Мистичниот „Алшар“ ќе го одгатне постанокот на вселената
Од злато за турскиот султан, суровини за кремови и козметика за неговите анами, преку антимон за легирање топови до извор на минерал што ќе направи револуција во атомската физика и вселенска технологија, а можеби и ќе ја открие мистеријата на раѓањето на вселената.
Вака со неколку збора би можела да се опише историјата на рудникот
„Алшар“, кој со децении мами интерес кај светската научна јавност и гради митови за херојски подвизи и мистерии, кои почнуваат од антиката, продолжуваат во сегашноста, а за нив редови чува и времето што е пред нас.
Приказните велат дека ретките минерали и кристали што Господ или мајката природа, сеедно, решиле да ги стокмат само тука, и никаде на друго место во светот, им биле познати уште на нашите предци од антиката
Но модерниот мит за македонскиот рудник почнува да се гради на самиот крај на 19 век, благодарение на ентузијазмот и научниот порив на еден унгарски физичар, професор на универзитетот во Будимпешта.
И додека во тоа време битолскиот валија, обременет со ударите што од сите страни ја тресат империјата и го најавуваат нејзиното скоро згаснување, се обидува со експлоатација на рудниците, меѓу кои и „Алшар“, тогаш по турски „Мајден“ (рудник), да ги пополни резервите со злато на султанот, поразвиените империи веќе на големо го освојуваат светот на науката.
Мистериите на универзумот
Така во 1894 година, кај валијата доаѓа универзитетскиот професор од Будимпешта Е. Лоранд и бара дозвола да врши истражувања во рудникот „Алшар“ за научни цели. Валијата, чиј интерес за науката бил на нивото на апсолутна нула, сепак му удоволува на својот гостин, не сонувајќи дека откритието на Лоранд, црвеникавиот минерал своето име ќе го добие токму според него, ќе биде научната реликвија во која денешните научници гледаат решение за мистериите на универзумот, за што зборуваат и гласините дека токму лорандитот од „Алшар“ се користи во експериментот на столетието во огромниот акцелератор на честички на ЦЕРН.
Истражувал кој стигне
Откривањето на минералот од рудникот „Алшар“, како и секое големо откритие, во тоа време со секавична брзина се шири по научните кругови во Европа и во светот. Научните експедиции стануваат сè почести гости на Кожув Планина и рудникот го нотираат како место што врие од ретки минерали и кристали.
Рудникот, кој се протега на површина од 60 квадратни километри, освен злато, крие огромни количества арсен, антимон и талиум. Во почетокот на минатиот век рудникот станува сопственост на француска компанија, која од рударското окно го експлоатира антимонот, кој тогашната француска воена индустрија го користи за легирање на цевките од топовите. Токму по имињата на сопствениците на компанијата, браќата Алатини и главниот инженер што го водел ископувањата Шарито, рудникот го добива денешното име Алшар.
Не е познато кога завршила балканската одисеја на француските браќа, но извесно е дека причината за тоа биле војните што ја зафаќаат Европа и чија главна фронтовска линија во најголем дел се протега на географската територија на Македонија.
Но, интересот за „Алшар“ не стивнува и истражувањата продолжуваат и во наредните кратки години мир, но и за време на Втората светска војна, кога научници од нацистичка Германија, во почетокот на 1940-тите години таму вршат свои истражувања. Познавачите велат дека испитувања во рудникот на средината на седумдесеттите години од минатиот век вршеле и југословенските научници, по налог на власта, но како и другите истражувањата од тоа време биле со краток век. Причините за откажувањето, според експертите, најверојатно лежат во недостигот од финансии и немањето технологија за натамошни експерименти со ретките руди од „Алшар“. Во меѓувреме на вратите на тогашните федерални власти постојано чукаат научници од странски земји, кои бараат дозволи за истражување на рудникот. Се шпекулира дека во најголема тајност, биле водени преговори со германските тимови, но епилогот од нивните сеанси останува непознат.
Кон крајот на минатиот и почетокот на овој век повторно се буди интересот за рудникот, а македонската јавност можеби првпат дознава за богатствата скриени во окната во атарот на селото Мајдан.
