список на познати личности кои биле посвоени, меѓу кои е и Аристотел. Неговите дела се најважните во историјата на западната филозофија и наука, а неговото влијание врз подоцнежните мислители е од непроценливо значење. До времето на ренесансата сето Европско образование се темели на овие основи. Аристотел исто така бил назначен за учител на Александар Велики. Можете ли да замислите свет во кој Аристотел завршува како сираче?
Дали вие сакавте да посвоите близнаци или ви беше понудено?
Кога ја спремавме апликацијата за посвојување во Македонија напишавме дека со радост би посвоиле повеќе од едно дете, доколку децата би биле биолошки поврзани (на пример брат и сестра), затоа што знаеме дека сите посвоители бараат едно мало бебе, па децата кои се постари, или кои се во роднинска врска потешко добиваат родители. Кога ни беше предочено дека можеме да посвоиме две девојчиња, ние бевме пресреќни. Таквото чувство со зборови не можам да Ви го опишам.
Дали имате предрасуди затоа што се Ромчиња?
Не, никако. Дете е дете. Но тоа не значи дека не размислувавме што значи да се посвои дете од друга етничка група. На интернет има многу информации,за тоа што треба да се размисли пред да се одлучи да се посвои дете од друга етничка група, што тоа ќе значи за околината, а најбитно е како ќе го одгледуваш детето кое еден ден можеби ќе се соочи со дискриминација и предрасудите, заради потеклото. Има многу прашања кои ќе ги решаваме кога ќе стигнеме до таму, но убедени сме дека со развиток на позитивната слика за себе и со стекнувањето на самодоверба, ќе имаме многу успех. Со ваквото воспитување детето може да ги надмине овие големи препреки.
Дали би им ги смениле имињата и би им дале имиња карактеристични за Словенија?
Не, јас никогаш не би можела да му ја одземам на детето единствената благодет која ја добило од биолошката мајка. Ако името е премногу невообичаено за Словенија, тогаш детето може да добие уште едно име, така што ќе има комбинација од две имиња. Едно од биолошката мајка и едно од мајката која го посвоила. Со тоа на детето ќе му покажеме дека вистински го прифаќаме, со сета негова историја и дека ги почитуваме неговите биолошки родители. Ако тие не постоеле, немало да постои ни детето.
Дали планирате на децата да им кажете дека се посвоени и како би го сториле тоа?
Да. Па тоа е многу важен дел во подигнувањето на посвоеното дете. И тоа не е нешто што се кажува само еднаш и никогаш повеќе. Не, за тоа се разговара многу, со цел да се воспостави клима во која детето може слободно да праша сé што го интересира околу посвојувањето. Ако детето не прашува, тогаш родителот треба да започне разговор. Само за пример, кога детето помеѓу три или четири години ќе види бремена жена, мајката му кажува дека таа жена има бебе во стомакот. Детето нормално ќе праша дали и тоа било во нејзиниот стомак, а тогаш мајката ќе каже “Не мило мое, ти беше во стомакот на една друга жена” Така постепено детето добива сé повеќе информации, се разбира во согласност со степенот на неговиот развој.
Дали сами ја дизајниравте собата во која ќе живеат?
Да, идејата беше моја, но практично голем дел направи мојот сопруг кој исто така е ликовен педагог и многу е талентиран за такви работи. Можеби требаше да чекаме да заврши сета процедура, па дури потоа да им ја спремиме собата, но...како да објаснам...Кога некој ќе ти каже дека постои дете кое може да биде твое, тоа е исто како кога жената ќе здогледа две црти на тестот за бременост. Се грижи како ќе помине бременоста, дали сé ќе биде во ред со детето, дали ќе биде здраво итн. Исто е и кај посвојувањето, исто се грижиш како ќе заврши процедурата. Дел од тоа очекување е спремањето на соба за децата. Истовремено се присутни среќа, радост, но и грижа како ќе се одвива се’. Кога посвојувате, детето не ви расте во стомакот, но ви расте во срцето. Немаш ултразвук, немаш ништо, но знаеш дека тоа дете постои, кое иако е 1000 км оддалечено, секогаш е во твоето срце. Со секој ден чекање љубовта кон детето расте и се зајакнува. Прво што помислуваш кога наутро ќе се разбудиш и последната мисла пред да заспиеш...е твоето дете, кое сеуште не е твое. И покрај чекањето, што уште можеш да направиш? Ние направивме навистина прекрасна соба. И не сме единствените кои ги чекаат девојчињата. Нив ги чекаат моите родители, мојата баба и мојот дедо, родителите на мојот сопруг, неговата баба, нашите сестри, браќа, пријатели, соработници, навистина премногу луѓе кои секој ден прашуваат кога ќе заврши процедурата. А јас не знам што да им кажам. Само тоа дека треба многу време и дека мораме да бидеме стрпливи. И така, за што побрзо да мине времето, мојата и мајката на мојот сопруг, мојата и неговата баба, во тоа време многу се подготвуваат...плетат, шијат малечка облека, постелнина и друго, сé со цел малку да го забрзаме времето.
Што е најважно што треба да го знаат родителите кои посвојуваат деца?
Родителите кои посвојуваат деца најбитно е да знаат дека најголемото богатство што можат да му го дадат на детето е нивната љубов и прифаќање. Да знаат дека во семејството нема табуи и дека може отворено да се разговара за сé. Најбитно е да бидат сигурни дека со посвојувањето детето добива семејство кое секогаш ќе биде со него. Во животот ќе постојат среќни и тажни денови, но не е важно каков е денот, важно е сознанието дека детето има дом и родители кои безусловно го сакаат, независно дали има три или триесет години. Љубовта не се купува, ниту продава. Таа се дава од срце. Љубовта нема цена!
Нашиот форум самоиницијативно покрена група за поддршка на Јања. Колку заедно чекаме, плачеме, се радуваме и навиваме со неа прочитајте на нашите форуми (
тука)