Јован Вранишковски направи папазјанија од името
Папазјанија и егзибиционизам е името со кое Јован Вранишковски бара да му се регистрира верска заедница во Република Македонија, оценуваат црковни достоинственици и експерти за прашања на религијата. Според нив, евентуалното судско легализирање на името грко-православна охридска архиепископија - пеќска патријаршија ќе значи официјализирање верска заедница што претставува апсурдна комбинација на имиња.Во МПЦ истакнуваат дека целата стратегија на нивниот поранешен владика Јован Вранишковски, расчинет затоа што и' се приклучил на СПЦ, е да го искористи името на Охридската архиепископија.
- Не може во името на една црква да се наведува тоа дека е и грчка и пеќска, односно, српска. Апсурд би било тоа да го прифати и Српската православна црква. Во светот нема сличен пример за име на верска заедница - вели владика, член на Синодот на МПЦ.
Вранишковски бара да му се регистрира верска заедница откако надлежните органи не дозволија да ја легализира под името православна охридска архиепископија. Според новиот закон за верски заедници и религиозни групи, не може да се регистрира верска заедница што има име и учење слично на име на верска заедница што веќе постои . Македонската православна црква го заштитила своето име во кое постои и додавката дека таа е и Охридска архиепископија. Дилемата што ќе се постави пред надлежните судски органи е дали употребата на терминот охридска архиепископија ќе може да се употребува и од МПЦ и од групата на Јован Вранишковски.Даниел Димовски, експерт за верските прашања, потенцира дека комбинацијата на имињата што ја направил Вранишковски е - егзибиционизам.
- Тоа е мешавина што досега никаде не е направена. Тоа е понижувачка конструкција и за Српската православна црква. Судските власти не треба да дозволат ваква злоупотреба чија цел е да се употреби името на Охридската архиепископија. Ова е и очајнички обид на Вранишковски одново да сврти внимание кон себе - нагласува Димовски.