Постот претставува откажување/воздржување од сите нешта кои се вишок(непотребни) во нашиот живот и сите нешта кои го нарушуваат нашиот живот кој е промислен да биде постојано напредување и тежнеење кон Совршенство. Во тие нешта спаѓаат: храната, однесувањето, работата... Постот треба да го воспостави правилниот однос кон нештата кои се дел од нашиот живот и нештата кои се дел од животот на другите луѓе.
Постот не смее да биде САМО воздржување од лошите нешта туку и тежнеење кон (и воспоставување на) добрите нешта во нашиот живот и во животот на другите. Постот треба најпрвин да ја исчисти целата наша личност(душата и телото) од сите нешта кои ја уништуваат(душевно и телесно) и исцрпуваат(душевно и телесно), а потоа и да ја облагороди. Устата во постот треба повеќе да настојува да зборува добри зборови и да се чисти од лошите. Срцето да биде повеќе исполнето со убави желби и да се празни и чисти од злопаметивоста. Умот наместо лошите мисли да го исполниме со убави, позитивни, оптимистички, чисти, креативни мисли. Да ги негуваме поинтензивно нашите таланти, мислам таленти: некој од нас во работата, некој во креативноста, некој во зборувањето...
Треба позасилено да учествуваме во Литургискиот Живот на нашата (локална) Црковна Заедница, помолитвени да бидеме и во личната и во заедничката молитва (заедничка со луѓето со кои заедно ја сочинуваме Црквата), почесто да одиме во молитвените домови (Храмовите), поинтензивно да ја читаме и проучуваме Библијата и Црковната Литература, да го интензивираме духовното размислување, да се исповедаме, да се Причестуваме. Да ги посетиме осамените, да ги утешиме тажните, да подариме милостиња на сиромасите, да ти облечеме голите, да ги обуеме босите, да ги нахраниме гладните, да ги напоиме жедните, да ги посетиме болните, да ги задомиме бездомните. Да ја зголемиме нашата љубезност, да не лажеме, да простуваме на тие што ни грешат за време на постот и што ни грешеле во минатото.
Алкохолот да не биде присутен во нашиот живот за време на постот. Цигарите - што помалку може да бидат присутни. Да не се оптоваруваме со тешки, мрсни јадења и со месо, млеко. Дури и во посната храна да не се претерува со количината на конзумираната храна.
Типикот е: понеделник до петок без масло, сабота и недела со масло (освен Велика Сабота - саботата непосредно пред Велигден), риба на Благовештение(Благовец) и на Цветници.
Најважно од се’ е постот да не го спроведувате сами, туку да биде под надзор на вашиот Духовник, кој во зависност од вашиот духовен напредок, слабост или воопшто - состојба и во зависност од вашите потреби за храна ќе го прилагодува постот. Не можат подеднакво да постат на храна оние кои се оптоварени со тешка физичка и/или психичка работа и оние кои не се. Но сето тоа ќе треба да ви го каже вашиот Духовник. Можеби е опасно тоа да го правите сами и сами се*е да си правите правило за постење.
Во времето на постот треба да се потсетиме која е смислата на нашиот живот и да се трудиме што поинтензивно да ја реализираме.
Периодот на постот ќе заврши, но здравиот духовен и телесен живот мора да продолжи