Омилени стихови од македонски поети

  • Креатор на темата Креатор на темата F84EVER
  • Време на започнување Време на започнување
Поеше - земја галеше
гално галено милено,
поеше - па шепнуеше
меко мекичко свилено
скришни им думи таени.

Нели се земја разгали
сонлива, пазви разгрна,
истури дуњи мирисни
карамфил пупки црвени
леко си раци протегна.

Рацин.
 
Нож- Матеја Матевски

Коренот цица од крвта
мрак и несоница

Не давајте му на ножот
да ја повторува
омразата на железото

Ни во гранките
окрвавени
што растат
во нежната утроба
на небото

Ни во окото на оној што тажи
ни во сонот

Во заборав закопајте го
од каде вратка нема

Да другарува само
оставете го



 
Ленка – Кочо Рацин

Откако Ленка остави
кошула тенка ленена
недовезена на разбој
и на наломи отиде
тутун да реди в монопол –
лицето и се измени
веѓи паднаја надолу
и усти свија кораво.

Не беше Ленка родена
за тија пусти тутуни!
Тутуни – жолти отрови
за гради – китки розови.

Прва година помина
грутка в срцето и легна,
втора година намина
болест ја в гради искина.
Трета година земјата
на Ленка покри снагата.

И ноќе кога месечко
гроб и’ со свила виеше.
Ветерчок тихо над неа
жална и тага рееше:
„Зошто ми, зошто остана
кошула недоткаена?
Кошула беше даровна...“
 
Очи - Ацо Шопов
Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка на погледот срцен,
и секоја капка на твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце.

Другарите беа и морни и гладни
со згорени грла и свиени плеќи
со тап бол се впија во очите ладни
и жалеа оти не ќе пламнат веќе.

Но јас знаев оти пак ке вивнат в жарој
и борците под нив ќе цветат и раснат,
в студените утра ќе греат ко сонце
и никога нема да стијнат и згаснат.

Последната вечер в планинското село,
кај борците беа со дрипава дреа,
со пликови жешки на стапал тешки,
и смрштени чела - згасени, мразни
ко нивните пушки укочени, празни,
и нечујно, глуво, ко здушена реја
се точеше шепот од уво до уво:
"Утре, друже, в зори, страшен бој не чека,
а ние сме малку, - сал неколку души..."

И кога ко игла ти прободе уши -
ти растресе снага и размолска тага,
со лунјени очи широки и волни
ги расече в ноќта здивените молнји!

Ко тогај, ко тогај, о другарко, помниш -
в смрзнатата вечер на пролетта рана,
кај нашата младост и првата радост
ја косеше луто куршумната слана,
а ти чело збрчка, ко тигрица рипна
и летна во ноќта крвава и црна, -
со своите очи што ригаа пламен
ги растопи чашкум челичните зрна...

И после! И после - в последната вечер...
јас нејќам да мислам што потаму стана,
прошталниот шепот ти замрзна в усни,
ти гореа очи под веѓите густи!
Со нивниот пламен и со клетва света,
на заседа тргнав сред мојата чета.

А утринта кога зрив чела ни спраши
ти не беше веќе в редовите наши,
но скипеа борци со одмазда жолчна,
и видов! о видов - кога бојот почна
развихреа сите со твојата сила -
ко елени брзи и лесни ко птица.

А твоите очи се искреа гневно
во нивните потни, распалени лица...

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце.
 
„болот го зборувам,
зборот го болувам-
не го преболувам!
И ќе ме убијат, чинам, еден ден,
убавите жени
и лошите вина...“

Гане Тодоровски
- - - - - - - - -- -- -- -- -- -- -- - -- -- ---- - -- ----------------------------------

Убавите жени

Убавите жени во мојот народ
тие брзо процутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.