Истражувања нема
И додека се плетат митовите и мистериите за уникатниот рудник, окната мируваат, истражувања нема, а во малото село Мајдан со дваесетина куќи чиниш како времето да запрело пред еден век по средбата меѓу битолскиот валија и Лоранд. До Мајдан има околу еден час возење од Кавадарци, по исклучително лош земјен пат. Селото се наоѓа на само неколку километри од границата со Грција.
Педесетината жители, претежно старци, го минуваат времето обработувајќи ги нивите и воопшто не обрнуваат внимание на рудникот и на неизваденото богатството што лежи внатре. Селаните велат дека често оттука минуваат луѓе. Некои се заљубени во природата, некои трагаат по злато, некои го копаат лорандитот, а некои илегално одат за Грција.
- Одвреме-навреме можеш да видиш луѓе тука. Најмногу одат во Грција, каде што работат како сточари. Патот е пробиен речиси до самата граница. Како го направија така го оставија да пропаѓа. Има и понекој златар и некој што го интересира „Алшар“, најчесто странци. Ама ние не можеме да се разбереме со нив - раскажува Митре Рамов.
Неговата сопруга вели дека за Велигден сретнала двајца странци што ваделе руда од окното. Нивните ранци биле полни, а автомобилите биле паркирани пред селото.
- Јас на македонски, тие на странски јазик. Не се разбравме, си одмавнавме со рацете и јас си продолжив на нивата. Вечерата соседот ми кажа дека тие си заминале - вели Елена.
Додека разговаравме со Митре и Елена, на чардакот од нивната трошна куќа, забележавме две лица на ридот над селото.
- Одат накај Грција и ќе се вратат наесен. Тешко им е на луѓето. Сигурно и тие не сакаат да одат и да наемничат - вели Митре.
Откако го испивме кафето за добредојде, тргнавме кон „Алшар“.
До окната од рудникот води тешкопрооден пат, направен од бугарската окупаторска војска во 1942 година. Самото место и не личи на рудник. Две окна во ридот, две напуштени бараки и минипештера, каде што порано се чувале експлозивот и динамитот. Едната е изградена од американските научници што вршеле ископувања пред осум години, а другата од памтивек. И двете се ограбени и соголени. Дури и каблите од бандерите, поставени од американската истражувачка екипа, кои носеле струја до нив се украдени. Во едната барака сè уште стојат сандаците полни со примероци ископани пред десетина години. Никого тоа не го интересира.
- Јас колку што знам први копале тука Турците, и тоа пред пет века. По нив имало француски и англиски екипи. Последни беа Американците. Тие дупчеа до 2.000 метри длабочина. Пред неколку години тука беше и Никола Кљусев. Одржа некој говор, нешто ветуваше и си замина со тајфата. Сега и самиот гледаш дека нема ништо. Дури и чиниите и лажиците ги украдоа - раскажува Митре.
Рамов во педесеттите години од минатиот век работел во рудникот. Во тоа време се вршеле ископувања, а рудата се носела во Скопје на истражување. Митре вели дека не знае што е тоа лорандит и зачудено ги крена рамениците кога ја чу неговата цена.
- Синко, јас не ни знам како изгледа таа руда. Ние ја копавме рачно и ја исфрлавме надвор, а таму ја товареа во два камиони. Надзорниците ни велеа дека ја носат за Скопје да ја испитуваат - вели тој.
„Алшар“ се состои од шест окна нумерирани со цифрите 825, 1, 2, 13, 14 и 15. На ридот уште окната 825 и 1 се видливи, другите се затрупани од времето. Окната одат во длабочина и од стотина метри, меѓусебно поврзани со канали и тунели и сите завршуваат на исто место, во Црвената долина, која се наоѓа на неколку километри од окната.
- Најдобро зачувано е окното 825. Има ѕидови дебели и по метар и пол. Поставени се пред стотина години и уште држат. Тунелите се поврзани и сите завршуваат во Црвената долина. Таа е преку ридот - раскажува поранешниот рудар.
Црвената долина го добила името по бојата на почвата полна со минерали, но и по водата што извира оттаму. Според месното население, водата секогаш е црвена.
- Чиниш како да е крв. Како некој да заклал добиток на изворот - вели Бино Спасов.
