Јас сум христијанин. Каков? Какви што биле Христос и апостолите. Ако тие биле православни, тогаш сум православен. Ако тие биле католици, католик. Ако ти биле протестанти, тогаш сум протестант.
Иронијата е во тоа што сум и католик и православен и протестант, а воедно и не сум ништо од ова - зависно од тоа што подразбирате и како ги дефинирате овие категории.
Католик сум затоа што верувам во една света соборна и апостолска Црква, ама пак и не сум католик затоа што сметам дека таа црква не е институционално една, не верувам во новозаветното свештенство, апостолско преемство, чистилиштето, култот на пресвета Богородица, непогрешливоста на папата и неговата функција во црквата и сл.
Православен сум затоа што верувам дека правилно ја славам верата (согласно Божјиот Збор - Библијата), ама пак и не сум православен затоа што не верувам во сите новотарии што се внесени во онаа црква што денес се нарекува православна. Не верувам во крштевање на бебиња, не верувам во богоугодноста на иконите, митарствата, светите водички и реликвии, не се молам на светци, на блажената Марија, не ја сметам Марија за Царица и Господарка на Небото, не верувам во буквално претворање на лебот и виното во буквални тело и крв Христови (туку дека само симболично ги претставуваат), не верувам во новозаветното свештенство (хиереи, архиереи) итн.
Протестант сум затоа што протестирам против секое небиблиско учење во христијанството, а од друга страна пак и не сум протестант затоа што не протестирам пред папата за правата на Лутеранската црква.
Значи нашата определба зависи од тоа кој и што подразбира под името, фирмата на црквата. Има протестанти што се држат до Библијата и само до Библијата, а има пак и такви кои благословуваат хомосексуални бракови и секакви перверзии во црквите. Така што и изразот протестант не кажува ништо за еден верник, зашто ги има и такви и такви. Истото важи и за католиците, православните и другите верници.
Затоа често користам поинакви изрази за мојата верска определба: правоверен, изворен или библиски христијанин.
Правоверен - затоа што верувам дека правилно верувам, онака како што Христос ни кажа да веруваме.
Изворен - затоа што верувам во она изворно христијанство од 1век, без сите тие додатоци, новотарии, паганизми што подоцна биле накалемени на Христовото христијанство.
Библиски - затоа што не верувам во човечките преданија, обичаи, охристијанизирани паганизми, свети отци итн, туку единствено Библијата ја сметам за Божји збор, за Боговдахновено свето писмо, за единствен духовен компас и авторитет за секој христијанин.