О неправда!
Тие им припаѓале на неизбрани мажи,
нивните коси дење сплетени во прцлиња
ноќе распуштени по градите и колковите.
Нивниот постап на препелица
набрзо го сопинала унечка,
нивната младост поминувала
како мирис на липа што го одвева ветрот.
Набрзо тие седнувале на порта
со наведната глава и издадени коленици,
со нечујна издишка.

Убавите жени, несреќните жени
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.

Блаже Конески
----------------------------------------------------------------------------------------------------------

Клуч на светот

ЈАс никогаш не сум бил за дома
туку по светот да се скитам и отклучувам
Штом се заседиш те стига ’рѓа
Ветрот,коњот, пуполката
никогаш не запираат
Ни морето не запира.
Во себе пронаоѓаат клуч и чекор
и секогаш имаат сила
да оплакуваат и оплодуваат
Далечната ѕвезда
поблисак ми е од соседот
и од оној што ме чува
и од оној што ме бара
Во седумте чинии
на мојата вечера-
грмат континенти.

Радован Павловски
 
Денови

Како на вратот ѓердани
ниски камења студени,
така на плешки денови
легнале та натежале.

Денови ли се — денови
аргатски маки големи!

Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси —

ај, пусти да е, пуст да би
останал живот кучешки!

Роди се човек — роб биди
роди се човек — скот умри,
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.

За туѓи бели дворови
копај си црни гробови!

За себе само ’ргај си
за себе маки тргај си —
нижи си ѓердан денови
нижи си алки ковани,

нижи си синџир железен
околу вратот навезан!
 
POCINKA

esenva e mirna,prosvetlena seta,
covek saka negde daleku da sheta.
ubavino,ti me zamoruvash veke.

se ke minam koe so vozbuda mami,
ima takvi mesta kade sto sme sami.
ubavino,ti me zamoruvash veke.

smirenosta e mudra,strasnosta glupa,
ke sednam vo parkot na nekoja klupa.
ubavino,ti me zamoruvash veke.

i dolgo ke sedam so cigara v raka,
vecerta sto ide ke ja cekam taka.
ubavino,ti me zamoruvash veke.

Blaze Koneski
 
Срушени домови

Во корпата за отпадоци
видов прамени од твоето чешлање
кога се будеа птиците и светот,
во огледалото видов поглед
и во погледот многу домови и неба.

Те видов како одиш кон градовите
што ги нема во учебниците по историја
и како креветот се разделува
на ноќ и ден кога те нема
а денот ете станува ноќ
а ноќта засолниште.

Јас немам сонце во моите очи
ниту растенија во испружените дланки
ќе ги совијам решетките
што ги штитат градините
од ноќните патници
ќе го покријам денот
со свилената марама
од твојот врат,
со мирното знаме
од териториите
на нашето осведочено присуство.

Нашите електронски писма
не можат да избледнат,
нашите електронски писма
не можат да избледнат.

Адресите ни остануваат исти
и кога бегаме од овде, од себе
од широчината на нашата прастара зависност

Видов како некој друг ги испишува
нашите имиња на ѕидови од тврдини
и базилики покриени со снег,
ја видов и твојата сенка
како се качува по моето тело
додека ти слегнуваше
по скалите на откриените скривалишта
по сите официјални војни.

Оттогаш секое стакло
ме заслепува
секој отфрлен збор
ми ги покрива очите со тишина
Видов, нашите срушени домови
беа премостување на светот.

На сеќавањето
на сеќавањето
на сеќавањето​

Никола Маџиров
 
ТАТКОВИНА

Кога пристигна бродот во таа далечна земја
Тој виде непознат народ поседнат на брегот
И јадри ѕвезди на небото.

Што носи кога го прашаа
Тој покажа врзана шамија со земја
А кога му ја истурија заплака:

-Татковина е тоа, рече тој, и саноќ
грутка по грутка и прашинка по прашинка
ја собираше.

Анте Поповски.
 
Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го во тишина
тишината сама ќе го рече...

Ацо Шопов

Ништо не е повидливо,
и ништо не е попристуно од твоето отсуство.

Петре М.Андреевски
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom