РОБИ ФАУЛЕР ПОТПИША ШЕСТМЕСЕЧЕН ДОГОВОР СО ЛИВЕРПУЛ
"Господ" се врати на Енфилд Роуд
По четири и пол години пауза, Роби Фаулер се врати во Ливерпул. Искусниот голгетер потпиша договор со актуелниот европски првак на само шест месеци, со можност истиот да биде продолжен по преговорите со Рафа Бенитез по завршувањето на сезонава.
"Со задоволство можеме да објавиме дека Роби Фаулер повторно е дел од нашиот клуб. Станува збор за фудбалер кој има постигнато многу важни голови за Ливерпул, и кој сигурно ќе биде одлично засилување за нашата екипа", стоеше во клупското соопштение на Ливерпул.
Фаулер настапуваше за "црвените" од 1993 до ноември 2001 година, и на 330 настапи за најтрофејниот англиски клуб постигна 177 погодоци.
Овој голгетер беше еден од најголемите миленици на навивачите на Ливерпул, од кои го доби прекарот "Господ". Токму поради ова Рафа Бенитез реши Фаулер да го пропушти утрешниот меч од ФА Купот против Портсмаут, и своето враќање во дресот на Ливерпул да го има на Енфилд Роуд, на средбата против Бирмингем што ќе се одигра в среда.
Факти за Роби Фаулер
Дебитираше за Ливерпул во 1993 година на гостувањето против Фулам, и веднаш постигна гол за "црвените".
На вториот меч против Фулам во истата сезона, Фаулер постигна неверојатни пет гол за триумф на "Црвените" од 5:0 на Енфилд Роуд.
Избран за најдобар млад фудбалер во Премиер-лигата во 1995 и 1996 година.
Го држи рекордот за најбрз хет-трик во историјата на Премиер-лигата. Фаулер во 1994 година му даде три гола на Арсенал за 4 минути и 33 секунди.
Во својата кариера постигна девет хет-трика за Ливерпул, седум од нив во Премиер-лигата.
Сисе ја тепал бремената сопруга
Враќањето на Роби Фаулер најверојатно ќе значи заминување од Енфилд за Џибрил Сисе.
Французинот се мачи да се врати во топ-форма, но далеку поголеми се семејните проблеми што ги има. Полицијата во Ливерпул откри дека Сисе минатата недела бил уапсен бидејќи ја тепал својата бремена сопруга. Рафа Бенитез е крајно разочаран од однесувањето на Сисе надвор од теренот, поради што ќе му дозволи да се врати во Франција (најзаинтересирани за неговите услуги се челниците на Олимпик Марсеј.
prezemeno od makednoski sport