Кон галебот што кружи над мојата глава
Галебе мој,
не слетувај на моите очи.
На тие брегови откинати ниеден пристан нема.
Зарони во сите длабочини,
надлетај над сите височини
и дај виделина да земам!
Галебе мој, јас очи веќе немам.
Не слетувај на моето срце!
Галебе мој, срцето не е мое:
мини низ сите предели неминати,
крај сите живи, непознати, загинати.
Загледај во сите осамени, сите разделени,
и сите ледени врвои и сите ливади зелени,
и чуј -
додека твоето крило над нив мирно се вие -
како немирно во нив моето срце бие!
Не слетувај галебе мој,
врати се пак во јатото.
Јас сум лотка, осудена
на судир со непознатото.
Ацо Шопов
Водно
На една предесенска падинка, на Водно,
со благо сонце и со мирисна скритост,
тројца лежевме на грб, загледани во небото,
три одамнешни тела
што ја загубиле својата витост.
Топлината на земјата беше милосрдна
и не беа против нас багремите што венат -
и она благо синило, се` поспокојно кон вистината
и се` подалечно натаму,
го води погледот, и модри дамки го сенат.
И бевме веќе сосем во него, откинати
од тежеста што по земи не` влечка -
следејќи в бескрај една виолетова нијанса
што ветува се` да распреде
за усмевнатата, предоживеана, мудрост дечка.
Но нишката стануваше се` потенка и безболно се скина,
и ние бевме благо потурнати пред тајните двери,
оставени на милозливоста на сонцето предесенско
што разбира секого
и што со утеха цери.
Тогаш разменивме два - три обични збора
што враќаат кон земјата и звучат без мака.
И бевме задоволни што можевме да го потупаме грбот на зрелата падинка
со рака.
А кога заслеговме, сонцето беше на заод,
и сите прозорци на градот под нас имаа пројаснети зеници,
и обнадежени, нашите чекори газеа леко по патчето,
и бевме сигурни дека носиме добрина долу -
како некогаш, кога бевме млади занесеници.
Блаже Конески