Металург 1 победи со 2-0, но Металург 2 загуби со 0-3
Амбициозниот скопски прволигаш Металург прокоцка предност од два гола против петтопласираниот узбекистански клуб Машал и загуби со 2-3 на седмата контрола на „железарците“ во турското монденско летувалиште Анталија, каде што се на подготовки до петок.
Металург играл одлично 75 минути од мечот, а потоа паднал во финишот откако тренерот Ѓоре Јовановски го сменил комплетниот тим на теренот. Металург до водството стигнал преку Бојан Спасојевиќ по одлична асистенција на Баже Илијоски и со голот од пенал на центарфорот Илијоски по прекршокот врз Стефановиќ.
- Одлично одигравме во тие 75 минути. Имавме игра, можевме да дадеме уште три-четири гола, но потоа паднавме. Го плативме данокот на неискуството, затоа што дел од играчите првпат играат вакви мечеви - рапортираше Јовановски од Анталија.
Ова беше четврти пораз на Металург, кој досега загуби и од романските Оцелул Галаци (1-3) и Снагов (1-3), како и од надежната младинска репрезентација на Белорусија(0-6). Победени беа бугарски Мињор (1-0), словачко Кошице (1-0) и украинска Таврија (3-2). Последниот осми меч, Металург ќе го одигра в четврток, против Австријката Адмира Вакер.
Јовановски е презадоволен од подготовките по кои, за разлика од минатата полусезона, во оваа „железарците“ ќе имаат нов лик. Полека и српските засилувања се аклиматизираат на тимот, а и екипата се уигрува, откако беше направена коренита промена на кадарот. За вчерашниот меч, само голманот Манчевски и Бразилецот Нено не беа во комбинација поради ситни повреди.
Во првиот дел, Јовановски излезе на мегдан на Узбекистанците со Тасевски, Бишевац, Ѓоргиевски, Докниќ, Јовановски, Цветановски, Шабани, Ѓуриќ, Стефановиќ, Спасојевиќ и Илијоски. Во второто полувреме играа уште Наумовски, Дончевски, Донев, Милушев, Михајловиќ, Јашаровски, Смокоски, Ѓурчевски, Поповски, Велковски и Стојановски.