ФОТО: Еуфоричен пречек за македонските ракометни херои

Повеќе од илјада вљубеници во ракометот доцна вечерва им приредија спектакуларен пречек на најдобрите македонски ракометари, кои на Светското првенство во Хрватска го освоија 11 место. Илјадници шалови, капи, маици, знамиња со името и боите на нашата држава вечерва беа доминантен дел од кореграфијата на аеродромот "Александар Велики".
Еуфорично, со развеани знамиња и насмевка на лицата, македонските граѓани се обидуваа да стигнат до спомен фотографија со своите миленици.
Илија, Кире, Борко, Наумче, Петар, Никола, Стевче, Гоце, Владо, Филип, Златко, Александар, Ванчо, Горан, Стојанче, Велко, Мите, Влатко и воопшто целата ракометна екпедиција се претопи во толпата, во еден глас ги испеја омилените песни на навивачите, кои не се штедеа и својата поддршка им ја даваа и во Вараждин, Задар и Загреб и минаа моменти кои вечно ќе останат во сеќавање.
Беше отворено и славеничко шампањско, неибежен дел од прославата секако беа традиционалните зурли и тапани.
"На Мудијалот во Хрватска остваривме фантастичен успех. Им благодарам на навивачите за безпрекорната поддршка која ни ја даваа за време на натпреварите, а за вечерашниот дочек немам зборови - едноставно ова е фантастично. Сигурен сум дека ја претставивме Македонија во вистинско светло" - видно среќен и задоволен за Спортнет изјави селекторот Илија Темелковски.
"Ракометарите се нашите херои. Поминавме толку многу километри до Хрватска само да биде со нив, да им дадеме поддршка. Ни вратија на најдобар начин. Ова е најдобра промоција за Македонија во светот" - беше заедничкиот став на присутните навивачи на аеродромот "Александар Велики".
Од аеродромот, конвојот од автомобили и автобуси се упати кон Владата на Република Македонија, каде ракометарите ќе остварат средба со Премиерот Никола Груевски.
И вечерашниот собир уште еднаш докажа дека македонската јавност е гладна за успеси на спортско ниво, потврдувајќи дека спортот е нишка која ја сплотува нацијата.
Автор на веста: Спортнет
Објавена на 29.01.2009 23:54:34