Победа на правото на избор
Одлуката за укинување на веронауката во основните училишта беше топ тема на денот, се разбира.
Сите кои размислуваат здраворазумски би требало да ја поздрават одлуката на Уставниот Суд кој како што гледам единствено прави нешто исправно во државава во последно време. Оние останатите можат слободно да се жалат и да ја нарекуваат одлуката политичка. Па дури и да е политичка, сепак е праведна бидејќи е во согласност со највисокиот правен акт во државава - Уставот, кој владеачката гарнитура го погази многу пати во последниве месеци.
Повеќе и подобро објаснува Натали Н.Сотировска во
едиторијалот на денешен Дневник.
Победа на правото на избор
Младиот пратеник од партијата на власт што сака да го тера имиџот на конзервативец, пред да дава политички изјави за наводни политички мотивирани одлуки на Уставниот суд, би било добро да го прочита Уставот. Темелно. Можеби тогаш нема да го меша правото на верско образование со државното школство. И кога зборува за верско образование, задолжително или не, во европски држави, прво треба да се дораспраша дали тоа се изведува во државните или во училишта што ги основале тамошните верски заедници. Може и да се распраша зошто нашите верски заедници досега не основале такви училишта кај нас, туку сакаат (на ист трошок) да се инфилтрираат во редовното државно школство.Слободата на вероисповедта не се нарушува со исфрлање на веронауката од државните основни училишта. Напротив. Се потврдува. Има деца и родители што не се верници или се од друга вера поинаква од тие што власта одлучи дека треба да се изучуваат кај нас. Не се повредуваат ли нивните права со дадениот избор?
Зачувувањето и обновувањето на верата, православна, католичка, исламска и сите други, не се прави со газење врз Уставот и врз правата на граѓаните што мислат или веруваат поинаку. Ако уставотворците се определиле за секуларна држава, одвоена од верските заедници, сигурно имале причина за тоа. А тоа и не е некоја наша измислица. Секуларноста е вградена во највисоките државни акти на сите демократски земји во светот.Ниту една демократска држава нема ни да се обиде, а камоли да донесе закон со кој некому ќе му наметне изучување веронаука. Сите меѓународни конвенции за човекови права „проповедаат“ дека вероисповедта, верската определба е право и слобода, а не обврска.Власта, а уште помалку верските заедници, не смеат да манипулираат со верските чувства на своите граѓани. Со осуда на тие што не мислат како нив, особено кога станува збор за чувствителните верски убедувања, само прават раздор меѓу сопствениот народ. Зарем не бевме сведоци на речникот на омраза опасен за демократијата, кој премина во насилство на плоштадот во Скопје токму поради прашање што некои го толкуваат како верско, а други како право на слободно изразување на мислата. Различните мислења за изградбата на црква на плоштадот Македонија вештачки ги поделија македонските граѓани на верници и „неверници“, добри и лоши, Македонци и „Албанци“...
Тоа ли е целта?
================================================================
Знам дека (ќе) има инцијатива кај Уставен и за црквата на плоштад... се надевам ќе биде исто така успешна.