Властите во Белград интензивно преговараат со обвинетите за злосторства Ратко Младиќ и Радован Караџиќ, кои бараат по пет милиони евра за да се предадат, објави денеска германскиот весник „Ноје оснабрикер цајтунг“ (Neue Osnabruecker Zeitung).
Според истиот извор, „посредничка улога во преговорите, во најмала рака, има и Српската православна црква“. Двајцата воени злосторници, исто така, барале по пет милиони евра, пари со кои би биле згрижени нивните семејства и соработници, додава весникот.
Во веста што денеска ја пренесоа речиси сите германски медиуми се наведува дека „не е јасно кој би требало да ја плати оваа сума. Белград, Брисел или Вашингтон“.
Весникот ја цитира и Флоренс Артман, портпаролката на хашкиот обвинител Карла дел Понте, која наводно изјавила дека во Хаг „знаат каде се наоѓа Младиќ“.
„Ние знаеме дека тој е на дофат на рака на српските власти. И знаеме дека властите во Србија и Црна Гора (СЦГ) исто така знаат“, изјавила Артман за германскиот весник.