Црквата на плоштад ќе ја гради МПЦ, а Владата првпат слуша?!
Се комплицираат работите околу тоа кој ќе ја финансира изградбата на црквата на плоштадот „Македонија“. Во случајот се вклучи Македонската православна црква (МПЦ), од каде што завчера дадоа информација дека црквата, а не Министерството за култура, преку донации ќе ја финансира изградбата. Елизабета Канчевска - Милевска, првиот човек во Министерството, вчера ни изјави дека првпат слуша за такво нешто, а во дозволата за изградба што ја издала општината Скопје пишува дека црквата ќе се гради со пари од буџетот. Со тоа, неизвесно е како и каде се искомплицирале работите со изградбата на црква на плоштадот „Македонија“ и кој ќе ја плаќа изградбата за чија сума сите надлежни институции молчат.
Ваквиот тек на настаните се случи откако во јавноста се крена прашина за уставноста на прашањето дали воопшто може со буџетски пари да се финансира изградба на верски објект, па наеднаш се појави МПЦ со штура информација дека црквата ќе биде новиот инвеститор.
Од вчерашниот разговор со Коста Станоевски, генералниот секретар на Скопската епархија, можеа да се извлечат малку информации бидејќи речиси на сите наши прашања тој одговараше „не знам“. Единствениот конкретен одговор беше дека државата го дала како подарок на МПЦ земјиштето на плоштадот „Македонија“, каде што треба да се гради црквата.
Еве како се одвиваше разговорот:
„Нова Македонија“: Господине Станоевски, дали црквата ќе се јавува како инвеститор на изградбата на црква на плоштадот „Македонија“?
Станоевски: Во секоја држава црквата од донации ја финансира изградбата на верските објекти.
„Нова Македонија“: Сопственик на земјиштето на кое треба да се гради црквата е државата. Дали МПЦ ќе го купи ова земјиште?
Станоевски: Тоа е подарок од државата. Нормална процедура е кога се гради црква, земјиштето да и се дава на подарок на црквата.
„Нова Македонија“: Кога и кој ја донесе оваа одлука, со оглед на тоа што до пред извесно време Владата се изјасни дека ќе ја финансира изградбата на црквата?
Станоевски: Не знам, немам информации.
„Нова Македонија“: Како планира МПЦ да ја плати изградбата на црквата, со оглед на тоа што првичните пресметки покажуваат дека станува збор за милионски суми?
Станоевски: Не ме заморувајте сега, ви кажав дека не знам ама баш ништо.
„Нова Македонија“: Во ред, одговорете ни барем дали е официјализирана информацијата дека МПЦ ќе се јавува како инвеститор на изградбата на црквата?
Станоевски: Не знам, има комисија од МПЦ што работи на тоа прашање.
„Нова Македонија“: Кои се членови на таа комисија?
Станоевски: Ви кажав дека не знам ништо.
Првичните информации се дека изградбата на црквата на плоштадот „Македонија“ ќе чини десетици милиони евра, со оглед на тоа што станувало збор за специфичен верски објект, каков што досега не бил направен. Едно градежно претпријатие веќе ја подготвува понудата, но два месеци не може да му одреди цена на изградбата на верскиот објект, бидејќи и во поглед на материјалите и во поглед на изработката црквата била крајно тешко за да се изработи, што дополнително ја крева нејзината цена. Од тие причини, нејасно е како МПЦ ќе успее да најде донации за да го финансира овој прескап објект.
Од друга страна, од Министерството за култура, институција што стои како инвеститор на изградбата на црквата во дозволата за градба на општина Скопје, тврдат дека нема никакви промени во однос на тоа кој ќе ги дава парите.
- Првпат од вас слушам дека има промени во однос на тоа кој ќе биде инвеститорот. Јас од вчера сум на пат во Прага, така што не сум запознаена дека МПЦ ќе биде новиот градител - вели министерката за култура Елизабета Канчевска - Милевска.
Земјиштето на кое треба да се гради црквата е сопственост на државата, а под концесија на 99 години се јавува градот Скопје што значи дека таму не може да се гради без нивна согласност.
Министерството за култура веќе ја доби дозволата за градба издадено од општината Центар, но доколку работите се сменат, тогаш МПЦ треба пак да ја почне процедурата - прво од Министерството за транспорт и врски да бара земјиштето да им се даде како подарок, а потоа од општината Центар да бара градежна дозвола.
Владата, за да не се судри со Уставот, буџетските пари за изградба може да ги префрли на МПЦ на име „донација“, по што фактички за црквата „Св.Константин и Елена“ ќе бидат свртени истите пари.
http://www.novamakedonija.com.mk/De...=2&fCat=1&top=1&EditionID=397&ArticleID=24885