ГРКОТ ЗОРБА?
Пишува: Данило КОЦЕВСКИ
Нашите новинари и публицисти направија вредни истражувања за животот на Гркот Зорба во Скопје. Главниот лик од познатиот роман на Казанѕакис, од дваесеттите години на минатиот век, сe до својата смрт во 1943 г. живеел во нашиот главен град. Гркот Зорба престојувал во хотелот Ловец заедно со својата единаесетгодишна ќерка Екатерина, додека таа не се омажила за познат скопски трговец. Тој и потоа останал да живее во овој хотел.
Долги години се обидував да ја решам оваа загатка која тешко можеше да се одгатне. Каде се наоѓал хотелот Ловец во кој престојувал Гркот Зорба? Од многуте скопски хотели во тоа време, токму овој најмалку се спомнува. Откривањето на неговата местоположба може многу да ни помогне не само заради ликот на Зорба, туку и заради запознавањето на малку познатата топонимија на Скопје, интересна и од денешен, современ аспект.
По многу години, сосема случајно, наидов на еден документ кој зборува токму за него - за хотелот Ловец. Тоа е документ од периодот помеѓу двете светски војни кој е објавуван и подоцна. Записот зборува за еден скопски настан, една мала драма која се случила во хотелот Ловец, а за која пишувале и тогашните весници. А весниците пишувале бидејќи во настанот се вмешала и полицијата, која на необичен начин уапсила еден од учесниците. Следејќи го овој запис, можеме приближно да ја одредиме местоположбата на скопскиот хотел во кој престојувал Гркот Зорба.
Во овој запис се изнесуваат вакви прецизни детали: “Синоќа, околу 12:45 часот, можеше да се чуе викотница од двајца луѓе кои јуреа од Негошева, кон улицата Крал Петар. Полицискиот стражар г. Драго, кому оваа трка му беше сомнителна, ги запре обајцата. По испрашувањето, дозна дека едниот од нив, Хинко Кестлер, бегал пред другиот, г. Томо, кафе-кувар во хотелот Ловец, поради провална кражба. Полицаецот ги одведе во првата полициска станица каде што случајот е испитан детално”. Што, всушност, се случило помеѓу Кестлер и кафе-куварот Томо? Кестлер бил по занимање хотелски портир, инаку без работа. “Вчера околу 5 часот попладне отишол кај својот познајник г. Томо, кафе-кувар во хотелот Ловец, и го замолил да му дозволи таа ноќ бесплатно да ја преспие некаде во хотелот. Г. Томо му дозволил да спие во една собичка во дворот. Кога околу 12 часот сите легнале, Кестлер станал, поминал низ кујната и претсобјето, па се вовлекол во големата билијардска сала. Притоа не забележал дека на еден билијард спиел самиот г. Томо”. Ете, каков незгоден табиет имал кафе-куварот. Наместо во својот кревет, спиел на маса за билијард. Понатаму вака возбудливо тече приказната. Кестлер “го извадил ножот од џебот што го донел со себе од кујната и ја отворил фиоката во која имало пари. Извадил 180 динари. Кога парите ги ставал во џебот, една дваесетдинарка паднала и заѕвонила. Лесен на сон, г. Томо се разбудил и, онака поспан, се фрлил врз крадецот. Кестлер, меѓутоа, бил побрз и побегнал. По него се стрчал г. Томо и го бркал по улицата Принц Ѓорѓи, потоа по Негошева, сe до Крал Петар, каде што стражарот г. Драго ги фатил”.
Записот дава извонредно драгоцени податоци за тогашно Скопје. Прво, хотелот Ловец имал собичка во дворот. Сите тогашни славни скопски хотели биле стари, ниски градби со двор или бавча. Такви биле и Париз, Лондон, Москва, Русија. Второ, хотелот Ловец очигледно бил еден од “поголемите”, бидејќи имал и голема билијардска сала. Трето, јасно се прецизирани улиците на кои се наоѓал хотелот. Принц Ѓорѓи, Негошева и Крал Петар. Тие биле во самиот центар на градот. Бидејќи “брканицата” започнала од улицата Принц Ѓорѓи, несомнено хотелот се наоѓал на таа улица, а потоа продолжила по Негошева и Крал Петар. Оваа последнава, всушност, е денешната улица Македонија чии корени датираат од 1911 г. Пред тоа, една од главните скопски артерии била улицата Принц Ѓорѓи. Таа водела од Старата железничка станица, кон денешниот дом на АРМ и Феудалната кула, а завршувала на просторот кај денешниот плоштад Пела. Таа денес не постои. Но, кога улицата Македонија (односно тогашниот Јени-сокак) била пуштена во сообраќај, постоеле две главни артерии, паралелни една со друга. Подоцна, улицата Негошева била еден вид “премин” во облик на буквата “Н” која ги поврзувала двете артерии. Тоа јасно се гледа на урбанистичкиот план на Скопје од 1929 г. Од аспект на денешната топонимија, тоа значело дека Негошева го поврзувала просторот околу АРМ со улицата Македонија. По војната, улицата Принц Ѓорѓи е преименувана во Петар Дељан, а Негошева е дел од Иво Лола Рибар, односно денешната улица Димитрие Чуповски, во близината на споменикот на Мајка Тереза (некогашна Католичка црква), и денешниот познат скопски топоним Багат.
Хотелот Ловец се наоѓал во центарот на градот, во близината на АРМ. Славниот скопски боем помеѓу двете војни, Гркот Зорба, не случајно го одбрал тоа место во центарот. Оттука, до боемската кафеана Маргер на плоштадот имало само стотина или двесте метри.
Тој со своето друштво знаел да престојува во оваа кафеана сe до зори. Починал ненадејно во хотелот Ловец. Од овој хотел неговите пријатели го пренеле до неговото последно почивалиште на скопските гробишта.
http://www.kralemarko.org.mk/default-mk.asp?ItemID=1E93F42694F07040B5E1A17A00FA31A0