АКЦЕНТ
Прасловенскиот акцент бил по место слободен и подвижен, т.е. не паѓал на еден определен слог, ами дури и во парадигмата на еден ист збор можел да се мести на различни слогови. По квалитет бил музикален или тоничен. Се разликувале два акцента: 1. акут- со нагорна интонација, т.е. со постепено подигање на висината на тонот од почетокот на акцентираниот слог кон крајот, и 2. циркумфлекс- со надолна интонација. Покрај акцентот и интонациите, во прозодиските средства на прасловенскиот јазик влегувал и квантитетот на вокалите, т. е. разликувањето на долги и кратки вокали.
Современите словенски јазици, меѓу нив и македонскиот, значително отстапиле од оваа состојба во прасловенскиот. Тоничен акцент се задржал до денеска само во српско-хрватскиот и словенечкиот јазик. Старите должини исто така делум се задржале во српскохрватскиот, словенечкиот, чешкиот и словачкиот јазик, а во другите словенски јазици се загубиле. Во некои случаи и во посебниот развој на нашиот јазик се образувале нови должини. И во однос на местото на акцентот станале често коренити промени, така што денеска полскиот јазик има акцент фиксиран на вториот слог од крајот, а чешкиот и словачкиот на почетниот слог на зборот. И во македонскиот јазик има говори со фиксиран акцент.
Акцентот во нашиот современ јазик е динамичен, т. е. тонските разлики не се јавуваат во него како разликувачко својство, ами тој се карактеризира со силината на гласовниот удар врз акцентираниот слог. Во однос на местото на акцентот разликуваме повеќе акцентни типови во нашиот јазик, за кои ќе стане збор подолу. Во сите наши говори имаме помали или поголеми, па и коренити отстапувања во однос на местото на акцентот наспрема прасловенскиот јазик.
Врз основа на некои претпоставки би можело да се изведе заклучок дека кон 10-11 век уште се чувале интонациите. Но тоа останува само една хипотеза. Со оглед на тоа дека од 13 в. можат во некои текстови да се најдат сигурни указанија за редукцијата на неакцентираните вокали, можеме да заклучиме дека интонациите во нашиот јазик, како и старите должини на вокалите, биле загубени веќе пред тоа време. Имено, услов за редукцијата на неакцентираните вокали е динамичниот акцент.
И во поглед на местото на акцентот станале до тоа време значителни промени во нашиот јазик. Развојот не можеме и во тој поглед поблиску да го следиме бидејќи во најстарите текстови не се бележи местото на акцентот. Тоа почнува поредовно да се бележи дури во текстовите од 14 в. Во нив наоѓаме ред случаи со акцент поместен кон почетокот на зборот. Сп. ги овие случаи од различни текстови од 14-15 век:
мóлити, коýпити, рéче, срéбро, вúно, на сéл[FONT="]ѣ[/FONT],
нúштет[FONT="]ѫ[/FONT]
на прáвот[FONT="]ѣ[/FONT],
вéлик', гóтов', жúвот', зáкон', кóнець, лúце, нáрод' итн. Пренесен акцент имаме забележан во следните топоними во еден грчки запис од 15 в. во црквата Константин и Елена во Охрид:
Двóрци, Сýшица, Чекóвштина.
Со оглед на тоа дека веќе кон 14 в. се бележат зборови со пренесен акцент,
отпаѓа сама посебе претпоставката, искажана од некои,
дека за пренесувањето на акцентот од крајниот слог во нашиот јазик влијаел српскохрватскиот јазик. Преносот на акцентот во српскохрватскиот јазик е подоцнежна појава (15 в.). освен тоа, при споменатата претпоставка се превидуваше дека јужните српски дијалекти го чуваат подобро старото место на акцентот отколку некои македонски дијалекти (западните). За еден наш говор,
костурскиот, денеска располагаме со сигурно сведоштво дека неговиот акцентен тип
бил изграден до 16 в. тоа ни го покажува бележењето на местото на акцентот во речникот на костурскиот говор од 16 в., публикуван од Ѓанели и Вајан. Нема посериозна основа да не претположиме дека и другите наши акцентни типови биле, барем во основното ако не и во сите подробности, оформени до тоа време во текот на средниот век.
Што се однесува до западното наречје, треба да го имаме предвид и ова општо соображение. Во акцентирањето на извесни синтагми, пред сé на состави од атрибут и именка, во ова наречје се чува заправо старото место на акцентот врз атрибутот:
такóв __ човек, белá__ брада и сл.старото место на акцентот е овде зачувано, бидејќи ваквите акцентни целости се вклучуваат во правилото за третосложно акцентирање без да има потреба од пренос на акцентот.
