И да ја спаси Грција, еврозоната може да се распадне
Привремена помош е доволна за Грција, но ќе останат Шпанија, Италија, Португалија и Ирска, кои не може да се спасат на ист начин. ЕУ треба да воведе построг надзор и да создаде механизам за помош на членките, под конкретно определени услови, смета американскиот инвеститор Сорос
Засега е доволна привремена помош за спас на Грција, но еврозоната е соочена со уште поголеми проблеми што го доведуваат во прашање опстанокот на еврото, оценува американскиот инвеститор Џорџ Сорос.
Во авторски текст во „Фајненшл тајмс“, милијардерот вели дека ЕУ треба да воведе построг надзор и институционален механизам за обезбедување помош на своите членки, при конкретно определени услови. Сорос смета дека е потребен и доброорганизиран пазар на еврообврзници.
- Привремена помош би била доволна за Грција, но остануваат Шпанија, Италија, Португалија и Ирска. Тие заедно претставуваат преголем дел од евроленд за да може да им се помогне на ваков начин. И да опстане Грција, проблемот со иднината на еврото ќе остане нерешен - нагласува Сорос.
Во меѓувреме, Брисел, Берлин и Атина ги демантираа информациите објавени во саботата во неделникот „Шпигел“, дека еврозоната ќе ја спасува Грција со сума меѓу 20 и 25 милијарди евра. Германија, пак, нагласи дека ЕУ треба да воведе построги казни за членките што нема да ги почитуваат ограничувањата за буџетскиот дефицит. Според правилата на евроклубот, буџетскиот дефицит на членките не смее да надмине три отсто од бруто-домашниот производ (БДП), а 16-те држави на еврозоната може да се соочат со санкции доколку ги прекршат правилата.
Но светската криза ги вивна буџетските дефицити на земјите на ЕУ до таван. Грција, чиј дефицит лани достигна 12,7 отсто од БДП, поради тоа е ставена под надзор на Брисел, а делегации на ЕУ и на ММФ неделава во Атина разгледуваат можности за воведување нови мерки за пополнување на буџетската дупка. Владата на Јоргос Папандреу утре ќе се најде пред нов тест, за кога е закажан национален штрајк на синдикатите поради најавените кастрења. Сепак, наспроти стравувањата за социјални безредија, испитувањата на јавното мислење покажуваат дека мнозинството Грци ја поддржуваат политиката на штедење на Папандреу. Според резултатите од анкетата објавена во „Етнос“, 60 отсто од Грците ги одобруваат мерките на владата.
Во меѓувреме, ЕУ соопшти дека Грција не го испочитувала рокот за достава на информации за финансиските зделки со неколку американски банки со кои, според „Њујорк тајмс“, земјата го прикрила долгот за да влезе во еврозоната. Атина се правдала оти го пробила рокот поради штрајк на вработените во Министерството за финансии, јави АФП.
Пангалос: ЕУ нема лидери
ЕУ денес нема политичко лидерство што може да се справи со финансиската криза, изјави вчера грчкиот вицепремиер Теодорос Пангалос. Тој смета дека денешните лидери на ЕУ не се дораснати на задачата за надминување на кризата. Според него, тоа е една од причините за состојбата во Грција зашто ЕУ не ги убедила другите држави дека Атина може да го плати долгот.
- Ако Жак Делор беше лидер на ЕУ, Франсоа Митеран на Франција, а Хелмут Кол на Германија, работите ќе беа поинакви - оцени Пангалос, алудирајќи на бившиот претседател на Европската комисија, поранешниот претседател на Франција и бившиот канцелар на Германија.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=22310101952&id=11&setIzdanie=21917