Кралската гробница кај археолошкиот локалитет Павла Чука кај прилепското село Старо Бонче е пред целосно откривање. Најновите истражувања донесоа многу нови артефакти за кралската гробница, досега истражувана неколку пати од 1936 година наваму. Таа повеќепати е и ограбувана од диви копачи.
Овој локалитет веќе еден месец го истражуваат археолозите од Институтот за историја на уметноста и археологија од Скопје и од прилепскиот завод и музеј.
Ова е уникатна гробница во светски рамки, вели доцент
Антонио Јакимовски од Институтот за историја на уметноста и археологија од Скопје.
„
Уникатноста на гробницата е поради кружниот ѕид и таква не се среќава не само на Балканот, туку и во светот. Во неа бил погребен, а потоа и кремиран, со сите почести и материјални добра, моќен македонски крал од 3 и 4 век пред нашата ера. Околу гробницата се најдени неколку гроба зашто тоа станало свето место. За жал, материјалните добра се однесени во ограбувањата низ вековите“, вели Јакимовски.
Тука се пронајдени копје на македонската фаланга, сребрен и бронзен накит и чинија, монети со Александар, Филип, Касандар Деметриј… Тука пред шест години се пронајдени и три штита, кои се конзервираат во Охрид.
Според професорот
Виктор Лилчиќ, Македонија е големо археолошко наоѓалиште со најмалку 50 илјади локалитети, но само 10 проценти се истражувани.
„
Овој локалитет е од врвно значење. Тука имало антички македонски град и според наодите упатува дека е таинствениот главен град на античките Македонци-пелагонци. Единственото место каде што можел да се наоѓа тој град, според сите сознанија, е најверојатно овде кај Старо Бонче. Бил на нивоа. Горе на преку 1.400 метри е месноста Висока. Тоа било стратегиско место со контрола на Пелагонија, а долниот дел кај гробницата биле живеалиштата на населението. Сигурно бил со преку 20 илјади жители“, вели Лилчиќ.
http://www.mkd.mk/65308/kultura/vo-kralskata-grobnica-kaj-staro-bonce-kopje-makedonska-falanga/