За тоа дека во изградувањето на акцентните типови во нашиот јазик играле важна улога фактори од граматички карактер сведочи различителната служба на нашиот акцент. Во западното наречје таа се пројавува во синтагмите. Така на пример во случаите како
óд дрво: од др’во во западното наречје само местото на акцентот укажува на тоа дека имаме синтагми со различно значење (
падна óд дрво: кутија од др’во). Во источното наречје, каде што местото на акцентот не е строго определено, тој се користи за разликување на форми во конјугацијата. Така имаме:
(да) зафáти – зафатú – зáфати, форми во кои местото на акцентот го разликува презентот, аористот и императивот.
Во нашите дијалекти ги разликуваме главно овие акцентни типови:
- Говори со подвижен акцент. Такви се говорите во Солунско (Сухо, Висока) и малешевско-пиринските, во кои имаме случаи на местење на акцентот во промената на еден збор: глас – гласó, чéлу – чилá, чисáлу – чисалá, úгла – иглáта, глáва – главáта итн.
- Говори со акцент установен главно на вториот или третиот слог од крајот, со повеќе или помалку окситони зборови. Такви се говорите: костурско-лерински, тиквешко-мариовски, кукушко-воденски и др. во југоисточниот дел на нашата земја. Меѓу нив костурско-леринскиот и тиквешко-мариовскиот само по исклучок имаат зборови со акцент на крајниот слог, додека во југоисточните говори тоа е чест случај.
- Североисточните говори отстапуваат од претходниот тип по тоа што во нив е можно акцентирање и врз четвртиот слог од крајот, во случаи како крáставица, лáпавица, вéрверица и др., додека југоисточните говори го отклонуваат таквото акцентирање.
- Говори со акцент установен на определен слог. Во говорот на Бобошчица (Корчанско) акцентот редовно паѓа врз вториот слог од крај. Во западното наречје го имаме третосложното акцентирање: акцентот паѓа врз третиот слог од крајот, до колку е зборот тросложен или повеќесложен (сп. нáродот – нарóдите, вóда – вóдица – водéница – воденúцата – воденичáрката и сл.). Меѓутоа, додека во говорот на Бобошчица акцентот следува автоматски едно правило (секогаш паѓа на вториот слог), во западномакедонското наречје акцентот кај синтагмите може да зема различно место и со тоа да служи како знак за разликување на значењето на тие синтагми, како што тоа го покажавме погоре.
Во сите овие акцентни типови се изразени извесни основни тенденции во развојот на нашиот акцент, само во различна мера или на различен начин. Заедничка појава е префрлањето на акцентот од крајниот слог кон почетокот, особено од крајните отворени слогови. Во западното наречје и во говорот на Бобошчица, па и во говорите костурско-лерински и тиквешко-мариовски (иако во нив со повеќе отстапувања) таа тенденција ги дала своите крајни резултати.
Заедничка појава за повеќето говори е и ограничувањето на акцентот до третиот слог од крајот, т.е. избегнувањето на четворосложното акцентирање (од ова отстапуваат североисточните говори). Во различни наши дијалекти таа појава се остварува по различен начин.
Така, на пример, во членуваната форма од
мáшчеа (со стар акцент на првиот слог) би се добил акцент врз четвртиот слог од крајот. Во некои говори тоа се избегнува со развивање на секундарен акцент:
мáшчеáта (Солунско и др.), така што заправо четворосложниот комплекс се дели на две двосложни ритмички целости. Во говорите како костурскиот тоа се врши по поинаков начин – акцентот во нечленуваниот збор се поместил кон крајот, така што и при нарастувањето на зборот нема да се добие четворосложен акцент
мáшчеа – машчéата. Во западното наречје четворосложното акцентирање се избегнува со поместување на акцентот, така што при растењето на зборот да остане секогаш на третиот слог од крајот:
мáшчеа – машчéата. Дека се работи за дејство на еден ритмички принцип, којшто не допушта по акцентот повеќе од два слога, од сево ова убаво се гледа. Показателно е тоа што во костурско-леринскиот и тиквешко-мариовскиот говор топонимите не го местат акцентот врз вториот слог:
Вúшени, Бéгниште и сл. Причината е во тоа што тие не се членуваат и затоа нема да се дојде при нив до нарушување на споменатиот ритмички принцип.
Ограничувањето на местото на акцентот врз последните три слога е стара карактеристика на несловенските балкански јазици. Такво акцентирање имаме во грчкиот, романскиот и албанскиот јазик.