Светскиот македонски конгрес ги почитува верските слободи на граѓаните и правото на објекти за вршење на верски обреди, меѓутоа укажува дека џамиите и вакуфските имоти од времето на Отоманската империја не се сопственост на Исламската верска заедница во Македонија, ниту таа има право на наследство врз нив.
“Џамиите од времето на Отоманската империја се споменици на културата на Македонија и нив ги граделе Македонци православни како арач во времето на ропство, а не Турци или Албанци муслимани. Државата може да пренесе право на користење на некои џамии од Отоманската империја за вршење на верски обреди на Исламската верска заедница или на друга верска заедница од исламот во Македонија, како што е случајот со Аја Софија и други во Истанбул, но тоа не може да биде правило за сите“, велат од СМК.
Според Светскиот македонски конгрес, Исламската верска заедница во Македонија не смее да заборави дека џамиите од времето на Отоманската империја се изградени врз основите на македонски православни цркви, но никој не побарал нивно возобновување.
“Ја потсетуваме Владата и министерствата да ги прекинат постапките за денационализација на џамии и вакуфски имоти изградени пред 1944 година, бидејќи тоа не се сопственост и наследство на Исламската Верска Заедница во Македонија.Оттука неосновано е барањето за возобновување на Бурмали џамија на плоштадот „Македонија“ во Скопје или на која и да е друга од времето на отоманското ропство во Македонија. Истовремено ја потсетуваме Исламската верска заедница во Македонија за определување на џамија во Скопје во која ќе се вршат верски обреди за Македонците со исламска религија“, наведуваат од Светскиот македонски конгрес.
Автор на веста: Нетпрес
Објавена на 13.04.2009 13:14:56