Црвенковски: Да се соочиме со реалноста
21.04.2009 15:12
Во 21-иот век не е можно една мала држава да биде изолирана енклава, додека сите од соседството се интегрираат во НАТО и ЕУ, изјави претседателот на заминување Бранко Црвенковски на прошталната средба со дипломатскиот кор во земјава.
„Македонија треба да се соочии со реалноста и да најдеме фер компромисно решение за името за да не губиме драгоцено време, бидејќи мала држава како Македонија не смее да си го дозволи тоа“, рече Црвенковски на средбата со дипломатите во скопскиот хотел Александар Палас.
Три од петте постојани земји членки на Советот за безбедност на ОН, Франција, САД и Британија, оценуваат дека иднината на Македонија и нејзиниот просперитет е во евроатлантските интеграции.
„Проблемот со името може да се реши и САД ги охрабруваат Владата и новиот Претседател да го направат тоа. Само со упорност и ставање на преговарачка маса може да се дојде до решение, а истата порака ја имаме се разбира и за Грција“, вели американскиот амбасадор Филип Рикер.
„Да се реши спорот со Грција и тоа прашање во оваа дебата не треба да се заобиколува, да се најде компромис“, се надоврза и францускиот амбасадор Бернард Валеро.
За разлика од дипломатите претставници на членките на НАТО, рускиот амбасадор Владимир Солоцински смета дека членството во Алијансата нема да и помогне на Македонија за развој.
„Очигледно е дека интеграцијата на Македонија во Алијансата нема да и нанесе штета на Русија, прашањето е во друго, дали тоа ќе биде од корист за Македонија и европската безбедност во целина. Според нас не сосема“, рече рускиот амбасадор Солоцински.
И кинескиот амбасадор со оценка дека за развојот на Македонија се потребни добри односи со соседите.
„Пријатели може да се избираат, но соседи не. Пријателството и партнерството со соседите е единствениот пат кој мора да се следи кон иднината“, вели Донг Чунг Фенг.
За Британија идните години за Македонија ќе бидат тешки и поради последиците на светската економска криза.
„За Македонија прашањето кое треба да се реши во следните години, е како да сае справи државата со сите оние прашања кои произлегуваат од разрешувањето на светската економска криза“, изјави британскиот амбасадор Ендру Ки.
„Можеби најдобриот одговор е поттикнување на претприемништво, иновација и креативност“, додаде Ки.
Оценка на сите дипломати присутни на прошталната средба со Црвенковски е дека земјава треба да продолжи со реформите за да добие датум за преговори со ЕУ.