Силекс по трет пат со пехарот на "Вуко Каров"
*Голманот на кратовци Божиновски ги одбрани ударите на Емини и Мемеди што беше доволно за вкупен триумф во пенал-рулетот од 4:1
СИЛЕКС - РЕНОВА 0:0
Градски стадион во Кавадарци. Гледачи: 500. Судија: Александар Ставрев. Помошници: Марјан Кировски и Игор Ширилов (сите од Скопје). Делегат: Тони Шалев (Кавадарци). Ж.картони: З. Бошковски (С); Деспотовски, Ангеловски (Р).
СИЛЕКС: Божиновски, Лампевски, З. Бошковски, Мишковски, Петров, Глигоров, Темелков, Трајчев, Стојановски, Марковски, Трајчов.
Уште играа: Шалевски, Џалевски, Шакиќ, Насевски
РЕНОВА: Ковачевиќ, Мицков, Мемеди, Гаши, Деспотовски, Статовци, Бајрами, Адеми, Али, Нухиу, Јанчевски
Уште играа: Емини, Игњатовски, Ангеловски, Гафури, Османи, Абдулаје Гаје.
Викендов во Кавадарци, по три години пауза повторно беше одржан меѓународниот турнир "Вуко Каров", оваа година тринаесети по ред. Кратовски Силекс по трет пат во историјата го освојува пехарот. Вчера на Градскиот стадион во Кавадарци, кратовци беа подобри во финалето од Ренова и тоа по изведувањето на пеналите откако регуларниот дел заврши без голови. Херој на Силекс е голманот Даниел Божиновски кој успеа да ги одбрани ударите на Емини и Мемеди и со тоа најмногу да допринесе за триумфот во финалето. Од вкупно три удари за Ренова, само Гафури погоди, а за Силекс прецизни беа Темелков, Бошковски, Шакиќ и Џалевски за конечни 4:1 во пенал серијата. Иако Ренова беше фаворит, сепак пехарот и првото место отидоа во рацете на Силекс, кој оваа година по трет пат се закитува со овој пехар. Претходно овој тим го освојуваше првото место во 1996 и 1997 година. Што се однесува до регуларните деведесет минути, малкубројната публика можеше да види интересен и возбудлив натпревар пред се во второто полувреме. Првите 45 минити се играше израмнето на двете страни, со по неколку шанси за Силекс и Ренова. Во првиот дел од мечот Силекс пропушти неколку убави шанси пред се преку Глигоров и Дарко Трајчев, додека најдобрата шанса ја имаше Марковски во 43-тата минута кога од само пет-шест метри не успеа да го погоди голот на Ковачевиќ. Ренова во провото полувреме се закануваше преку Али, Бајрами и Јанчевски, но шансите останаа нереализирани.
Во вториот дел поотворена игра на двете страни. Неколку измени на двата тренера и секако играта зе раздвижи. Првата најдобра шанса ја имаше Бајрами во 50-тата минута кога по додавањето од Јанчевски не успеа да упати удар од непосредна близина. Шансите во вториот дел беа целосно на страната на Ренова, па така фудбалерот од Мавританија, новајлијата Абдулаје Гаје имаше добра шанса во 65-тата, но го промаши голот од само пет метри. Неколку минути подоцна Деспотовски се посрамотува кога само од неколку метри биеше високо над голот. По оваа шанса, речиси ништо сериозно не се случи покрај неколкуте добри шутеви кои беа закана за голот на Силекс. Во вториот дел кратовци речиси и не се видоа, но сепак на крајот успеаја да обезбедат 0:0, пенали и секако на крајот пехар. Како и да е, мора да се потенцира доколку теренот беше подобар секако дека ќе гледавме поквалитетен фудбал. Но и вака, љубителите на фудбалот во Кавадарци можеа да уживаат во добар фудбал прикажан од страна на квалитетни екипи. Секако мора да се потенцира дека томаќинот навистина се потрудил околу организацијата и заслужива пофалби. На крајот беше ветено дека идната година ќе биде одржан и 14.тиот по ред традиоционалец меѓународен турнир "Вуко Каров". Инаку во саботните натпревари Силекс го совлада Тиквеш со 1:0, додека Ренова беше подобра од Пирин по изведување на пенали со резултат 8:7. Регуларниот дел заврши 1:1.
Е.Р.
Третото место за домаќинот Тиквеш
ТИКВЕШ - ПИРИН 1:0 (0:0)
Градски стадион во Кавадарци. Гледачи: 500. Судија: Горан Спиркоски (Прилеп). Помошници: Горан Димитров и Марјан Петров (Кавадарци). Стрелец: Ранготов 80' (Т). Црвен картон: Димов 83' (Т)
ТИКВЕШ: Таневски, Варелов, Темков, Тодоров, Димов, Тодоровски, Ластов, Петровиќ, Настов, В. Станоев, Стојановски
Уште играа: Смилевски, Ранготов, Н.Станоев, Грков, Велков, Гацев, Прескакулев
ПИРИН: Љусев, Бахамов, Илиев, Самокишев, Мачков, Шандов, Крстев, Илчев, Крушовски, Шишков, Карачоров
Уште играа: Близнаков, Калапаџиев, Лапаитов, Шериф, Гуцев, Спириев
Третото место на турнирот му припадна на домаќинот и организаторот, фудбалскиот клуб Тиквеш. Нашиот третолигаш беше подобар од бугарскиот тим Пирин (Гоце Делчев) со 1:0. Голот беше дело на Ранготов во 80-тата минута. Напаѓачот на домашниот тим биеше од слободен удар, но го погоди "живиот ѕид", топката се врати до него и секако од вториот обид ја погоди пречката на гостите од Бугарија за конечни 1:0. Последните седум минути Тиквеш ги одигра без исклучениот Димов кој заработи директен црвен картон.
Кратовци ги собраа сите награди
Секако освојувачот на турнирот, Силекс ги собра речиси сите признанија и во поединечна конкуренција. Наградите за најдобар фудбалер и голман отидоа во рацете на фудбалерите од Кратово, додека наградата за најдобар стрелец ја понесе Виктор Шишков од ФК Пирин. За најдобар фудбалер беше прогласен Глигор Глигоров, а за најдобар голман секако херојот на Силекс во пенал-рулетот со Ренова, Даниел Божиновски.