Во близината на Црвената долина има уште една реткост - Зелената долина. Месното население го вика тој рид Билје. Таму има огромни количества арсен во почвата и расте само трева и понекоја ендемска синоличка. Месното население избегнува да го водат добитокот дотаму оти ако се напасе паѓа зашеметен од арсенот. Низ селото кружи приказна за некој сточар од околното село Витолиште, кој кога го здогледал зелениот рид веднаш ги донел овците да пасат. Сите до една се отруле. И додека времето крај „Алшар“ тече со своето вообичаено мирно темпо, државата планира местото да го прогласи за природна реткост. Ако се случи тоа, Македонија никогаш нема да се офајди од скриеното богатство во длабочините на „Алшар“ оти никој не ќе може да истражува или да го експлоатира.
Рудно богатство за милијарда и пол евра
Истражувањата покажуваат дека во рудникот има 20 тони злато, а уште позначајно е присуството на талиумот и неговите 32 минерала, од кои 17 ги има само во „Алшар“, потоа, антимонот и арсенот.
Талиумот како ретка руда на светскиот пазар чини 5.000 евра по килограм, а според процените вредноста на вкупните резерви што се наоѓаат во рудникот изнесува околу 1,5 милијарда евра.
- Талиумовата руда во светот се користи за добивање метал, кој потоа се користи во процесот на легирање на висококвалитетни челици. Хемиската индустрија го користи како катализатор - вели д-р Трајче Стафилов, професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје
Пред неколку години „Алшар“ беше даден под концесија на кавадаречката фирма „Рудкоп“, која извесен период вршеше некакви истражувања во рудникот, заедно со екипи од американската компанија „Хасај пало алто“, кои завршија во 2001 година, наводно поради воениот конфликт. Две години подоцна „Рудкоп“ отиде под стечај.
„Малите сонца“
Секако најголемото внимание е свртено кон минералот лорандит. Станува збор за минерал на талиумот, кој, според научниците, во рудникот го има во изобилство. Неговата хемиска формула е ТИАсС2 и е составен од педесет проценти талиум, четириесетина проценти арсен и мал процент сулфур. Што го прави лорандитот толку посебен, освен што го има само во македонскиот рудник и тоа што во најчиста форма и во најголеми количества го има само тука. Според научниците, лорандитот е единственото нешто на Земјината топка што може да ја улови сончевата честица неутрино, која од сонцето до Земјата патува за околу осум секунди и во себе ја крие тајната за создавањето на сончевата енергија.
- Лорандитот, кој е минерал на талиумот, служи за детекција на неутринот, кој има директно потекло од сонцето. Ако се успее да се одвои неутринот од талиумот, нашата планетарна наука ќе го разбие процесот со кој се генерира енергијата на сонцето - вели професорот Блажо Боев од институтот за рударство и геологија во Штип, кој го испитува богатството на „Алшар“.
Ако науката успее да ги одгатне тајните на оваа честица, во иднина би можеле да изградат централи за производство на енергија, кои иноваторите љубат да ги нарекуваат мали сонца, кои би биле неколкупати помоќни, но и еколошки побезбедни од денешните атомски централи.
Сепак, за жал, денот кога ќе добиваме енергија од малите сонца нема да го видиме во блиска иднина, оти темпото со кое се истражува богатството на рудникот не е на потребното ниво. А некоја посериозна иницијатива за соработка со светските научностражувачки центри засега нема.
„Бела земја“
Веднаш над селото Мајдан има природно наоѓалиште на абразивен талк со беспрекорно чиста бела боја. Жителите на селото талкот го користат за чистење на садовите и алатите и велат дека е подобар од кој било детергент произведен во хемиските индустрии. Тие велат оти не се плашат дека „белата земја“ е отровна бидејќи со години ја користат.
- Јас садовите ги мијам со белата земја веќе со години. Момче, поубаво чисти од „вим“ што ми го купува дедото. Едвај го натерав и тој да проба и сега и тој алатките си ги чисти таму - раскажува баба Вила.
http://www.novamakedonija.com.mk/De...=2&fCat=1&top=1&EditionID=382&ArticleID=23584